Господине Гарет, на три дена пред официјалното објавување, какви се Вашите очекувања од октомврискиот извештај на Европската унија за напредокот на нашата земја?
Сè уште не сум го видел извештајот, како што знаете, се пишува во Брисел и е производ на многу разговори помеѓу 28 земји-членки и Комисијата. Со оглед на тоа дека не сум го видел, не можам да кажам што ќе има во него, само што би очекувал, а тоа е оценка на статусот на Македонија во различни области, каде имало напредок во изминатите 12 месеци, а каде би требало Македонија да поработи во идниот период. Очекувам да биде балансиран извештај.
Реална ли е опасноста за Македонија да ја изгуби препораката за почеток на преговорите со Европската унија?
Да, како што реков, извештајот е производ на мислењата на 28-те земји членки, а сите тие имаат различен став за статусот на напредокот на Македонија. Некои од нив изјавија дека Македонија е под копенхагенските критериуми, додека други сметаат дека Македонија ги исполнува. Сè додека постои таа дебата во Европската унија, постои ризик Македонија да не добие препорака. Британија смета дека Македонија е над границата на копенхагенските критериуми, но дека има области во кои треба сериозно да се работи. Ние би сакале да продолжиме да работиме со Македонија, да помогнеме во различни области.
Од друга страна, пак, што значи добивањето на препораката ако работите на домашен терен не се менуваат?
Не би рекол дека работите не се менуваат во Македонија и дека сликата е само негативна, иако како што споменавте има некои проблеми, околу политичкиот дијалог и некои реформи, но и напредок. Целта на препораката е во тоа што таа покажува дека доколку имате позитивна препорака, тоа го одразува консензусот во Европската комисија за европскиот пат на Македонија. Но, таа е само еден од клучните чекори во долгиот пат на Македонија за членство во Европската унија и треба прилично да се сработи.
Според вас, на реформите во кои области треба повеќе да се работи?
Има различни области, но би споменал три. Секторот правда, каде што има напредок, но и уште треба да се работи, затоа што судски систем кој работи ефикасно е основа за земјата, основа на демократско и фер општество, а во земјава е битно за добри меѓуетнички односи, како и основа на просперитетот, затоа што бизнисите можат подобро да работат кога има цврсто владеење на правото, а земјата може да привлече инвеститори. Втора се медиумите, затоа што без силни медиуми една демократија не може правилно да функционира и тие се клучни за фер општество. Трето, меѓуетничките односи. Една од работите што јас ги увидов откако сум дојден е дека ова е многу битна област за иднината на земјата. Често се зборува за тоа што е или не направено во оваа област, по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Но, многу малку слушам за иднината на меѓуетничките односи, која е визијата, во поширока смисла, што би сакало целото население за земјата, за Македонија со добри меѓуетнички односи, што е многу битно. Исто така, би додал дека можеби е фрустрирачки за многу Македонци да доаѓаат луѓе однадвор и да ви даваат оценка за состојбите внатре, и тоа го сфаќам, но мислам дека тоа понекогаш овозможува да се добие поконструктивен поглед.
И покрај обидите да се одмрзне политичкиот дијалог во земјава, очигледно е дека нема напредок на тој план. Како ја коментирате оваа појава и кои се последиците од истата?
Мислам дека е многу битно, за многу луѓе, институции и за демократијата во земјата, и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Сметам дека е многу битно обете страни да се соочат со ситуацијата во најбрз рок. Што поскоро ќе имаме целосно функционален парламент во Македонија, толку побрзо ќе продолжиме напред и ќе спречиме штета која може да произлезе од подолг период на политички ќорсокак. Во однос на краткорочните последици мислам дека треба да се почека извештајот за напредокот, но, на долг рок или можеме да имаме ситуација каде ќе се вратиме во состојба пред да се случи бојкотот или да се разгледаат подлабоко долгорочните прашања и да се искористи ситуацијата, тоа е можност за обете страни, и треба да целиме кон долгорочни последици со придобивка, наместо негативен исход.
