Повеќе дипломатски скандали отколку успеси

Архивска фотографија.

Скандали, афери, таблидни вести... Има ли Македонија дипломатски капацитет? Како амбасадорите ја претставуваат земјава во белиот свет, колку си ги исполнуваат задачите кои МНР им ги доделува и колку се успешни во економското промовирање на земјава?

Љубовни афери, празни амбасади, дипломати кои си тераат свои ќефови и одмори без дозвола од Министерството за надворешни работи, проневерени пари, вработување на роднини по амбасади, терање бизнис на сметка на амбасадорската функција, сплетки, откажување од функција на само неколку месеци по назначување, како и мобинг, пијани амбасадори и по некоја ситна тепачка се дел од скандалите поврзани со македонските дипломатски претставништва низ светов кои ги полнат македонските медиуми во изминативе години.

Само скандал до скандал, срамотилаци, еден нема асален, јас не паметам во овие 23 години независност еден асален амбасадор.
Анкетиран граѓанин.

Поранешните дипломати велат дека сегашната состојба со надворешната политика може да се опише како глува соба. Тие додаваат дека честопати се среќаваме со нетранспарентност во дипломатските настани, партиско монополизирање на оваа активност, како и амбасадори кои што се уплашени да дадат изјава за домашните медиуми, а камо ли да напишат текст за медиумите во земјата во која се наоѓаат.

Во Австралија имавме еден сериозно голем скандал за којшто разбра целиот свет, тоа беше глупост невидена.
Анкетиран граѓанин.

Граѓаните велат дека почесто слушаат информации од приватниот живот на амбасадорите и нивните лични проблеми отколку за нивниот професионален ангажман или за нивните успеси во дипломатската сфера.

Министерот Никола Поповски на редовен работен состанок со македонските амбасадори и конзули во декември 2013.

„Не сум слушнал некој да направил некој толку голем успех како што направиле големи скандали.“

„Само скандал до скандал, срамотилаци, еден нема асален, јас не паметам во овие 23 години независност еден асален амбасадор.“

Во тек е оглас за пополнување на испразнетото место амбасадор во Москва.
Габриел Атанасов, портпарол на МНР.

„Па не знам, во последно време имам читано за скандали, ама што е суштината никој не може да каже освен тие лично или власта што треба да ги контролира“, велат анкетираните.

Министерот Никола Поповски на редовен работен состанок со македонските амбасадори и конзули во декември 2013.

Граѓаните што ги анкетиравме велат дека не се сеќаваат кога последен пат слушнале за некој успех на дипломатско поле.

„Има успеси, ама сега не ми текнува.“

„Во Австралија имавме еден сериозно голем скандал за којшто разбра целиот свет, тоа беше глупост невидена“, велат граѓаните.

Ако дојде до ситуација кога во една амбасада нема ниеден дипломат, односно лице со дипломатски пасош, тоа автоматски значи прекин на дипломатските односи. Значи дека ние со ваквото однесување сме ги прекинале дипломатските односи со Русија. Се разбира дека Русија нема да инсистира на тоа, но тоа секако е показател за нашето непрофесионално однесување.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

Според перцепцијата на анкетираните граѓани, амбасадорите ширум светов само уживаат во благодатите на дипломатскиот живот, а за возврат не прават ништо за да ја промовираат својата татковина.

„Работат да, оној во Австралија женски бркаше. За овие другиве да не правиме муабет, сега скоро имаше уште два такви скандали, ништо не работат.“

„Сепак ние знаеме колку моќни Македонци има надвор од земјава, ама целата суштина на тие амбасадори е да може да ги седнат на маса и да ги убедат, а што прават не можам јас да кажам“, велат анкетираните граѓани.

Пред очите на светската јавност секоја година се случуваат по неколку дипломатски скандали, поврзани со официјални претставници на Македонија.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

Последно што го привлече вниманието на јавноста на социјалните мрежи е младата заменичка министерка за надворешни работи Драгана Кипријановска за која се поставува прашањето колкаво е нејзиното дипломатско искуство со наполнети 28 години. Интересна за јавноста беше и проневерата на пари во Доха. Неодамна во дел од медиумите беше објавено дека државниот завод за ревизија наишол на неправилности во сметките на македонската амбасада во Катар во вредност од 50 илјади долари. Амбасадорот Фуад Хасановиќ по препорака на ревизорите ќе треба да ги врати парите на буџетската сметка на Министерството за надворешни работи.

Портпаролот на СДСМ Петар Шилегов.

За само 5 месеци двајца амбасадори се откажаа од своите функции, иако требаше да ја претставуваат Македонија во земји од големо стратегиско значење, како Германија и Русија. Пред еден месец дипломатот Ненад Колев се откажа од амбасадорската фотелја во Берлин поради, како што велат во МНР, лични причини.

