Пропадна обидот за почеток на крајот на политичката криза

По средбата во Клубот на пратениците која траеше околу еден час, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, останаа на своите претходни позиции, односно Заев на барањето за формирање на техничка влада, а Груевски дека тоа е неприфатливо за нив.

Пропадна обидот за почнување на дијалог за разрешување на политичката криза. По средбата во Клубот на пратениците која траеше околу еден час, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, останаа на своите претходни позиции, односно Заев на барањето за формирање на техничка влада, а Груевски дека тоа е неприфатливо за нив.

Можам да соопштам дека ако нема подготвеност од страна на власта за разговори за техничка влада, навистина другите точки кои и вие знаете дека се полесни точки за преговори, тогаш се беспредметни за отворање.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Претседателот на опозициската партија соопшти дека нема договор за разговори, нагласувајќи дека без техничка влада сите други теми биле ирелевантни.

„Апсолутно не сум оптимист. Вие знаете дека прв приоритет е техничката влада. Можам да соопштам дека ако нема подготвеност од страна на власта за разговори за техничка влада, навистина другите точки кои и вие знаете дека се полесни точки за преговори, тогаш се беспредметни за отворање“, рече Заев кој на прашањето што понатаму упати тоа да му се поставело на Груевски.

На неколку минути пред крајот господинот Заев побара од мене денеска во изјава да потврдам дека прифаќаме формирање на техничка влада, што за мене беше изненадување. Ми личи како некој да го посоветувал на таква работа и нормално јас тоа не го прифатив.
Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот, пак, нагласи дека кажал јасно дека за нив е неприфатливо формирањето техничка влада, бидејќи владата само што била формирана и почнала да работи, а тоа што понатаму ќе разговарале и ќе размислеле во партијата.

„Разговорите течеа во една мирна и коректна атмосфера и речиси на крајот бевме договорени од следната недела да почнат со работа работни групи кои ќе ги адресираат сите прашања коишто ги засегаат двете страни, и нив и нас, меѓутоа, на неколку минути пред крајот господинот Заев побара од мене денеска во изјава да потврдам дека прифаќаме формирање на техничка влада, што за мене беше изненадување. Ми личи како некој да го посоветувал на таква работа и нормално јас тоа не го прифатив“, рече Груевски.

Инаку петте барања што ги испорача опозицијата покрај формирањето техничка влада се создавање услови за одвојување на партијата од државата, регулација на медиумите, прочистување на Избирачкиот список и спроведување попис.

Токму првото барање на СДСМ и пред средбата се очекуваше дека ќе биде кочница за понатамошен тек на разговорите, бидејќи Груевски и претходно најави дека тоа е неприфатливо за нив.

Аналитичарот Едмонд Адеми смета дека нема да има брзо надминување на проблемите со оглед на тоа што опозицијата нема да не остапела од своите пет барања.

„Јас сметам дека како прва клучна точка во оваа држава треба да се отвори одржувањето на попис, доколку се договорат првите четири до техничката влада, логично би следело таа да биде последна, во смисла кога ќе ги договориме сите тогаш која е таа влада која ќе ги имплементира тие договорени работи“, вели Адеми.

Инаку до лидерската тет-а-тет средба дојде откако Груевски на прославата на Унијата на млади сили рече дека е подготвен да му понуди рака на СДСМ. Потоа претседателот на собранието Трајко Вељаноски не ги констатираше оставките на пратениците од опозицијата, за, како што рече, оставел простор за натамошен развој на политичкиот дијалог. Во меѓувреме во јавноста излегоа информации дека претставници на Европската унија веќе помагаат во дијалогот меѓу двете страни.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, пред средбата Груевски-Заев го поздрави дијалогот, а оцени и дека напорите за надминување на ќорсокакот се во корист на граѓаните, а дијалогот бил важен и во однос на решавање на клучните реформски приоритети на ЕУ.