Достапни линкови

Владата го крие јавниот долг?


Пуштање во употреба новата зграда на Министерството за финансии на 29 август 2014 година.
Пуштање во употреба новата зграда на Министерството за финансии на 29 август 2014 година.

Владата не го соопштува нивото на јавниот долг, но според опозицискиот СДСМ тој изнесува околу 55 проценти од Бруто домашниот производ.

Опозицискиот СДСМ проценува дека јавниот долг во земјава изнесува околу 55 проценти од Бруто домашниот производ. Претседателот на новоформираната Комисија за финансии на СДСМ, Кире Наумов вели дека податокот за долг од 40,8 отсто, со кој, како што вели, Владата манипулира, се однесувал само на долгот на централната влада во кој не влегуваат долговите од јавните претпријатија, општините и долгот на Народната банка.

Кога имате нетранспарентни јавни финансии, тоа значи дека во суштина криете нешто кое најчесто не добро ниту за државата, ниту за економијата, ниту за граѓаните.
Кире Наумов, СДСМ.

„Проблемот на висината на јавниот долг е начинот на којшто е направен, а во својата срж стои нетранспарентноста на владата околу јавните финансии. Кога имате нетранспарентни јавни финансии, тоа значи дека во суштина криете нешто кое најчесто не добро ниту за државата, ниту за економијата, ниту за граѓаните“, вели Наумов.

Решението за намалување на јавниот долг, според опозиционерите, е во намалувањето на буџетскиот дефицит на околу 3 проценти, како и во намалување на висината на каматните стапки на задолжување.

Создаваат некои комисии кои повеќе служат за контакт на СДСМ со електоратот и не верувам дека тие можат да делуваат како коректор или како набљудувач или како предлагач за некои решенија.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

„Државата не треба да се задолжува најпрво со стапки повисоки од оние кои претставуваат стапка на раст на Бруто домашниот производ. Ако е повисока каматната стапката од стапката на раст, вие постојано ќе акумулирате се повисок и повисок јавен долг. Во иднина тој да се стабилизира, односно да почне да се намалува е да се намалува дефицит, односно да се води политика на избалансиран буџет“, вели тој.

Наумов вели дека за економија каква што е македонската, оптималното ниво на јавен долг треба да биде многу помал од стандардите на Европската унија. Во моментот кога Македонија ќе ги почне преговорите за Унијата, дефицитот не смее да биде повисок од 3 проценти, а јавниот долг не повеќе од 60 проценти. Се дотогаш, и ваквото ниво на Централната влада од 40 проценти е катастрофално и загрижувачко, категоричен е Наумов.

Од друга страна, пак, домашните аналитичари сугерираат дека опозицијата не треба само да критикува, туку и да нуди конкретни решенија. Професор Алајдин Демири посочува дека има простор за критики и во дејствувањето на опозицијата.

„Создаваат некои комисии кои повеќе служат за контакт на СДСМ со електоратот и не верувам дека тие можат да делуваат како коректор или како набљудувач или како предлагач за некои решенија, затоа што целта им е да го надживеат овој период додека се во оваа состојба, што значи до следните избори и целта е да го подигнат сопствениот рејтинг“, изјави професор Демири.

На критиките за историски највисок јавен долг упатени од опозицијата, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ неодамна реагираше со соопштение во кое се наведува дека најголемиот дел од парите за кои сме задолжени биле искористени за изградба на автопатишта, локални и државни патишта.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG