Достапни линкови

Уште еден буџет за државната администрација


Буџетот за 2015 со кој се предвидуваат поголеми плати во јавниот сектор, нема да овозможи раст на економијата, туку ќе доведе до натамошен раст на јавниот долг.

Предлог буџетот за догодина нема да овозможи раст на економијата, поттикнување на приватниот сектор и постабилна економија која ќе биде извозно насочена. Наместо тоа, гледаме мерки кои ќе се стимулант на јавниот сектор и кои ќе понудат релативно стагнантна економија, коментираат економските експерти.

Владата и наредната година нема во ниеден основ да ја смени економската политика што ја води скоро веќе девет години, таа ќе биде истата ќе се заснова на пренагласена улога на јавниот сектор, ниска стапка на раст, ниска инфлација и постојан раст на јавните трошоци.
Никола Поповски, поранешeн министер за финансии.

„Владата и наредната година нема во ниеден основ да ја смени економската политика што ја води скоро веќе девет години, таа ќе биде истата ќе се заснова на пренагласена улога на јавниот сектор, ниска стапка на раст, ниска инфлација и постојан раст на јавните трошоци што ќе доведува до раст на дефицитот на буџетот, односно до натамошен раст на јавниот долг“, реагира поранешниот министер за финансии Никола Поповски.

Министерот за финансии Зоран Ставрески.
Министерот за финансии Зоран Ставрески.

Најавите за тоа како ќе изгледа буџетот за 2015 година само покажуваат дека нема промена во досегашната буџетска политика на земјата, којашто се состои во изразен буџетски дефицит и нови задолжувања коишто го зголемуваат нивото на јавен долг во Македонија, вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски. Додава дека вака проектираниот буџет не соодветствува на економската состојба во земјава.

Воопшто не се направени обиди да се направи ускладување, односно еден баланс меѓу приходите и расходите на буџетот, заради таквиот пристап на владата ние и понатаму ќе имаме раст на дефицитот.
Слободан Најдовски, економски аналитичар.

„Воопшто не се направени обиди да се направи ускладување, односно еден баланс меѓу приходите и расходите на буџетот, заради таквиот пристап на владата ние и понатаму ќе имаме раст на дефицитот“, вели Најдовски.

Според Поповски пак проектираниот раст од 4 отсто од БДП-то, е тешко остварлив ако и натаму продолжи политиката на форсирање на јавниот наместо на приватниот сектор.

„Но она што е најбитно дека и тој раст околу два, три отсто, не ги решава проблемите со невработеноста, со нискиот стандард. На Македонија и треба многу интензивен раст, ова е повеќе реална проекција на некаде околу два до три отсто, малку и политички поттикната да биде четири за да звучи малку попомпезно за граѓаните.“

Најдовски пак вели дека растот од 4 отсто е остварлив, но дека истиот нема да ги реши проблемите на граѓаните и нема да го подобри стандардот на граѓаните.

„Следната година, барем според најавите, треба да се засили работата на двата автопати коишто се најавени и може да се движи во рамките од три до четири отсто, но сепак тоа е ниско ниво за да може Македонија да смета на позабрзан економски развој.“

Предлог буџетот за следната година предвидува поголеми плати во јавниот сектор од годинава и поголеми пензии и социјална помош од следната година. Според него, од ноември годинава со исплатата на октомвриската плата примањата во јавната администрација ќе се покачат за 4 проценти. Од јули со јунската исплата социјалната помош ќе се покачи за 5 отсто, додека пензиите од октомври со исплатата на септемвриската пензија ќе се зголемат исто така за 5 отсто.Инаку, Буџетот за 2015 година е проектиран на раст од 4 отсто на бруто домашниот производ, инфлација од 2 отсто и буџетски дефицит кој е понизок од годинашниот и изнесува 3,5 отсто. Буџетот за 2015 година, како што истакна министерот за финансии Зоран Ставрески е во функција на поддршка на стопанството и приватниот сектор преку капитални инвестиции, но и стандардот на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG