Достапни линкови

Заедничка влада, паралелни отчети


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

За два дена, два отчети по повод 100 дена влада. Прво премиерот Груевски со сите министри зад него одржа прес-конференција во владата, а после лидерот на ДУИ со сопартијците зад него го стори истото во партиското седиште во Мала Речица.

Во саботата на Илинденска број 2 со сите министри во позадина Груевски на јавноста и презентираше што сработела владата за стоте изминати дена. Вчера во слична иконографија, со функционерите на ДУИ застани зад него, Али Ахмети во Мала Речица излезе со свој отчет за истиот период.

Али Ахмети треба да биде до премиерот кога тој дава отчет, а не секој посебно, ама од своја страна и Груевски мора да направи сè Албанците да се чувствуваат поинтегрирани во оваа држава.
Мирјана Малеска, универзитетски професор.

Од премиерот јавноста слушна за бројот на реализирани проекти, за нови градби, странски инвестиции, намалување на невработеноста. Отчетот во партиското седиште на ДУИ, пак, беше наменет пред сè за етничките Албанци со нагласувања колку проекти во областите во кои живеат тие биле остварени или ќе се остварат.

Пораката што се праќа со ваквиот однос на политичарите не е убава, вели професор Мирјана Малеска. Со двата одделни отчети всушност се порачува дека двете етнички заедници се посебно управувани и поделени нагласува таа.

Мислам дека отчетот повеќе личи како оправдување за тоа што не е направено, отколку да се пофалат, посебно албанскиот дел, односно ДУИ, за тоа што е направено, така што ДУИ вчера само упатуваше поздрави и честитки на некои претставници на меѓународната заедница.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.

„Али Ахмети треба да биде до премиерот кога тој дава отчет, а не секој посебно, ама од своја страна и Груевски мора да направи сè Албанците да се чувствуваат поинтегрирани во оваа држава“, вели Малеска, која сугерира дека треба да се размисли како во политичкиот систем да се вградат интегративни инструменти.

„Може да се размислува за потпретседател кој ќе биде од страна на коалицискиот партнер во владата. Значи, Али Ахмети треба да биде во влада, да седи до премиерот како заменик, да кажеме. Или да се размисли во изборниот законик како би можело и што би можело да се направи да се формираат предизборни коалиции“, вели Малеска.

Инаку Ахмети вчера не заборави да го спомене и проблемот за името кој не најде многу простор во зборувањето на неговиот коалициски партнер Груевски. Тој оцени дека времето за решение е сега, оти очекува интензивирање на меѓународниот ангажман во спорот, но и дека за решение е потребно време и трпение. Ахмети всушност на сите предизборни митинзи ветува брзо интегрирање во Европската унија и во НАТО, процес кој е блокиран токму поради нерешениот спор со Грција.

Професор Мерсел Биљаљи на ова гледа како на обид да се оправда нешто што не е направено.

„Мислам дека отчетот повеќе личи како оправдување за тоа што не е направено, отколку да се пофалат, посебно албанскиот дел, односно ДУИ, за тоа што е направено, така што ДУИ вчера само упатуваше поздрави и честитки на некои претставници на меѓународната заедница“, вели Биљаљи.

Во контекст на европските интеграции, Ахмети повторно излезе со позитивни очекувања. Тој рече дека очекува повторување на препораката за добивање датум за преговори и дека евроатланските процеси останувале клучен фокус и во овој мандат на ДУИ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG