Достапни линкови

Адеми - Не вршиме притисоци против штрајкот на СОНК


Адеми - Не го спречуваме штрајкот во образованието
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:28 0:00

Адеми - Не го спречуваме штрајкот во образованието

Вработените во министерството за образование не смеат и нема да дозволам како министер да вршат притисок врз вработени во образованието, односно врз членството на СОНК, затоа што ќе повторам, правото на штрајк е гарантирано со Устав, вели министерот за образование Абдулаќим Адеми во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Адеми, СОНК ве обвинува дека ја прекршувате и Меѓународната конвенција на трудот со тоа што ќе им најдете замена на наставниците што ќе штрајкуваат. Колку е тоа диригирана демократија?

Измените во законите за основно и средно образование кои се однесуваат на прекин на образовниот процес за време на штрајк организиран од синдикални организации, во никој случај не е да имаме влијание во конечната одлука на СОНК или на кој било синдикат дали ќе штрајкува или не. Главната цел на Министерството е да нема прекин во образованиот процес или во спротивно ќе треба да се скратуваат распустите, односно одморите. Токму затоа главната цел е да нема прекин во образовниот процес, а во никој случај дали ќе има штрајк или не. Штрајкот го гарантираат Уставот и законите, а исто така ние имаме потпишано колективен договор со СОНК во кој меѓу другото, во членот 54, е дефиниран и штрајкот.

Како ќе бидат финансирани и каков статус ќе имаат оние наставници што ќе ги заменуваат тие што ќе штрајкуваат? Дали тоа ќе бидат вонредни наставници, заменици за време на штрајк?

Како министер посакувам да нема штрајк и да не дојдеме до ситуација, односно градоначалниците да не дојдат во ситуација да дозволуваат замена за актуелниот кадар во образованието, затоа што сметам дека актуелниот кадар е добар, заслужува да работи. Исто така барањата на СОНК се легитимни, меѓутоа тие барања може да се разгледуваат само преку дијалог со државните институции. Јас еднаш имав средба за разгледување на нивните барања, но за жал средбата се прекина по нивно барање. Тогаш беше актуелен случајот со тројцата професори во Штип за кои јас искрено и јавно кажав дека нема да дозволам Министерството да се меша во автономијата на универзитетите. Околу плаќањата, значи во колективниот договор е децидно наведено дека кога како организатор на штрајк се јавува СОНК и кога во нивните барања има унапредувања или нови барања за вработените во образованието, науката и културата, тогаш сите трошоци, односно основната плата ги сноси организаторот, во овој случај СОНК и доколку дојде до замена на наставниците нема да има фискални импликации затоа што тоа ќе се плати од буџетот на Република Македонија, а се разбира дека оние што штрајкуваат ќе земат плата од СОНК.

Каков статус ќе имаат овие наставници? Дали тоа ќе бидат заменици за време на штрајк, дали ќе бидат вонредни наставници, како ќе го регулирате нивниот статус?

Агенцијата за вработување или која било друга агенција која посредува за вработување мора да најде адекватен кадар и градоначалникот дава согласност за итни и неодложни работи, во овој случај за итни вработувања, меѓутоа времени вработувања секогаш, затоа што работното место за кој било штрајкувач е гарантирано и нема да има последици врз неговото работно место, а платата, односно средствата, се обезбедени во буџетот затоа што кажав дека нема да има фискални импликации затоа што основната плата во случај на штрајк ја обезбедува СОНК.

Велите легитимно е правото на штрајк, меѓутоа СОНК неколку пати излезе за да укаже за политички притисоци на ваши вработени против оние што најавуваат учество на протестите на СОНК.

Јас ги демантирам сите такви информации и сметам дека се шпекулации, затоа што вработени во министерството не смеат и нема да дозволам како министер да вршат притисок врз вработени во образованието, односно врз членството на СОНК, затоа што ќе повторам, правото на штрајк е гарантирано со Устав. Која било форма да ја изберат, односно да се одлучат за која било форма на штрајк, тоа ќе им биде гарантирано и нема да дозволам да се вршат притисоци. Ќе повторам, правото на штрајк е гарантирано, нивните барања се легитимни, што не значи дека можат да се исполнат, меѓутоа сите тие барања мора да се разгледуваат во еден конструктивен дијалог со државните институции.

Отворате ли можност и за замена на останатите работници во други дејности? Што ако и останатите државни институции тоа го побараат, на пример здравствените установи?

Основното и средно образование во Македонија е задолжително, значи на некој начин станува јавен интерес. Кога станува јавен интерес државата мора да обезбеди услови за континуитет, односно да нема прекин во образовниот процес. Од друга страна и со закон е дефинирано дека и во здравство и во безбедносните сили може да има штрајк, но мора да се обезбедат минималните услови за функционирање на институциите. Така што и во овој случај ние тоа го правиме.

Велите дека е важно да се има континуитет на наставата. Зошто не водевте сметка за ова во некои училишта каде што наставата не започна на 1 септември, некаде поради несоодветни услови, а некаде поради барања со етнички предзнак, како во средното хемиско училиште во Скопје?