Кога веќе го споменавте функционирањето на парламентот, што значи за една земја отсуството на опозиција во законодавниот дом?
Мислам дека е штетно. Во една млада демократија потребно е постојано да се зајакнуваат институциите, а во моментов тие се ослабени. Исто така треба да земеме предвид дека третина од граѓаните кои гласале на изборите, го дале својот глас за опозициските партии кои сега не се во парламентот. Тие луѓе сега не се застапени, гласот не им се слуша, претставниците кои ги избрале не влијаат врз законодавството и дебатата. Парламентот е основа на демократијата, местото каде што се случува националната дебата и се слуша гласот на јавноста, а во моментов тоа не се случува и е штетно.
Генерално, како го оценувате степенот на демократија и политичка зрелост во државата?
Како и во секоја млада демократија. Младите демократии низ светот се соочуваат со слични предизвици кога ги развиваат своите институции за тоа во која насока да тргнат, а Македонија не е исклучок. Мислам дека има позитивни знаци. Извештајот на ОДИХР по изборите спомена многу позитивни работи за спроведувањето на изборите, но има и негативни аспекти, како политичкиот дијалог, бојкотот на парламентот како и други кои ги споменува извештајот, во однос на изборната кампања, има повеќе состојки. Мислам дека многу може да се направи да се зајакнат институциите, не само Парламентот, но и во самиот Парламент има комисии кои треба подобро да работат, да создаваат поквалитетни закони и дебати за земјата. Исто така, медиумите кои се основа за демократијата, да се во подобра позиција. Граѓанскиот сектор е исто така многу битен, сретнав многу исклучителни луѓе и организации од овој сектор и мислам дека можат да бидат посилни и значително да придонесат кон општата дебата.
Споменавте дека медиумите се областа во која треба повеќе да се работи. Амбасадоре, сметате ли дека Македонија има проблем со слободата на изразување?
Медиумскиот сектор во Македонија е во тешка состојба, како и во многу земји низ светот, се соочуваат со прашања од комерцијална природа, со опаѓање на циркулација и рекламирање, што се проблеми за секој бизнис кој сака да опстане во медиумскиот сектор. Но, има и некои други прашања. Имам впечаток од разговорите што ги имам со луѓето низ земјата, на уредниците им е полесно да кажат некои работи, а некои работи не. Ова не е добро, затоа што имате еднострана дебата во медиумите, тогаш немате цврст придонес во демократијата, не можете да ги добиете најдобрите резултати, одлуки и мислења. Во британската администрација имаме едно неформално мото да се изговори вистината пред моќта, да се обезбеди одржување соодветна дебата пред владата, не само она што таа сака да го чуе и ова го земаме за сериозно. Мислам дека ова е универзална вистина за секоја демократија.
Кои се вашите очекувања од натамошниот развој на грчко-македонскиот дијалог?
Мислам дека овој дијалог трае многу долго и тешко е да имаме високи очекувања на краток рок. Но, имам високи очекувања на долг рок. Не мислам дека ова прашање е нерешливо. Со вистинско лидерство, храброст и флексибилност од двете страни, може да се дојде до решение, кое ќе биде компромис и како и секој добар компромис може ќе им даде чувство на двете страни дека нешто изгубиле, но тука е на тест флексибилноста, лидерството и храброста. Мислам дека има простор за решение. Со оглед на тоа што трае многу долго и е политичко прашање, во тие услови битен е тајмингот. Потребно е лидерите, владите од двете страни да се фокусираат на тајмингот, кога ќе бидат подготвени да се произнесат, а кога ќе се подготвени брзо да дејствуваат. Во меѓувреме да се прави сè да се има вистинска атмосфера за решение, да се обезбеди да има доверба од двете страни во однос на соработката која може и која ја имаат двете земји, да се нагласи и да се искористи можноста кога ќе дојде.
Велите дека за двете страни е потребна флексибилност, лидерство и политичка волја. Сметате ли дека двете страни се подготвени за тоа за да се откочи ова прашање?
