Администрацијата продолжува да се полни

Илустрација.

Се зголемуваат платите во администрацијата, но се зголемува и бројот на административци. Чаре за партиските војници или неопходни вработувања во јавниот сектор?

Вработување на 180 државни службеници најави Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Во огласот е наведено дека се бараат 150 помлади соработници со висока стручна спрема од општествени, техничко-технолошки или природно-математички науки и 30 помлади референти со средно и вишо образование. Универзитетскиот професор Хасан Јашари вели дека е очигледно оти нема потреба од нови вработувања во администрацијата.

Тоа е вентилот за владејачките политички партии да најдат чаре за своите партиски војници.
Хасан Јашари, универзитетски професор.

„Меѓутоа тоа е изворот, тоа е вентилот за владејачките политички партии да најдат чаре за своите партиски војници. Секое оптоварување на јавната администрација со непотребни работници произведува голем број на негативни ефекти и во буџетските трошоци и кај самите вработени во јавната администрација кои се потребни, значи непотребните на некој начин ја забавуваат работата на јавната администрација“, вели Јашари.

Сепак ќе треба да има анализи и да се види дали има потреба или нема потреба и дали има превработување или има помалку вработени во некои сектори и некои дејности.
Жидас Даскаловски, универзитетски професор.

Политичкиот аналитичар Жидас Даскаловски вели дека треба да се направи внатрешна анализа за потребите од нови вработувања во администрацијата. Според него, не може да се шпекулира дали администрацијата е пренатрупана и дека се работи за партиски војници кои не се адекватно вработени. Без некакво истражување, како што вели Даскаловски, не може да коментира такво нешто.

„Сепак ќе треба да има анализи и да се види дали има потреба или нема потреба и дали има превработување или има помалку вработени во некои сектори и некои дејности. Сепак, јавната администрација е огромен механизам и не е едноставно да се каже дека има превработување, можеби баш тие се потребни во дејноста што се врши, мора да се види точно, конкретно, да се направи истражување, анализа, не може паушално да се зборува“, вели тој.

Според Јашари, потребно е да се спроведува рационална политика на вработување во јавната администрација.

„Тоа треба да биде според потребите, а не според потребите на владејачките структури“, вели Јашари.

Упатените велат дека очигледно владата сака да оствари што повеќе Рамковни вработувања, бидејќи од наредната година со новите закони за администрација нема шанси тие лица да влезат. Министерот за финансии Зоран Ставрески при презентирањето на буџетот за наредната година најави дека е предвидено зголемување на платите во администрацијата, што дополнително ќе ја оптовари државната каса.