Ако може да споредуваме со претходните години, мислам дека ова е меѓу најуспешните учебни години, мислам за почетокот, со три исклучоци - во Општина Сарај во село Рашче, во Општина Велес во село Сливник, каде што веќе се надминати ситуациите и во средното хемиско училиште во Скопје Марија Кири-Склодовска. И таму веќе е почната учебната година за учениците Албанци, затоа што раководството со градоначалникот на Град Скопје и со родителите веќе се договориле за надминување на некои ситуации во училиштето, за кои барања јас сметам дека се оправдани. Уставот и законите на сите етнички заедници во Македонија им гарантира да студираат, односно да учат на нивниот мајчин јазик и државата мора да обезбеди услови за тоа.

Дали всушност има отворени прашања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои се прекршуваат во образованието, затоа што секој септември се соочуваме со старо-нови проблеми? Имаше проблеми и со училишните табли, односно менување на нивните имиња.

Како коалициони партнери имаме заедничка програма, значи дека имаме заедничка програма и во образованието и јас би сакал и ќе работам и понатаму образовниот процес, односно образованието да се деполитизира. Што се однесува до училишните табли во Општина Чаир, одлуките кои се носат во Министерството за образование имаат влијание во секоја област, имаат влијание во секое семејство и секоја одлука во Министерството за образование додека јас сум министер ќе биде добро консултирана со сите чинители, односно фактори во Република Македонија и да бидете уверени дека секоја одлука во Министерството за образование и наука нема да предизвика негативни реакции и ќе биде прифатена од сите засегнати страни.

Има ли Министерството решение за училишните табли?

Секако дека има, меѓутоа јас не би сакал да брзам со решенија што ќе предизвикаат негативни реакции во општеството, а особено нема да имаат негативни реакции во меѓуетничките односи, затоа што образованието, како што кажав, е сензитивна област. Зошто да не се консултираме, односно да не ги вклучиме сите фактори во донесувањето на одлуките и таа одлука да биде општо прифатена.

Новини во измените на законите за основно и средно образование се наградите и казните за наставниците. Како да се мотивираат наставниците без казни и притисоци и дали, како што има одредени укажувања, Министерството станува контролор кој ја укинува независноста и самостојноста на наставниците?

Ова не е новина затоа што е усвоено пред три години и во тоа време и СОНК нè поддржуваше како влада, односно како Министерство за образование и наука дека мора да има екстерно оценување. Новина е тоа што ние за прв пат ги објавуваме извештаите за наставниците кои имаат поголемо, односно помало отстапување во оценувањето и тука морам да истакнам и да ја информирам јавноста дека не се работи за квалитетен или неквалитетен наставник. Оние кои имаат најмали отстапувања не значи дека се најдобри наставници и обратно, оние кои имаат најголеми отстапувања не значи дека се слаби наставници. Тука мора да се сфати суштината на екстерното оценување. Значи не се проверува квалитет на образование и на наставник, туку идејата и целта е да провериме колку се реално оценети учениците.

Мислите ли дека е толку едноставно дека може да биде вперен прстот во одредени наставници дека не си ја вршат работата и да се дисциплинираат на некој начин со казни? Зошто казни?

Затоа што целиот процес би немал смисла ако нема стимулација за оние што вршат добро оценување и казни за оние кои имаат поголеми отстапувања. Секогаш велам, идејата не е да казнуваме, идејата не е да отстраниме наставник од образовниот процес и бидејќи ова е прво искуство за Министерството може и јавно да признаам дека целиот процес не е совршен и ние веќе работиме на суштински измени во екстерното оценување, меѓутоа казните и наградите мислам дека нема да бидат тргнати од целиот процес, затоа што реков, процесот нема да има смисла. Сега засега оние кои се казнуваат се казнуваат со 15 отсто од нивната плата, а така ќе се наградуваат и оние кои имаат помали отстапувања.

Малку ли беа стресовите и од самото екстерно тестирање кое што беше оптоварување на учениците, а дополнително што нема континуитет, туку само кампањско учење?

Не е големо оптоварување за учениците. Мислам дека тука и наставниците и јавноста малку и намерно тоа го презентираат како товар за учениците. Идејата никогаш не била да има дополнителни часови или дополнителна работа за учениците, туку да се проверат наставниците колку реално ги оценуваат учениците.

Најавивте некакви измени. Во однос на што се планираат одредени корекции во екстерното тестирање?

Врз основа на една суштинска анализа во која ќе ги вклучиме сите засегнати страни, почнувајќи од здруженија на ученици, наставниците, понатаму и професорите, директорите на основните и средните училишта, раководителите на секторите за образование во општините и државните институции, како што е Бирото за развој на образованието, Државниот испитен центар и Центарот за средно стручно образование, се разбира под покровителство на Министерството и сите слабости кои се констатирани при спроведување на екстерното оценување ќе се обидеме да ги надминеме, меѓутоа пак ќе повторам, нема да се откажеме од екстерното оценување, затоа што сметаме дека ова дава дополнителен допринос за поквалитетно образование.

Неколку години постојано се коригира екстерното оценување. Тогаш кој ќе ја понесе одговорноста за овие пропусти, со оглед на тоа што во меѓувреме учениците, а и наставниците, дополнително се ставаат под стрес?

Досегашното екстерно оценување се спроведуваше врз основа на закон и подзаконски акти кои се усвоени во Министерството. Значи, да не бидам погрешно сфатен дека работиме нешто надвор од законите. Идејата е доколку констатираме дека и законот треба да се смени поради оваа работа, тоа и ќе го предложиме до Собранието, сè со цел да имаме полесен пристап и процес во кој сите ќе бидат на некој начин задоволни од неговата објективност.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG