Сегашните пензионери ја јадат пензијата на идните

Предвиденото зголемување на пензиите ќе има негативни последици за пензионерите, за пет шест, седум години, кога ќе требаат уште повеќе средства од буџетот за да се покрие дефицитот во Пензискиот фонд.

Во предлог-буџетот се предвидува покачување на пензиите од пет отсто. Зголемени износи на пензионерите ќе бидат исплатени в година, односно во октомври 2015 година. Економистите не се среќни поради зголемувањето на пензиите. Некои од нив коментираат дека владата прави исклучоци и доделува дополнителни пари за пензионерите, иако во Македонија има закон за пензионирање според кој се утврдуваат пензиите.

Кое било екстра зголемување на пензиите, надвор од онаа што е со закон утврдено усогласување што се прави редовно, секако ќе биде дополнителен товар во смисла на исплата на средствата, зошто тие треба да се обезбедат.
Зорица Апостоловска, поранешен претседател на Агенцијата која го контролира работењето на пензиските фондови Мапас.

Сето ова ќе има негативни последици за пензионерите, за пет шест, седум години, кога ќе требаат уште повеќе средства од буџетот за да се покрие дефицитот во Пензискиот фонд, велат тие.

Зорица Апостоловска поранешен претседател на Агенцијата која го контролира работењето на пензиските фондови Мапас, вели дека секое екстра зголемување треба добро да биде испитано.

Министрите Зоран Ставрески и Диме Спасов со претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери, Драги Аргировски, 2013.

„Кое било екстра зголемување на пензиите, надвор од онаа што е со закон утврдено усогласување што се прави редовно, секако ќе биде дополнителен товар во смисла на исплата на средствата, зошто тие треба да се обезбедат. Дали тоа ќе биде како некој дополнителен трансфер од државниот буџет кон Фондот, сеедно е секако ќе стане збор за една нова маса на пари којашто ќе треба да се достави до фондот“, вели Зорица Апостоловска.

Сето ова е еден вешт трик, ништо повеќе. Куповната моќ според потрошувачката кошничка на оние пензионери кои имале 200 евра пред пет години била поголема отколку сега, бидејќи цените растат.
Драги Јовановски, правник и поранешен синдикалец.

Познато е дека Фондот повеќе години работи со се поголем дефицит кој повторно се решава со буџетски трансфери за да се покрие тој дефицит односно да се држи ниво на редовна исплата на пензиите.

Кога го образложуваше буџетот за 2015 година кој изнесува скоро 3 милијарди евра и со кој се зголемуваат и платите, министерот за финансии Зоран Ставревски рече дека има доволно обезбедени средства за реализација на зацртаните проекти.

Владата најави ново покачување на пензиите неколку дена по новото задолжување од половина милијарда евра. Владата одлучи да издаде еврообврзница од половина милијарда евра со камата од речиси 4 проценти - пари кои ќе доспеат за плаќање во 2024 година.

Драги Јовановски, правник и поранешен синдикалец не го поздравува зголемувањето на пензиите . Тој тврди дека со претходното намалување на придонесите за Фондот се намалиле и пензиите на сите пензионери за 20 проценти и оти најавеното покачување е всушност усогласување на пензиите.

„Не го гледам како намалување на пензиите, бидејќи со намалување на процентот на плаќање на придонесите од 21 процент на 17 проценти, практично беше намален износот на пензии на сите пензионери или во проценти тоа беше некаде околу 20 отсто.“

Сојузот на синдикати на Македонија смета дека Предлог-буџетот за 2015 година со кој се предвидува зголемување на платите, пензиите и социјалните трансфери, е развоен и ќе им овозможи на граѓаните подобар стандард, но Јовановски не мисли така.

„Сето ова е еден вешт трик, ништо повеќе. Куповната моќ според потрошувачката кошничка на оние пензионери кои имале 200 евра пред пет години била поголема отколку сега, бидејќи цените растат“, вели Јовановски.