Македонија сè уште нема назначено нов преговарач за името, во пресрет на најавената посета на посредникот на ОН во преговорите за името Метју Нимиц на Македонија и Грција. Досегашниот македонски амбасадор во САД, кој беше и преговарач за името, Зоран Јолевски, се врати во Македонија и е поставен за министер за одбрана. Беше најавено дека Нимиц ќе ги посети Скопје и Атина на почетокот на овој месец, но сè уште не се соопштува конкретен датум.
Претпоставувам дека Нимиц нема да дојде, бидејќи беше очигледно од самиот почеток дека иницијативата која ја презема, крајно невообичаено за време на избори, беше со единствена цел да се отвори можноста Македонија да биде примена во НАТО на Самитот во септември.Ристо Никовски, поранешен дипломат.
Поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека посетата на Нимиц на регионот станува беспредметна, откако стана извесно дека нема да има проширување на септемврискиот Самит на НАТО.
„Претпоставувам дека Нимиц нема да дојде, бидејќи беше очигледно од самиот почеток дека иницијативата која ја презема, крајно невообичаено за време на избори, беше со единствена цел да се отвори можноста Македонија да биде примена во НАТО на Самитот во септември. Очигледно тоа пропадна, НАТО најави дека нема да има проширување во септември и мислам дека со самото тоа посетата на Нимиц е беспредметна“, вели Никовски.
Поаѓајќи од фактот дека во изминатите осум години власта никогаш не ја консултираше опозицијата, може да се констатира дека и во овој момент таа не може да биде спречена да продолжи со дијалогот со јужниот сосед.Нано Ружин, поранешен дипломат.
Поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин, вели дека актуелната политичка криза во земјава секако дека влијае на нормалниот тек на разговорите за името.
„Од друга страна, поаѓајќи од фактот дека во изминатите осум години власта никогаш не ја консултираше опозицијата, може да се констатира дека и во овој момент таа не може да биде спречена да продолжи со дијалогот со јужниот сосед со посредство на господин Нимиц“, вели тој.
Ружин вели дека со оглед на тоа што владата не назначи нов преговарач за името, Јолевски се уште би требало да продолжи да ги води преговорите. Тој не очекува никакви позначајни промени во разговорите за името, освен некакво „дипломатско одржување оган во преговорите“.
Странските дипломати често посочуваат дека евроинтегративниот процес може да ги релаксира меѓуетничките односи во државата, со оглед на тоа што тоа е прашање околу кое се обединуваат сите етнички заедници. Ружин, сепак, вели дека и покрај закочените евроинтеграции нема проблеми во владината коалиција.
„Независно од тоа што се случува во секојдневниот живот во Македонија, разните напнати состојби, сепак не можеме да констатираме дека се работи за пореметени односи во рамките на владата“, вели Ружин.
Во интервју за телевизија Алфа пред неколку дена Јолевски изјави дека Македонија има капацитет да продолжи со преговорите за името, без разлика кој ќе биде нов преговарач.