Да, иако можеби не е секогаш очигледно затоа што има многу врева за ова прашање и во двете земји и ако се слуша само таа врева, тогаш се создава негативна слика дека двете земји се многу далеку. Но, ако се слушнат потивките гласови, кои зборуваат за поразумен пристап, тогаш може да се слушне дека е во интерес на Македонија да има решение и е во интерес на Грција да има решение, да, мислам дека е можно.
Светот е исправен пред заканите од глобалниот тероризам и влијанието на Исламската држава. Токму од регионот заминуваат голем број млади кои во Сирија и Ирак се борат во редовите на милитантите. Како очекувате да се однесува Македонија и на каков начин таа би можела да се вклучи во борбата против ИД?
Мислам дека најбитното својство на ова прашање е дека е меѓународно и она што е битно и за Македонија и за други засегнати земји како Британија, Франција и други, е да има меѓународна соработка, а Македонија е поставена добро, придонесува во меѓународни сили, во Авганистан, како и други аспекти на меѓународна соработка, а ние ги поздравуваме и законските измени кои беа донесени неодамна за борците на странски фронтови. Накратко да одговорам, да, треба да продолжи со работата.
Како гледате на однесувањето на Македонија кон украинската криза и дали сметате дека отпишувањето на коридорот 10 на Европската унија како приоритетен проект е своевиден одговор на Унијата за однесувањето на Македонија и Србија кон санкциите за Русија и проектот Јужен тек?
Не гледам поврзаност помеѓу двете работи. Стратегијата за Коридорот 10 е утврдена пред неколку години врз проценка на транспортните потреби на ЕУ во Југоисточна Европа. Во однос на Украина, Македонија се усогласи со она што го кажува ЕУ и тоа е добредојдено, го поздравуваме. За прашањето на санкциите мислам дека би било многу силна порака доколку Македонија реши да се приклучи. Мислам дека нема многу во прашање на комерцијален план, но испраќање на порака за солидарност со Европската унија би била многу силна.
Каква е оценката за економската соработка меѓу двете земји и дали британските инвеститори ги привлекува македонската бизнис клима?
Спомнав за ова накратко во контекст на владеење на правото. Многу земји во транзиција имаат работи кои може да се подобрат, а владеењето на правото е едно од нив. За можните инвеститори е многу битно да знаат дека можат да имаат предвидливи очекувања и можности, еднаквост во однос на правосудниот систем, тоа е област што може да се подобри. Но, генерално Македонија е многу привлечна за британските бизниси. Има некои позитивни примери како на пример Џонсон Мети, кои неодамна беа сместени во 100 најдобри бизниси во регионот, има нови инвеститори како Ендава во софтверскиот сектор, или Комфи енџел, британско-македонска соработка кои вработуваат околу 1000 луѓе во Прилеп. За овие бизниси Македонија е добро место за работа. Има и некои помали, но значајни примери на зголемен интерес за македонски производи во Британија, на пример, Маркс и Спенсер почнаа со продажба на македонски вина пред една година, а тоа резултираше и со повеќе публицитет во британските весници за производи од регионот. Има интерес, има место за подобрување, но има простор и за во иднина.
Дали бевте изненадени од референдумот во Шкотска и како мислите ова ќе влијае на другите земји кои се залагаат за независност?
Не е лесно да кажам дали бев изненаден или не. Додека да дојде времето за референдумот анкетите покажаа дека кампањата за „не“ веќе водеше, така што не беше изненадување, но би се воздржал од судови, со оглед дека беше многу битно прашање за Обединетото Кралство. За прашањето како ќе влијае на другите земји, мислам дека треба да ги прашате нив, јас како Британец не можам да коментирам за нивната ситуација. Во однос на референдумот и кампањата врзана со него, можам да кажам дека Британија може да се гордее како значаен пример на динамична витална демократија, 85 отсто излезност на гласање, кампањи кои беа спроведени на конструктивен начин, многу добар пример на енергична и жива демократија и ако тоа се пресликува во други земји, тогаш тоа е добро.