Ниеден главен град во ЕУ не е загрижен од нешто друго, колку што е загрижен од неразумноста на два-тројца неодговорни кои се подготвени на сè, за да останат на водечки позиции во СДСМ, дури и по цена да го држат во заложништво сопствениот народ и сопствената држава.
ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно Никола Димитров, кој беше амбасадор во САД, по неговиот трансфер во амбасадата во Русија се откажа од македонското дипломатско столче. Според дел од аналитичарите, најголемата дипломатска грешка што може една држава да ја направи е ист дипломат по истекот на мандатот во Вашингтон да го прати во Москва.

Во меѓувреме амбасадорското столче во Москва остана накратко празно затоа што досегашниот в.д. амбасадор Ненад Шундовски без согласност од МНР заминал на годишен одмор надвор од Руската Федерација. Од МНР велат дека против него ќе биде поведена дисциплинска постапка.

Дипломатијата е занает како и секој друг што се учи од приправник до амбасадор. Ако некој млад човек веднаш стане амбасадор, очигледно дека тој не е спремен да одговори на предизвиците што дипломатијата како занает ги има.
Благој Зашов, поранешен дипломат.

„Имаме испратено вршител на должноста амбасадор во Москва. Тоа е Јани Богоевски, дипломат од кариера. Со него е испратен уште еден в.д. амбасадор кој ќе помага во извршувањето на задачите. Во тек е оглас за пополнување на испразнетото место амбасадор во Москва“, изјави неодамна за Телма Габриел Атанасов, портпарол во МНР.

Поранешниот амбасадор во Москва, Ристо Никовски, неодамна изјави дека ваквите ситуации во дипломатијата значат прекин на дипломатските односи.

Денеска Македонија располага на еден претерано голем дипломатски кадар што не соодветствува на државата. Најголемиот број од овие луѓе се примени по партиски канали и уживаат привилегии.
Нано Ружин, поранешен дипломат.

„Ако дојде до ситуација кога во една амбасада нема ниеден дипломат, односно лице со дипломатски пасош, тоа автоматски значи прекин на дипломатските односи. Значи дека ние со ваквото однесување сме ги прекинале дипломатските односи со Русија. Се разбира дека Русија нема да инсистира на тоа, но тоа секако е показател за нашето непрофесионално однесување“, анализираше Никовски за Телма.

Според информациите на веб страната на Министерството за надворешни работи, вкупно шест амбасади немаат дипломати да ги водат. Станува збор за дипломатските претставништва во Босна и Херцеговина, Канада, Кина, Унгарија, Русија, Швајцарија, како и постојаната мисија на Република Македонија при Обединетите нации во Женева.

По овие случувања, СДСМ излезе со обвинување дека откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, македонската дипломатија ја тресат само скандали.

„Јасно е како може да гледа Германија на овој непрофесионализам и дилентантизам на македонската дипломатија, ако се земе предвид дека агреманот за Колев е одобрен од земјата пред цели 6 месеци. Во февруари годинава професионалниот дипломат Никола Димитров одби амбасадорско место во Москва. Дали професионалците од МНР се срамат од аматерските политики на Никола Груевски и Никола Попоски. Пред очите на светската јавност секоја година се случуваат по неколку дипломатски скандали, поврзани со официјални претставници на Македонија“, изјави минатиот месец портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

Тој потсетува и на минатогодишниот скандал со амбасадорот во Чешка.

„Лани, од приватни причини, екс амбасадорот во Чешка, Игор Илиевски, бегаше во Полска. Почесниот конзул во Перу, Дејан Атанасовски, нападна граѓани и полицајци. Конзулот во Чикаго, Јовица Палашевски, се степал на паркинг и нападнал службено лице. Власта на Никола Груевски ниту чувствува, ниту презема одговорност. Напротив и натаму амбасадорските места ги третира како награди за послушници. Во дипломатските претставништва се најдоа и пејачи и манекенки. Амбасадорка во Белград е невропсихијатарка, без ден работно искуство како дипломат, но поранешна советничка на Груевски“, рече Шилегов.

На ваквите обвинување ВМРО-ДПМНЕ одговори дека угледот на Македонија го загрозува раководството на СДСМ со неодговорното однесување.

„Очигледен е обидот на Зоран Заев и Петре Шилегов преку вакви и слични изјави да ја маскираат штетата која тие и ја прават на Република Македонија преку нивниот неодговорен однос и услугите кои им ги пружаат на тие кои го блокираат членството во НАТО. Ниеден главен град во ЕУ не е загрижен од нешто друго, колку што е загрижен од неразумноста на два-тројца неодговорни кои се подготвени на сè, за да останат на водечки позиции во СДСМ, дури и по цена да го држат во заложништво сопствениот народ и сопствената држава“, пишува меѓу другото во реакцијата на владеачката партија.

