Влага, мувла, малтер што паѓа и руинирани тоалети е сликата што со години, ако не и со децении, се провлекува низ речиси сите студентски домови во земјата. Студентите од време на време ќе го дигнат гласот, но набрзо работата се заборава. Најголемиот дел од жителите на студентските домови не сакаат јавно да проговорат за проблемите, плашејќи се дека ќе го изгубат и тој, каков-таков, кров на главата.
Нашата соговорничка, која инсистира на анонимност, живее во Студентскиот дом Стив Наумов. Таа вели дека машките згради во домот се реновирани, но женските згради се во лоша состојба.
Оваа година ми се случи кога влегов во собата креветот беше целосно скршен, немав каде да спијам. Се познава дека имало влага и има испукани ѕидови во собата. Исто така некогаш се случува да имаме лебарки. Некогаш сме оставени сами на себе. На пример, пред некој ден ние самите си ја кречевме собата, на наш трошок, бидејќи беше катастрофа и тоа нам никој нема да ни го подмири.жителка на Студентскиот дом Стив Наумов во Скопје.
„Оваа година ми се случи кога влегов во собата креветот беше целосно скршен, немав каде да спијам. Се познава дека имало влага и има испукани ѕидови во собата. Исто така некогаш се случува да имаме лебарки. Некогаш сме оставени сами на себе. На пример, пред некој ден ние самите си ја кречевме собата, на наш трошок, бидејќи беше катастрофа и тоа нам никој нема да ни го подмири“, вели жителка на Студентскиот дом Стив Наумов во Скопје.
Таа вели дека условите за живот во Студентскиот дом Кузман Јосифовски-Питу се подобри, но оти во Студентскиот дом Гоце Делчев се уште полоши и додава дека понекогаш вина сносат и студентите зашто не се грижат доволно за нивните живеалишта, но и управите на домовите кои ненавремено реагираат.
Сегашната Влада има слух за барањата на младиот човек и надлежните секогаш се достапни за нашите барања, поплаки и укажувања.Кирил Спироски, претседател на СПУКМ.
Претседателот на Студентскиот парламент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Кирил Спироски, вели дека СПУКМ како претставничко тело на студентите, се грижи за подобрување на студентскиот стандард, преку целосна соработка со институциите надлежни за студентските потреби, кои, како што вели, се покажа дека имаат слух за нивните барања во рамките на можностите.
„По барање на СПУКМ се затворија и бараките во Медицинар и веќе е во фаза идеен проект за нов студентски дом на негово место. Слабостите на кои укажувавме во минатото, денес веќе не постојат. Нашите колеги од оваа година добија модерни бараки во Стив Наумов, кои со гордост можам да кажам дека имаат достојни услови за академски граѓани, а домот Гоце Делчев веќе во полн ек се реконструира. Сегашната Влада има слух за барањата на младиот човек и надлежните секогаш се достапни за нашите барања, поплаки и укажувања“, се наведува во писмениот одговор од претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски.
На прашањето дали се планира реконструкција на женските згради во популарниот „Стив“, не добивме одговор ни од Министерството за образование, а со директорката на Државниот студентски центар – Скопје, Даниела Темелкова, не успеавме да стапиме во контакт.
Во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за периодот 2014-2018 година е предвидена реконструкција само на Студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје.
Во март годинава станарите на овој дом објавија фотографии од внатрешноста на објектот, покажувајќи ги катастрофалните услови во кои живеат и учат. Вообичаената за македонски услови кампања за дискредитација на оние кои се пожалиле беше прекината од премиерот Никола Груевски, кој во интервју за ТВ Сител рече дека студентите се во право и оти навистина се доцни со реконструкцијата на домот. Неколку недели подоцна беше објавен тендер за реконструкција на Блокот Б во Гоце Делчев. Тендерот од 1,2 милиони евра го доби фирмата ВИА од Вевчани, чиј сопственик, како што пишуваа македонските медиуми, е роднински поврзан со пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ. На почетокот на мај годинава, тогашниот министер, а сега заменик министер за образование, Спиро Ристовски, рече дека реконструкцијата на домот ќе се одвива во фази, а заклучно со 2016 година, во план е да бидат темелно реконструирани сите четири блока.