Достапни линкови

Лавров: планираното проширување на НАТО на Балканот, провокација


На прашањето како официјална Москва гледа на можноста за натамошно приближување на Западен Балкан, односно перспективата на Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина да станат полноправни членки на НАТО, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека станува збор за провокација на Алијансата.

„Што се однесува до проширувањето на НАТО, според мое гледање, тоа е грешка, дури и провокација во одредена смисла. Тоа на некој начин е неодговорна политика која ја поткопува определбата да се гради систем на еднаква безбедност во Европа. Еднаква за сите без оглед дали некоја земја е членка на овој или на оној блок или не.“

изјави Лавров во интервјуто за весникот „Дневни Аваз“. Русија има енергетски интереси на Балканот, како и историски врски со регионот.

Но, влијанието на Москва ослабе како што земјите од поранешна Југославија почнаа да бараат членство во Европската унија и НАТО. Најблиску од сите да ја достигне таа цел е Црна Гора.

Што се однесува до проширувањето на НАТО, според мое гледање, тоа е грешка, дури и провокација во одредена смисла. Тоа на некој начин е неодговорна политика која ја поткопува определбата да се гради систем на еднаква безбедност во Европа. Еднаква за сите без оглед дали некоја земја е членка на овој или на оној блок или не.

Напорите на Босна и Херцеговина се во заложништво на етничките расправии што ги забавуваат неопходните реформи, додека Македонија останува блокирана од долготрајниот спор со Грција околу името.

Само Србија која, како што потсетуваат новинските агенции, можеби е најблискиот сојузник на Русија во регионот, активно не бара членство во НАТО.

Тоа се објаснува со политичката чувствителност поради воздушната кампања на Алијансата во 1999 година за запирање на злосторствата на тогашниот режим на Слободан Милошевиќ на Косово.

Лавров во интервјуто за „Дневни Аваз“ потврдува дека рускиот претседател Владимир Путин кон средината на октомври ќе ја посети Србија на одбележувањето на 70 годишнината од ослободувањето на Белград од нацистичката окупација.

Токму руското однесување во врска со проширувањето на НАТО кон истокот на Европа било, како што деновиве оцени поранешниот генерален секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен, неговото најголемо разочарување.

Според него, главниот план на Русија е да ги спречи пред се нејзините соседи во изборот на нивниот сопствен пат.

„Руската агресија врз Украина ја промени нашата визија за целосна, слободна и мирна Европа. И покрај нашите напори од падот на комунизмот, Русија не гледа на НАТО како на партнер, туку како на противник“, оценува Расмусен, додавајќи дека се додека Москва не го смени таквиот курс, тогаш не би можело и да продолжи соработката со неа.

Поранешниот дански премиер Андерс Фог Расмусен беше генерален секретар на НАТО во изминативе пет години. На негово место сега е норвежанецот Јенс Столтенберг.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG