Основан како прв сегмент на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија во Охрид, сега веќе далечната 1986 година, нејзиниот Камерен оркестар стамено ја продолжува традицијата на изведувачки состав со високо-професионални квалитети. Ансамблот, кој е прв и единствен од таков вид на просторите на југоисточна Европа и кој, патем, е составен од студенти на Факултетот за музичка уметност, но и од гости и млади музичари од други земји, овој пат под диригентство на извонредниот виолинист Емилио Перцан, ќе одржи два концерта на барокна музика.
Се определивме на двата концерта да биде застапена барокна музика или делот од т.н сериозна музика. Зашто барокна музика? Поради тоа што во последниве, да речеме четири или пет години, станува тенденција, не би рекол мода, да се враќаме малку кон корените на класичната музика.Александар Герасимовски, продуцент во Музичката младина на Македонија.
Имено, со дела од Вивалди, Абако, Дуранте и Корели, Камерниот оркестар најнапред оваа среда ќе музицира во предворјето на црквата „Света Софија“ во рамките на актуелното 54-то Охридско лето, за да веќе наредниот ден, на 31 јули, со перформансот на Ликовната академија, во Сули ан од 20.30 часот, го круниса и јубилејното 35-то Скопско лето.
Радоста на заедничкото музицирање и изведбите секојпат претставувале и за нив еден нов поттик за стручно усовршување и за понатамошни успеси во нивната работа бидејќи и овој проект е дел од т.н градење на кариерата на еден млад музичар.Александар Герасимовски, продуцент во Музичката младина на Македонија.
„Се определивме на двата концерта да биде застапена барокна музика или делот од т.н сериозна музика. Зашто барокна музика? Поради тоа што во последниве, да речеме четири или пет години, станува тенденција, не би рекол мода, да се враќаме малку кон корените на класичната музика и бидејќи е специфична за изведба како би можеле нашите млади музичари да осознаат малку повеќе за овој тип на музицирање, кој што донекаде и се разликува од она во областа на „класиката“, а да не зборуваме за современата музика. Затоа мислам дека за овие млади луѓе кои полека го завршуваат нашиот годинашен Летен камп тоа ќе навистина едно посебно доживување и убава можност да и покажат на публиката во Македонија колку напреднале во своето истражување на барокната музика“, истакнува Александар Герасимовски, продуцент во Музичката младина на Македонија.
Како солист на чембало на обата концерта ќе се појави Тамила Галиева од Германија, а Герасимовски говорејќи за младите музичари учесници во проектот, инаку студенти на повеќе европски конзерваториуми и музички академии, знае да забележи нив во случајов ги врзува радоста на заедничкото музицирање.
„Радоста на заедничкото музицирање и изведбите секојпат претставувале и за нив еден нов поттик за стручно усовршување и за понатамошни успеси во нивната работа бидејќи и овој проект е дел од т.н градење на кариерата на еден млад музичар“, вели Герасимовски.
Емилио Перцан, пак, понесен од звукот на татковата виолина музичкото образование го започнува на 6-годишна возраст во МБУЦ „Илиjа Николовски-Луj“, во Скопје. Дебитира на 14-годишна возраст во родниот град, а големо влијание на неговиот понатамошен развој остава професорката Изабела Сергеевна - Головина (поранешна ученичка на Леонид Коган) чија покана го носи на студии во Москва во 1999 година. Потоа за младиот Перцан следуваат консултативни предавања кај Дора Иванова (студент на Д. Оистрах) по што тој ги започнува студиите во класата на професор Пиетер Даниел на Универзитетот за уметност во Есен - Германија. Се усовршува во областите на камерна музика и барокна виолина во класите на респектирани професори на овој Универзитет, за да во јуни 2006 година стане концерт мајстор и солист на ансамблот „Il arte del mondo“.
Во текот на својата досегашна кариера тој настапувал со уметници како Чен Реис, Рафаела Миланези, Михаел Рол, Ксавиер де Местре и други, а во 2008 година ја започнал блиската соработка со Даниел Хоуп, еден од наjистакнатите виолинисти на денешницата со кого на заедничката турнеја ги полнеле големите сали во Германија.
Перцан потем музицирал во салата на Берлинската филхармонија, онаа на големиот фестивал во Баден-Баден, Оперската сала во Токио, концертната сала во Сао Паоло и други, за да во мај 2011 година настапи како солист во Концертот за виолина и оркестар од Бетовен во Театарот Колон во Буенос Аирес. Ангажманот го добива една недела пред концертот, а критиката подоцна ќе го квалификува концертот како музичко случување на годината.
Конечно, со несебична поддршка на Викторија Мулова, потпишува договор со дискографската куќа ONYX. Неговиот дебитантски албум насловен „Affettuoso“, каде се поместени изведби на ретки барокни дела меѓу кои и сонатите од Пјани и Јеминијани, му носи извонредни одгласи од меѓународната критика во реномираните музички списанија: како „Грамофон“, „Страд“, „ Аудиофил“, додека пак Music Web International го прогласува ова издание за носач на звук за август 2012 година.