Достапни линкови

Лекција од Берлин за македонската влада


Опозицијата не очекува власта да работи на забелешките упатени од берлинската конференција за западен Балкан. Власта, пак, посочува дека постојано работи на реформите.

Иако според опозицијата заклучоците на Берлинскиот самит во делот за Македонија се директна порака и критика до властите, од СДСМ не очекуваат власта да работи на подобрување на ваквата слика до следниот самит.

Нашата влада нема никаква намера да ја тера европската агенда. Ова не е новост, меѓутоа сега се надевам дека ќе има и нови инструменти со коишто ќе може да се направи поголем притисок врз власта, затоа што колку и да сака македонската влада да биде непослушна, ако пристапот е регионален тогаш полека ќе си легнат на брашното.
Лидија Димова, Совет за евроинтеграции на СДСМ.

„Нашата влада нема никаква намера да ја тера европската агенда. Ова не е новост, меѓутоа сега се надевам дека ќе има и нови инструменти со коишто ќе може да се направи поголем притисок врз власта, затоа што да ни е јасно, колку и да сака македонската влада да биде непослушна, така да кажам, ако пристапот е регионален и ако тука има политичка волја регионот да се приближи, тогаш сакале-не сакале, полека ќе си легнат на брашното“, изјави Лидија Димова од Советот за евроинтеграции на СДСМ.

Владејачката ДУИ, пак, ги поздравува заклучоците од Берлин. Уверуваат дека евроинтеграциите остануваат приоритет на Владата и дека ќе продолжат да работат во тој правец.

Наш приоритет како држава секако остануваат реформите. Република Македонија и досега работеше во овој правец и секако дека сме заинтересирани спорот што го имаме со Република Грција да се реши и да се забрза тој процес.
Рафиз Алити, ДУИ.

„Наш приоритет како држава секако остануваат реформите. Република Македонија и досега работеше во овој правец и секако дека сме заинтересирани спорот што го имаме со Република Грција да се реши и да се забрза тој процес“, изјави Рафиз Алити од ДУИ.

Дека македонските власти треба да се препознаат во завршните заклучоци од самитот во Берлин, каде што само беа повторени забелешките кои со години ги слушаме од Брисел, се согласува и професор Нано Ружин. Според него, обврска на владата е да го реши прашањето за името и дека нема повеќе простор за манипулација и одложување на неговото решавање.

„И натаму се бара склучување на компромисно и обострано прифатливо решение како основен услов и тоа што поитно, значи можеби за максимум една или две години, и на тој начин да се направи надминување на таа, би рекол, долгогодишна пречка“, вели тој.

Она на што укажува Ружин е важноста од спроведување на политичките и економските реформи. Препораката за овозможување на услови за враќање на опозицијата во собрание, значи дека на земјава не треба да и се повторуваат инциденти како оној од 24 декември, вели Ружин.

„Ова е наметната лекција и задача или еден вид шлаканица за досегашните неуспеси на владата на Груевски, затоа што тој ќе мора да направи големи резови во економскиот, но пред сè политичкиот живот, меѓуетничките односи, застанување или отстранување на тој популизам којшто постојано е присутен, вообразеност и несоработка со опозицијата“, вели Ружин.

Во заклучоците во делот на Македонија побарано е итно решавање на спорот за името со компромис од двете страни, а беа упатени и пораки за демократизација овозможување на враќање на опозицијата во собранието, плурализмот во медиумите, независни синдикати и економија ослободена од политичко влијание, нулта толеранција за корупцијата и независност за судството.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG