Господине Бесими во исчекување сме на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Какви се вашите очекувања, што ќе содржи тој?
Очекувам извештајот да биде објективен, да ги содржи работите што веќе се направени од страна на Република Македонија и секако работи каде што Македонија би требало да се фокусира повеќе во наредниот период. Тоа всушност би значело еден извештај врз основа на кој ќе има препорака за започнување на преговорите. Иако формално тоа сè уште не се знае, се пишува да последниот ден пред објавување.
Што очекувате да биде област за која ќе се препорача дека дополнително треба да се работи?
Тука се пред сè политичкиот дијалог, прашањето за името, односно отворените прашањата со соседите, потоа се судските реформи, слободата на изразување, изборниот законик, меѓуетничките односи, односно Охридскиот рамковен договор.
Неодамна изјавивте дека би било добро Македонија повторно да добие препорака и во овој извештај на Европската комисија. Се сведе ли најголемиот успех на Македонија не евроинтегративниот пат на повторување на препораката?
Само би рекол дека наместо „би било добро“, „важно е“ Република Македонија да добие препорака и препораката секоја година треба да се добие, односно да се заслужи и затоа е важно и оваа година Македонија да покаже дека го одржува темпото на реформите, односно патот кон европската интеграција. Со тоа што статус-квото со тек на време влијае врз кредибилитетот на процесот на евроинтеграциите и затоа е важно, не само реформите заради реформи или заради препорака, туку и заради појаки институции и зајакнување на демократските капацитети во земјата и пазарната економија, што се главните услови кои придонесуваат за поквалитетен живот на граѓаните и затоа очекувам и оваа година и затоа и работиме за да имаме препорака за започнување на преговори.
Ги споменавте слободата на изразување и политичкиот дијалог. Се има впечаток дека постојано секоја година се додаваат некои нови области на кои Македонија треба да работи. Зошто европските дипломати постојано имаат некои нови дополнителни забелешки?
Не се работи за нови дополнителни забелешки, туку тука се работи за концептот што го следи Европска унија, значи пред сè копенхагенските критериуми, политичките, економските критериуми. Така во извештајот, прво стојат политичките критериуми, потоа економските критериуми и следат сите 33 поглавја за преговори каде Република Македонија покажува одреден напредок и вкупно се гледа исто така колку Македонија се усогласува со европското право. Значи ова е пакетот што се следи секоја година. Македонија во однос на политичките критериуми, посебно во делот на политичкиот дијалог, а слободата на изразување спаѓа во едно важно поглавје, каде што се регулира покрај овој дел на политички критериуми, каде што се регулира правото и фундаменталните права, значи демократските вредности, слободата на изразување се сметаат за едни од таквите демократски вредности каде што земјите членки на Европската унија и земјите кандидати треба да покажат повисок степен на напредок и тие се работи што ќе ги има постојано во извештаите.
Како член на владата, какво е вашето мислење, има ли шанса да се надмине кризата со политичкиот дијалог во пресрет на извештајот на Европската комисија?
Би потенцирал дека е важно да има напредок во однос на политичкиот дијалог, тука конкретно би сакал да изразам задоволство во однос на потегот што Демократската партија на Албанците го презеде, односно да се врати во Собрание. Сличен потег во однос на политичкиот дијалог е важно да гледаме и до страна на СДСМ, затоа што е важно да функционира политичкиот дијалог во Македонија. Тоа е симетричен процес, не е само едностран, не е само да се обвини опозицијата или да се обвини власта. Се работи за интерес на Република Македонија, главниот интерес се европските интеграции. Политичкиот дијалог има значително влијание врз процесот, затоа што тој процес се гледа како еден инклузивен процес, не само на власта, туку и на сите чинители и опозиција и собрание и правниот систем, судството, како и цивилниот сектор.
Имате контакти со европските дипломати. Ви забележуваат ли за колебливиот однос на Македонија во однос на санкциите коишто ги презема Европската унија против Русија поради кризата на украинска територија?
Земјите членки на Европска унија очекуваат Република Македонија како земја кандидат да ги следи политиките на ЕУ и Македонија во тој аспект е доследна, со доследни политики за следење на политиките на Европска унија, затоа што тоа е нашата ориентација. Ние сме земја кандидат, ние ги исполнуваме препораките што произлегуваат од договорот за стабилизација и асоцијација. Членството во ЕУ и во НАТО се стратешки, долгорочни интереси на Македонија и секоја девијација од таа главна политика, би значело само краткорочно профитирање што не оди во интерес на долгорочната стратешка определба за ЕУ и НАТО. Република Македонија како независна земја има исто така своја политика да одржи добри односи со сите земји, меѓутоа насоката, политиките што се однесуваат на Македонија секако одат во контекст на тоа што се политиките на ЕУ и ова се однесува исто така на мерките што ЕУ ги презема како санкции.
Но, Македонија ништо не презема во меѓувреме.
