Достапни линкови

Студентска пасивност или политикантство?


Руинирани тоалети, ѕидови што се распаѓаат, лифтови што не работат во Студентскиот дом Гоце Делчев. Што прават студентските организации во врска со ова?

Условите во кои живеат студентите во Студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје деновиве влегоа во фокусот на јавноста, откако жителите на домот на интернет објавија фотографии од внатрешноста на ова студентско живеалиште - руинирани тоалети, ѕидови што се распаѓаат, лифтови што не работат... Власта со години ветува дека ќе ја подобри состојбата, но што прават во меѓувреме студентските лидери и колкава е реално нивната моќ да влијаат на менување на работите?
Мислам дека актуелизирањето на оваа тема, што е проблем со години, не само на оваа, туку и на претходните влади, мислам дека е од политички причини.
Кирил Спироски, претседател на СПУКМ.

Претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски, вели дека е јасно дека во Студентскиот дом Гоце Делчев треба да се изврши санација и оти тие постојано вршат институционален притисок за тоа да се случи.

„Мислам дека актуелизирањето на оваа тема, што е проблем со години, не само на оваа, туку и на претходните влади, мислам дека е од политички причини. Она што ние го правиме како Студентски парламент е постојано да вршиме институционален притисок за да може да се реши проблемот со студентските домови и конкретно со Студентскиот дом Гоце Делчев и мислам дека ќе имаме позитивен ефект од сето тоа“, вели Спироски.
Нели оваа иницијатива „Операција Студентски дом“ е независна иницијатива и засега се супер во тоа што го прават, така треба и да продолжат. Наш став е дека студентите од домовите треба да излезат на улица.
Драган Милевски, Слободен индекс.

За разлика од него, Драган Милевски од студентското движење Слободен индекс вели дека студентите не треба да чекаат проблемите да ги реши Студентскиот парламент, туку треба самите да почнат да си ги решаваат. За него, потегот со објавувањето на фотографиите од домот на интернет е вистинскиот начин на борба.

„Нели оваа иницијатива „Операција Студентски дом“ е независна иницијатива и засега се супер во тоа што го прават, така треба и да продолжат. Наш став е дека студентите од домовите треба да излезат на улица и да им се придружат и останатите, да се солидаризираат, затоа што така се водат вистинските битки“, вели Милевски.
Она што се случува во студентските домови е буквално грозно и најголема вина, според мене, сносат студентите и нивните претставници затоа што не креваат глас.
Самоил Малчески, поранешен претседател на СПУКМ.

Поранешниот претседател на СПУКМ, Самоил Малчески, вели дека е лесно некој да каже дека е студентски лидер, ама треба и да се работи.

„Она што се случува во студентските домови е буквално грозно и најголема вина, според мене, сносат студентите и нивните претставници затоа што не креваат глас за актуелната состојба“, вели Малчески.

Тој вели дека студентската организација е доволно моќна да влијае на менување на работите и потсетува дека за време на неговиот мандат е излобирано реновирањето на студентскиот дом Стив Наумов, но оти од 2009 година ништо не е направено на тој план.

„Јас мислам дека генерално политикантството е во прашање. Наместо да си ги засукаат ракавите и да си ја работат својата работа, глумат големи студентски лидери коишто за жал ништо не допринесуваат за студентите“, вели тој.

Малчески потсетува дека тој како студентски лидер уште во 2008 година, кога министер беше Перо Стојановски, до Министерството за образование поднел предлог за реновирање на студентските домови, но оти на тој предлог не му било одговорено. Според нивните тогашни пресметки реновирањето на Студентскиот дом Гоце Делчев би чинело помалку од 400 илјади евра. После Стојановски, министри за образование беа Никола Тодоров и Панче Кралев, а проблемот го наследи и актуелниот министер Спиро Ристовски. Реновирањето на студентскиот дом Гоце Делчев се најавува со години, но никако да почне да се поправа.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG