Кумановци незадоволни од сообраќајната сигнализација

Кумановци се жалат на неизградена водоводна, атмосферска или патна инфраструктура, но и за често пати исклучената сообраќајна светлосна сигнализација и за необновените „лежечки полицајци“ на најфреквентните сообраќајници.

До Секторот за урбанизам и градежништво во локалната администрација во Куманово не ретко има реакции од граѓани кои се незадоволни од динамиката со која се работи за надминување на инфраструктурниот проблем во урбаните единици. И додека поплаките и забелешките се главно за неизградена водоводна, атмосферска или патна инфраструктура, не отсуствуваат ниту тие за често пати исклучената сообраќајна светлосна сигнализација, но и за необновените „лежечки полицајци“ на најфреквентните сообраќајници.

На одделни делови се исклучуваат семафорите, конкретно кај болницата, во центарот на градот (поранешна „Пчела“и стара пошта). Има заклучени ормани меѓутоа секој катинар се отвора, а потоа копчето се исклучува. И најчесто тоа го прави МВР, СВР-Куманово, а не ретко го прават и граѓаните.
Момчило Јовановски, Сектор за урбанизам и градежништво во Општина Куманово.

Раководителите во Секторот, Лидија Ланг Спасовска и Момчило Јовановски, велат дека динамиката се одвива според приоритети. Ланг Спасовска појаснува дека токму поради неизградената инфраструктура инвеститорите на градбите согласно методологијата плаќаат по 40 отсто од утврдената цена за наплата на комуналии.

„И доколку постојат одредени инфраструктурни објекти, улично осветлување, експропријација и слично, се одредува соодветна сума за доплата“, вели таа и додава дека на територијата на градот Куманово главно периферните делови имаат инфраструктурни проблеми.

Постоечеките се во вид на топчиња од своевидна пресувана гума (согласно новиот Закон) се зашрафени, но поради квалитетот на сообраќајницата тие испаѓаат или пак ги вадат несовесните граѓани.
Момчило Јовановски, Секторот за урбанизам и градежништво во Општина Куманово.

„Населба Зелен Рид, таму луѓето имаат платено надоместок од 40 отсто, а не им е завршена инфраструктура. Банево Трло еден дел исто така, како и еден дел во близина на Спомен костурницата“, вели Ланг Спасовска.

За надгледување на сообраќајната регулација што е една од причините за сообраќајниот хаос, ангажирана е фирма, но Јовановски за „виновници“ за исклучените семафори ги посочува МВР и несовесните граѓани – поединци.

„На одделни делови се исклучуваат семафорите, конкретно кај болницата, во центарот на градот (поранешна „Пчела“и стара пошта). Има заклучени ормани меѓутоа секој катинар се отвора, а потоа копчето се исклучува. И најчесто тоа го прави МВР, СВР-Куманово, а не ретко го прават и граѓаните“, вели Јовановски.

Тој додава дека често пати проблемот е и во исклучување електрична енергија.

Што се однесува до трајноста на „лежечките полицајци“ кои за граѓаните претставуваат некаква безбедност, особено во прилично фреквентните помали улици во градот, тамошните жители реагираат дека „се топат“ како мраз на сонце. За еднаш поставените, а набргу потоа и откорнатите „лежечки полицајци“, според граѓаните, виновни се надлежните, но и несовесните возачи кои не ретко ги одбегнуваат со голема брзина доближувајќи се до пешачката патека. Со тоа сериозно се загрозува безбедноста на пешаците, но и на останатите учесници во сообраќајот.

„Постоечеките се во вид на топчиња од своевидна пресувана гума (согласно новиот Закон) се зашрафени, но поради квалитетот на сообраќајницата тие испаѓаат или пак ги вадат несовесните граѓани“, појаснува Јовановски.