Украина покажа, најбитно за Македонија да е во НАТО

Македонија нема да има директни последици од украинската криза, но секако дека ќе ги почувствува индиректните последици кои може да се одразат на цела Европа.
Влошувањето на ситуацијата во Украина ќе ја влоши состојбата во Европа и во светот. Секако дека и Балканот и Македонија ќе ги чувствуваат последиците на тоа што се случува во Украина, предупредува украинскиот амбасадор во земјава, Јуриј Гончарук во неделното интервју за нашето радио.
Знаете, сè на овој свет е меѓусебно поврзано. Ништо не се случува едноставно, така и секогаш има последици. Уште повеќе во случајот со Украина.
Јуриј Гончарук, украински амбасадор во Македонија.


„Знаете, сè на овој свет е меѓусебно поврзано. Ништо не се случува едноставно, така и секогаш има последици. Уште повеќе во случајот со Украина. Таа е голема европска држава која е еден од контрибуторите на безбедноста во Европа и од тоа што се случува во неа зависи и политичката клима во цела Европа. Подобрувањето на ситуацијата во Украина ќе симне многу ризици. Тоа е закономерно“, вели Гончарук.


Домашните експерти, пак, велат дека Македонија нема да има директни последици од украинската криза, туку индиректни. Факт е дека оваа криза добива регионален карактер, вели професорот на Воената академија, Методи Хаџи-Јанев.
Индиректните последици сепак е можно да се очекуваат доколку генерално ваквата слика се одрази на промена на балансот на сили со што всушност светот навлезе во една нова студена војна.
Методи Хаџи-Јанев, професор на Воената академија.


„Индиректните последици сепак е можно да се очекуваат доколку генерално ваквата слика се одрази на промена на балансот на сили со што всушност светот навлезе во една нова студена војна којашто нема да биде како класичната, но ќе има неколку пола и во такви услови отсуството од колективен систем за безбедност или Македонија надвор од колективен систем за безбедност би можело да има консеквенци во секој поглед“, вели Хаџи Јанев.

Според украинскиот амбасадор, кризата во неговата матична земја нема да го забрза влезот на Македонија во НАТО, оти како што вели, НАТО не може да премине преку своите принципи.

„Знаете, како ми се чини, влезот на Република Македонија во НАТО повеќе зависи од решавањето со Грција на прашањето на спорот за уставното име. Тоа всушност и го потврди неодамнешната посета на Генералниот Секретар на НАТО Расмунсен на Македонија. И нашата криза нема да влијае, бидејќи треба да се договара со Грција, што е очигледно“, вели Гончарук.

Професорот Хаџи-Јанев смета дека на Македонија и е потребна заштита од страна и оти регионот што побрзо треба да биде интегриран во Алијансата.

„НАТО ќе направи стратешка грешка доколку не го интегрира регионот што побргу, не само од конвенционалните закани што ќе следат доколку светот навлезе во една криза, туку и од аспект на асиметричните закани, бидејќи сè уште просторот на Западен Балкан е тло коешто не е интегрирано и коешто, според многу безбедносни анализи, претставува место од каде што всушност се интегрираат директните закани за НАТО земјите и евроатлантските интеграции“, заклучува Хаџи-Јанев.