Проблемите меѓу коалиционите партнери, често се прекршуваат во образованието, велат познавачите. Последниот пример е бојкотот на албанските паралелки во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“во Скопје. Барањето за двојазични табли не е првпат, пред неколку години јавноста со месеци се занимаваше со промената на училишните табли во скопски Чаир, потоа се сеќаваме на одлуката за учење на македонскиот јазик од прво одделение во албанските паралелки, како и меѓуетничките тепачки меѓу учениците, неретко и во самите училишни дворови.
Во неможност да се решат на политичко ниво, коалиционите партнери еден на друг си ставаат сопки, за да можат преку децата, односно преку образованието да си ги решат нивните недоразбирања.Владо Димовски, Центар за меѓуетничка толеранција.
Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција, кој пред неколку години бил и дел од средно-училишниот одбор во „Марија Кири Склодовска“ во скопски Аеродром вели дека во денешно време најлесно е недоразбирањата меѓу коалициските партнери да се решаваат преку образованието, преку децата кои се уште не се ни задоени со политика.
„Во неможност да се решат на политичко ниво, коалиционите партнери еден на друг си ставаат сопки, за да можат преку децата, односно преку образованието да си ги решат нивните недоразбирања“, вели Димовски.
Ако се земе на пример училиштата во Општина Чаир во Скопје, каде две години не може да се промени едно име на училиште иако е законски постапено, тоа е уште еден доказ дека не се почитуваат правата и желбите на наставниците Албанци.Етем Џеладини, Сојуз на албански наставници.
Наставата на албански јазик во земјава се одвива во крајно лоши услови и малку се инвестира. Почнувајќи од тоа што за албанските училишта се делат малку пари, потоа просторните услови, до грешки во учебниците, а и нема доволно учебници, до тоа дека не се почитува зборот на наставниците и родителите Албанци, објаснува Етем Џеладини од Сојузот на албански наставници, задолжен за кумановскиот регион.
„Ако се земе на пример училиштата во Општина Чаир во Скопје, каде две години не може да се промени едно име на училиште иако е законски постапено, тоа е уште еден доказ дека не се почитуваат правата и желбите на наставниците Албанци. Овие докази се доволно да се освестат луѓето кои работат во Министерството за образование и самите родители да направат еден демократски чекор, да се решат побргу овие проблеми, бидејќи тестирањата и реформите кои се преземаат во последно време во образованието не можат да се спроведуваат оти прво треба да се создадат услови за такви реформи кои тешко ќе се спроведуваат во Македонија. “
Според него, проблемите резултирало со тоа во многу основни училишта да не се почне навреме со настава.
На овие проблеми Димовски го додава и тоа што, како што вели, во албанските училишта нема доволно стручен кадар, предаваат наставници со несоодветно образование или со средно образование, учебниците на албански не се добро преведени. Според Димовски Министерството нема јасна слика што се случува во образованието, а пред се во паралелките на албански јазик. Тој додава дека во земјата ништо не може да се реши без политика.
„Немајќи сила или немајќи волја да ги надминат овие проблеми посегнуваат по некои средства кои во моментот се популарни за јавноста и ќе предизвикаат можеби поголеми тензии во понатамошниот тек.“
Ученици од албанските паралелки во средното хемиско училиште бараат да учат на мајчиниот, албански јазик, психологот и педагогот во училиштето да се Албанци и таблата на влезот да биде двојазична. Од 42 одделенија во училиштето, 16 се албански.