Но, секако тоа е дел што Македонија кога ќе биде потребно тоа и кога ќе биде даден јасен сигнал дека е важно Македонија тоа да го направи, секако дека тука ќе го следи примерот на земјите од ЕУ. Меѓу другото, Македонија е мал пазар за да влијае сериозно врз економијата на Русија, за да има таков ефект, но Македонија се однесува на начин што ќе даде јасен сигнал дека е земја која ги следи политиките на ЕУ и тука нема дилеми. Политиките на ЕУ и НАТО се наш компас за долгорочната ориентација во глобалната геополитичка мапа.
Господине Бесими за демаршот кој го упати Министерството за надворешни работи до американската амбасада поради изјавата при сослушувањето на новиот американски амбасадор?
Пред сè, Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер, тоа не е само декларативно, туку и докажано низ целиот период од осамостојувањето до денес и тука нема дилеми дека САД ѝ сакат најдобро на Република Македонија и на граѓаните. Во однос на вашето прашање имаше објаснување и од страна на амбасадорот Волерс, јас верувам на тоа што тој го презентираше пред нашата јавност.
Сметате дека демаршот можеби беше избрзан?
Тоа е проценка на Министерството за надворешни работи, но секако сметам дека кога се работи за некој стратешки партнер, треба да очекуваме едно објаснување што беше логично, за да имаме јасна позиција, да не оставиме простор за какво било двосмислено искажување во јавноста. Ќе повторам дека во ставот на амбасадорот Волерс верувам потполно и мислам дека граѓаните на Република Македонија немаат потреба да имаат никаква дилема во однос на нашето пријателство и стратешко партнерство со САД. Ако во овој период од независноста некоја држава покажала конзистентна политика за поддршка, меѓу другите пред сè тука се САД.
Господине Бесими во повеќе прилики имате изјавувано дека сте оптимист за решавање на спорот околу разликите за името. Имате изјавувано дека е можен позитивен исход. За разлика од вас, вашиот колега од владата, министерот Попоски постојано вели дека ситуацијата е статус кво, дека Грција не сака да преговара. Што навистина се случува во проблемот, бидејќи е битен за евроинтегративниот процес којшто го водите вие?
Јас кога спомнувам оптимизам, поентирам на т.н. активен оптимизам, значи колку ние сме активни во решавање на одредени прашања и толку може да очекуваме во однос на исходот. Во конкретниот случај треба да сме свесни дека за решавањето на прашањето за името секако дека е потребен активен ангажман од двете страни. Тука би додал дека не се доволни само двете страни, туку за да се подигне нивото на доверба, за да се дојде до решение меѓу партнерите, важно е да има и меѓународна поддршка, односно олеснување, покрај медијаторот Нимиц во рамките на ОН, важно е да има и олеснување од страна на наши стратешки партнери, тука се САД, Германија, такви иницијативи и од други земји важно е да помогнат во процесот. Инаку во однос на прашањето, оптимизмот го базирам на тоа дека има простор во целиот процес да се интензивира дијалогот и да се подигне нивото на дијалогот и да има поголема вклученост на меѓународниот фактор со точно одредена агенда и тајминг во однос на прашањето за надминување на разликите. И конечно, матрицата во пристап да се менува од две страни кои седат на спротивни позиции да го претвориме пристапот во еден на друг како двајца партнери во решението. Тоа како матрица може да помогне и за ова прашање.
Споменавте меѓународна вклученост. Дали изјавите на Меркел всушност значат поголема вклученост на Германија како најголема сила во Европа, во спорот за името?
Изјавите и иницијативните како Берлинската конференција и средбите што ги оствари канцеларката Меркел се јасна порака и сигнал дека Германија е заинтересирана да се реши ова прашање, заинтересирана е Македонија и регионот да напредуваат во европските интеграции и тоа е добар сигнал. Во период кога се зборува за евроскептицизам, има шпекулации во тој дел, важно е вакви иницијативи да се повидливи и да придонесат и очекувам дека таквите иницијативи кои се добронамерни ќе придонесат, но ние треба да сме спремни за тоа што произлегува од решението. До решение може да дојдеме доколку имаме подготвеност за компромис, доколку гледаме напред и доколку гледам во можностите кои ќе ни ги пружи решението на отворените прашања со соседите, конкретно за името со Грција, меѓутоа и со Бугарија.
Очекувате ли промените внатре во Унијата да го забават процесот на проширување?
Мислам дека проширувањето не е прашање дали ќе биде или нема да биде, тоа е дефинирано уште во т.н. трактати на ЕУ и во Лисабон, дефинирано е дека проширувањето е дел од концептот на ЕУ и најуспешниот концепт на Европската унија е токму проширувањето и воспоставувањето мир на целиот континент. Тука спаѓа и проширувањето кон Западен Балкан и секако тоа што ги смири земјите од Западен Балкан од конфликтите од деведесеттите години на минатиот век е токму евроатланската перспектива којашто беше дадена како понуда на граѓаните од регионот и сум убеден дека тоа е темата што ги држи заедно сите земји од регионот и затоа ЕУ е заинтересирана за тој процес. Јас реков дека ЕК може да утврди одредени приоритети во однос на нивниот мандат, но како тема проширувањето нема да изостане.