Австралиските судови, пак, лани околу Нова Година се занимаваа со случајот на тогашниот македонски амбасадор во Австралија, Перо Стојановски, кој ја пријави австралиската државјанка Лидија Думбаловска во полицијата поради провалување во неговиот дом, кражба на лаптоп и уцена. Тогаш се пишуваше оти триесет и седумгодишната австралиска државјанка претходно била во интимна врска со Стојановски, а за правдата решаваа тамошните судски власти. Таа во допис до нашево радио, по објавувањето на текстот наведе дека судот пресудил во нејзина корист. Стојановски подоцна се повлече од дипломатската функција поради здравствени причини.

Не остана незабележана ни љубовната мака на Агрон Буџаку кој сè уште е амбасадор во Франција со, како што пишуваа медиумите, Мери Николова. Таа пред три години јавно говореше за нивната забранета љубов.

Проблеми имаше и во македонската амбасада во Хаг, од каде што поради физичка пресметка со вработен порано од функцијата беше вратена професорката Добринка Тасковска. Дипломатската служба докрај не ја дотера ниту конзулот во САД Филип Петровски. Тогашната министерка за надворешни работи Илинка Митрева тврдеше дека таквата одлука се должи на тоа што Петровски се однесувал несовесно и непрофесионално, а учествувал и во јавни инциденти.

Според поранешните дипломати и амбасадори проблемот лежи во неквалитетниот партиски кадар со кој што се пополнуваат амбасадорските позиции.

Еден од првите амбасадори на Македонија Благој Зашов вели дека дипломатијата е занает кој што се учи цел живот.

„Јас не знам точно како сега тие се снаоѓаат, но можам да кажам дека дипломатијата е занает како и секој друг што се учи од приправник до амбасадор. Ако некој млад човек веднаш стане амбасадор, очигледно дека тој не е спремен да одговори на предизвиците што дипломатијата како занает ги има“, вели Зашов.

Поранешниот дипломат и амбасадор во НАТО, Нано Ружин, вели една од причините која придонесе за неквалитетен дипломатски кадар е што амбасадорските столчиња се делат како награда за партиските послушници.

„Така да ги наречам слободни стрелци, партиски служители, административци коишто поради некој партиски успех во некоја мала општина или во некоја институција беа праќани во дипломатијата, што се случува особено од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. И во времето на СДСМ имаше такви случаи, но тие беа сепак колку-толку изолирани“, вели тој.

Ружин додава дека со поставувањето на партиски кадри во дипломатските претставништва не се остава простор за професионалните кадри.

„Денеска Македонија располага на еден претерано голем дипломатски кадар што не соодветствува на државата. Најголемиот број од овие луѓе се примени по партиски канали и уживаат привилегии. Сега е затворен просторот за пробив на нови дипломати и отфрлени се сосема некои постари кадри коишто сепак имаат огромно искуство“, вели Ружин.

Зашов вели дека искусните дипломати порано, во тешки услови, кога се формираше институционалната инфраструктура на земјава, успевале да се справат со задачите.

„Условите беа тешки од секаков вид, и од финансиски. Се разбира кога се наоѓа човек во странство има потреба и од поддршка од земјата, а многу често не доаѓаат навреме инструкции од централата, односно од МНР, но особено ние искусните дипломати знаевме да се снаоѓаме во различни ситуации кога ни се поставуваа барања, а немавме инструкции од Министерството“, вели Зашов.

Правејќи паралела на дипломатијата сега и изминативе 20 години, Ружин вели дека период од 90-тите години може да се оцени како успешен во промовирањето на Македонија со оглед на тоа што во тој период беа испраќани професионалци за разлика од сега. Ружин објаснува дека како најголем успех на македонската дипломатија може да се наведе трасирањето на евроатланскиот пат. Но, додава дека работите никогаш не биле сјајни.

„Секако дека се покажаа и одредени слабости, пред сè еден вид робување на стари формули. Македонија не испраќаше доволно инструкции од страна на министрите и другите авторитети кон своите амбасадори. Исто така амбасадорите пишуваа депеши коишто често пати беа адаптирани согласно тоа што шефот, лидерот, министерот, претседателот сака да чуе“, вели Ружин.

Дел од аналитичарите чарето го гледаат во назначување професионални дипломати, но други велат дека треба да се надмине дилемата дека за успешен дипломат не е пресудно дали е некој политичар или вработен во МНР, туку тоа зависи од изграденоста и од кредибилитетот на личноста. Време е за сериозен пристап во надворешната политика што треба да биде ослободена од партиски стеги. Рачната треба да ја крене претседателот на државата, кој има ингеренции во ова област, но има и познавање и кредибилитет на човек што знае да ги цени вистинските вредности.