Пред најавениот генерален штрајк на СОНК на 29 септември, Собранието по скратена постапка ги носи измените во законите за основно и средно образование, во делот на организирање на штрајк на наставниците. Тие сметаат дека законските измени имаат за цел да го спречат одржувањето на генералниот штрајк и побараа да се прекине постапката, но таа си врви. И во двата закони го има истиот текст кој се однесува на штрајкот.
Од Синдикатот велат дека зад овие закони стојат чудни игри кои се косат со други закони во државата. Од таму велат дека за овие измени се известени сите странски амбасади, Интернационалниот синдикат за образование и сега им останува само да чекаат што ќе се случи со законите, а последна надеж им е претседателот на државата за како што велат, да се спротивстави на оваа лудост.
„Во случај на прекин на воспитно-образовната работа заради штрајк, директорот на основното или средното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат, за време додека трае штрајкот.“
Раководството на СОНК после предупредувачкиот протест на 1 август, освен со соопштение пред некој дена за законот, не дава официјални изјави. Претседателот на Синдикатот Јаким Неделков е недостапен за изјава. Но од Синдикатот велат дека зад овие закони стојат чудни игри кои се косат со други закони во државата. Од таму велат дека за овие измени се известени сите странски амбасади, Интернационалниот синдикат за образование и сега им останува само да чекаат што ќе се случи со законите, а последна надеж им е претседателот на државата за како што велат, да се спротивстави на оваа лудост.
Честите промени влијаат на успехот на учениците, квалитетот им паѓа.Нуки Дардишта, Сојуз на албанските наставници во Македонија.
Честото менување на наставниците ќе влијае на квалитетот на наставата, што и досега се покажало кога на пример во некое училиште ќе дојде замена за некој учител, вели Нуки Дардишта од Сојузот на албанските наставници во Македонија.
„На пример се менуваат двајца или тројца учители, некој ќе отиде на боледување, тоа е во ред, но потоа имаме жалби од родителите, од учениците, тие не можат да се привикнат на наставата. Честите промени влијаат на успехот на учениците, квалитетот им паѓа.“
Синдикатот деновиве одржува состаноци на кои допрва ќе се одлучува кои ќе бидат нивните следни чекори. Но, според нив со ова само се отежнува и така лошата позиција на наставниците во земјата. Наставниците се исплашени, зошто после првиот протест на 1 август, на кој беше направено сè просветарите да не излезат во доволен број пред Министерството за образование, сега и ова, па така сме доведени во ситуација сè да очекуваме од власта, коментираат од Синдикатот. Според информациите на СОНК околу 20 илјади нивни членови се изјасниле дека би штрајкувале што би значело дека за толку луѓе треба да се најде замена, според новите измени.
Министерот за образование Абдилаќим Адеми изјави дека главната цел на измените е да нема прекин на наставата кога ќе има штрајк, но дека тоа не значи оти ќе се бркаат наставниците и професорите кои ќе штрајкуваат. Адеми изјави дека со законот не сакаат да имаат влијание на одлуката на СОНК дали ќе штрајкува или не. Министерот вели дека се отворени за соработка со СОНК и дека со претставници од синдикатот имал само кратка седба. Но до СОНК велат дека измените им дошле како од ведро небо, затоа што, како што велат, не заседавал социјално-економскиот совет, а тие како социјален партнер на владата не биле ни консултирани за измените.
Од опозицискиот СДСМ оценуваат дека измените што власта ги турка набрзина се неуставни, нечовечни, недемократски, ги кршат работничките права и меѓународните конвенции.
„Со овој потег, власта покажа дека се плаши. Се плаши од незадоволството во образованието. Се плаши од разочараните наставници кои со години ги лажат со постојани ветувања кои остануваат на хартија. Власта се плаши од револтот кој го создаде нивната политика на хаос во образованието.
Како никогаш досега, сите во образованието се незадоволни и иритирани: и наставниците и родителите и учениците“, рече Оливер Спасовски од СДСМ.
За време на штрајк, професорите штрајкувачи ќе бидат привремено заменувани со нови наставници преку Агенциите за привремени вработувања.