Македонија не може драстично да го зголеми извозот во Русија

Дејан Бешлиев, директор на Македонско–руската стопанска комора.

Санкциите што Русија ги воведе кон западните земји се шанса за македонските компании да го зголемат извозот на рускиот пазар. Сепак, јас не гледам дека драстично би можеле да го зголемиме нашиот извоз, вели вели Дејан Бешлиев, директор на Македонско–руската стопанска комора во разговор за Радио Слободна Европа.

Санкциите што Русија ги воведе кон западните земји се шанса за македонските компании да го зголемат извозот на рускиот пазар. Македонија забележува негативен биланс во трговската размена со Русија. Во првата половина од 2014 година, македонските компании оствариле 17,7 милиони долари од извоз на производи и услуги во оваа земја, додека вредноста на увозот изнесува 60,9 милиони долари. Македонските компании можат да ја зголемат присутноста на рускиот пазар ако вложат во стручен кадар што го познава рускиот јазик, а треба повеќе да работат и на рекламирање на своите производи во Русија, вели Дејан Бешлиев, директор на Македонско–руската стопанска комора во разговор за Радио Слободна Европа.

Г-не Бешлиев, како ја оценувате економската соработка помеѓу Македонија и Русија?

Економската соработка со Руската Федерација е на недоволно високо ниво. Имаме голем простор за подобрување на соработката. И покрај сите напори во последните години и зголемувањето на нашиот извоз, сметам дека сè уште се постојат големи маргини за соработката со руските партнери да биде на повисоко ниво.

Дали македонските компании го користат моментот на санкции помеѓу Русија и Западот за да го зголемат своето присуство на рускиот пазар?

Проку санкциите во моментов постои мала шанса за влезот за македонските производи на рускиот пазар. Компаниите од двете земји го препознаваат моментот дека соработката може да се интензивира. Постои зголемена активност и претпоставките се дека има и зголемена размена на стоки и услуги.

Каков е капацитетот на македонските компании да го зголемат извозот на рускиот пазар?

Компаниите генерално се спремни да одговорат, но немаат магично стапче за да понудат сè што е потребно на тој пазар. Капацитети има, секако без илузии дека тие можат да го задоволат целокупниот руски пазар. Постојат можности за нашето производство што е квалитетно и со добри цени, што е многу важно, и можеме да го пласираме во одредени региони и тука сакам особено да ги истакнам регионите кои имаат од два до четири милиони жители, бидејќи тоа е она што можеме да го покриеме со производи.

Најавивте истражување кое треба да им помогне на фирмите за подобрување на соработката со Русија. Во кои области им е потребна помош на компаниите?

Македонија и нејзините капацитети се маркетиншки многу слабо застапени во Руската Федерација. Од друга страна, сакаме на компаниите да им обезбедиме повеќе информации за руската регулатива во однос на стандардизацијата на производите и во однос на дозволите за извоз. Тоа треба да им помогне на компаниите пред потпишувањата на какви било договори да имаат реални сознанија за трошоците и за цените кои треба да ги формираат и понудат на рускиот пазар.

Дали можната зголемена соработка помеѓу двете земји би значела поголем притисок од Европа кон Македонија да воведе санкции кон Русија?

Македонија во моментов го нема тој проблем на санкции, меѓутоа јас не гледам колку драстично би можеле да го зголемиме нашиот извоз. Ние треба да гледаме на економската страна, но ако евентуално се донесе таква политичка одлука од страна на владата, компаниите ќе мора да ја почитуваат.

Колкави би биле загубите за македонската економија?

Нашиот извоз во Русија на годишно ниво се движи од 30 до 36 милиони долари во последните четири години. Ние секако ќе загубиме, бидејќи се наоѓаме во фаза на реосвојување на овој пазар. Ако сега се запре овој процес, за нас ќе претставува чекор назад поради тоа што сè уште се обновуваат врските и се бара начинот за поголема присутност на тој пазар, бидејќи ние сме далеку од она што сакаме и можеме да го имаме како размена.