Достапни линкови

Спорот за името на стенд бај


Домашните аналитичари се убедени дека новата рунда разговори за името нема да донесе некакво поместување во грчко-македонскиот дијалог.

По најавите дека до крајот на годината ќе има нова рунда разговори за името меѓу преговарачите и медијаторот Метју Нимиц, домашните аналитичари се убедени дека тоа нема да донесе некакво поместување во грчко-македонскиот дијалог. Поранешниот дипломат Ристо Никовски целосно ја исклучува можноста за некаков прогрес во разговорите.

Исклучено е да се најде решение во блиска иднина, меѓу другото и поради тоа што позицијата на Грција е таква каква што е, а кризата која е таму не дозволува никаков маневарски простор за нив, освен да ја повторуваат својата неприфатлива апсолутна позиција на ерга омнес.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

„Исклучено е да се најде решение во блиска иднина, меѓу другото и поради тоа што позицијата на Грција е таква каква што е, а кризата која е таму не дозволува никаков маневарски простор за нив, освен да ја повторуваат својата неприфатлива апсолутна позиција на ерга омнес“, вели Никовски.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Сè додека сите надежи ги полагаме во периодичните средби со медијаторот, работата нема да се забрза и да очекуваме брзо решение на овој долгогодишен процес, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Според него, потребна е поголема активност на македонската дипломатија во насока на побрзо затворање на прашањето, кое е клучно за македонските евроатлански интеграции.

Повеќе иницијативи треба да потекнуваат од наша страна затоа што во целиот овој процес брзината на решавањето на спорот е многу поважна за нас отколку за грчката страна.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

„Повеќе иницијативи треба да потекнуваат од наша страна затоа што во целиот овој процес брзината на решавањето на спорот е многу поважна за нас отколку за грчката страна“, вели Муслиу.

Својот јасен став за ова прашање, односно име за севкупна употреба и географска одредница пред Македонија, Грција го повтори во неодамнешното соопштение испратено преку Министерството за надворешни работи. И додека Никовски смета дека таквиот став на Грција е апсолутно неприфатлив, Муслиу ја акцентира потребата од внатрешен консензус во земјава кој јасно ќе го дефинира ставот на македонската страна.

„Нашите политички елити може да имаат милион други спорови, но за ова прашање треба да седнат и нам како јавност да ни објаснат дека ова е ставот на нашата страна, не само дефиницијата дека не треба да се задира во идентитетот“, изјави Муслиу.

И додека Министерот за надворешни работи Никола Попоски уверува дека кај Грција недостига интерес и мотивација за решавање на ова прашање, лидерот на владејачката ДУИ Али Ахмети деновиве повтори дека решението на овој спор не е далеку.

Еве како нашите соговорници го толкуваат оптимизмот на Ахмети.

„Тој негов оптимизам е двостран. Дел е од контактите или од разговорите кои ги имал со меѓународните партнери и вториот дел е, бидејќи ова прашање е на високо место во програмата на ДУИ, при отчетот пред неговите гласачи сигурно дека морал да ја спомене и оваа тема и да даде оптимизам и надеж дека прашањето може да се реши“, вели Муслиу.

„Крајно непотребно Али Ахмети се вклучи во некакви дипломатски активности кои мислам дека беа штетни за државата. Изјавата дека решението е блиску треба да ја објасни тој, бидејќи за тоа нема никакви аргументи или факти“, вели Никовски.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG