Домашната јавност нема големи очекувања од Васко Наумовски, новиот преговарач за спорот за името, но и од неговата улога во преговарачкиот процес. Денеска секој може да биде дипломат и преговарач, вели професорот Нано Ружин, според кој доволно е да поседуваат три критериуми: да биде добар слушател, веродостојно да ги пренесува позициите на власта и да биде затворен за јавноста.
Преговарачите се обични апарати кои функционираат со далечински управувач. Тие немаат никаква улога во преговарачкиот процес, тие се само пренесувачи, а со сегашната технологија не се ни потребни.Мерсел Биљали, универзитетски професор.
„Во македонската дипломатија стана пракса дека секој може да биде дипломат, дека секој може да биде министер, секој може да биде преговарач, доколку биде дисциплиниран, добар слушач, да не зборува ништо за медиумите и успешно да ги пренесува позициите на актуелната власт“, изјави Ружин.
Според професор Мерсел Биљали пак позицијата преговарач воопшто не е потребна. Нивната улога е формална, тие не смеат да кажат ништо повеќе од тоа што власта им го дозволила да го кажат.
„Преговарачите се обични апарати кои функционираат со далечински управувач. Тие немаат никаква улога во преговарачкиот процес, тие се само пренесувачи, а со сегашната технологија не се ни потребни.“
Обично нашиот преговарач е повеќе добар слушател на она што ќе му се каже како директива, отколку силен или јак поттикнувач на некакво решение на проблемот.Нано Ружин, универзитетски професор.
Функцијата преговарач се сведува на спроведување на одлуките на центрите на власт, што значи дека тој нема голем простор за маневрирање, вели Ружин. Според него преговарачот треба да го одглуми расположението на Владата и да си замине.
„Не е потребна некоја голема умешност или знаење, повеќе се сведува познавањето на англискиот јазик за комуникација, пред се контролата пред медиумите, така што обично нашиот преговарач е повеќе добар слушател на она што ќе му се каже како директива, отколку силен или јак поттикнувач на некакво решение на проблемот“, вели Ружин.
Не очекувам никаков импулс во контекст на интензивирање на преговарачкиот процес со изборот на новиот преговарач, оти проблемот со името се решава само помеѓу македонскиот и грчкиот премиер, а во присуство на релевантниот посредник, вели Биљали.
„Немаат право на размислување и обично ги праќаат тие луѓе кои ниту имаат капацитет, ниту имаат волја за да решаваат проблеми, туку само имаат желба.“
Васко Наумовски е четвртиот преговарач за името во досегашната историја на преговорите. Прв македонски преговарач беше Вања Тошевски, него го наследи Никола Димитров, а актуелниот министер за одбрана Зоран Јолевски му беше претходник на Наумовски.