Достапни линкови

Милошоски - Грција не дозволува да влеземе во ЕУ пред Србија


Интервју со Антонио Милошоски
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:29 0:00

Интервју со Антонио Милошоски

Поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани ми кажа дека позицијата на официјална Атина е таква што тие ќе ги направат сите можни чекори и ќе ги преземат сите можни дејствија Македонија да не стане членка на ЕУ, пред тоа да стане Србија, вели поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Милошоски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, веќе извесен период е активно вклучен во разговори за спорот за разликите за името и постојано повторува дека последниот предлог на медијаторот Нимиц е добра основа за решавање на спорот за разликите за името со Грција. Од ВМРО-ДПМНЕ не слушнавме конкретен став врзан со последниот предлог на медијаторот Нимиц. Каков е ставот на партијата, се согласува ли со ставовите на господинот Ахмети?

Имаме различни ставови со ДУИ во однос на тоа прашање по две работи најмногу. Првата работа е тоа што ние гледаме да не избрзуваме со изложување на нашите ставови во јавноста, затоа што изложување на секој став не му прави добра услуга на кој било предлог. Ако македонската страна каже дека некој предлог е неприфатлив, тогаш тоа е сигнал за грчката страна да го каже спротивното, и обратно, ако македонската страна каже за некој предлог дека е добра основа, тоа најчесто било сигнал за официјална Атина да го одбие веднаш таквиот предлог. Затоа сметаме дека изложување на ставовите по однос на спорот за името е најдобро да бидат канализирани во дипломатската комуникација којашто се одвива на релација Македонија-ОН-посредникот Нимиц и официјална Атина. И Втората работа по којашто сме имале разлики со коалициониот партнер по ова прашање е начинот на одлучување и стигнување до конечно решение. Ние сметаме дека конечното решение и одговор треба да биде резултат на изјаснување на граѓаните на референдум. Од ДУИ не го негираат да речам тоа како можна варијанта, но сепак гледаме дека не се најзадоволни со една таква процедура при решавањето на ова прашање, затоа што за нив времето на решавањето на спорот е поважно од квалитетот на решението на македонско-грчкиот спор, додека за ВМРО-ДПМНЕ квалитетот и долготрајноста на можното решение меѓу Македонија и Грција е поважно од временските рамки коишто некој се обидува да ги наметне.

Расмусен, кога беше во Скопје, јасно кажа дека проблемот треба да се реши за Македонија да влезе во НАТО. Бевте министер за надворешни работи и веројатно поради тоа добро ги знаете работите. Има ли реална можност да се реши спорот за името до Самитот на НАТО?

До Самитот на НАТО конечно решение не верувам дека може да се случи поради прекраткото време, тоа е првата работа, во коешто би требало да има сериозен, издржан предлог, редовни консултации, би требало да има, еден од предусловите за да се стигне до конечно решение е да има и македонско-грчки дијалог на што е можно повисоко политичко ниво, но гледаме дека од грчка страна изостанува таквата волја. Ниту грчкиот премиер, ниту грчкиот министер за надворешни работи или претседател во моментов не покажуваат спремност да имаат личен, тет-а-тет, очи в очи дијалог со своите македонски колеги и тоа не го олеснува начинот на изнаоѓање на решение.

Расмусен во Скопје рече дека е потребна храброст, што практично се толкуваше како порака до македонските власти, а не до оние во Атина, бидејќи во Скопје го рече тоа.

Јас ќе кажам само еден пример за да дадам една појасна слика за тоа дека во Грција сè уште имаме позиција којашто решението за спорот не го гледа како главна цел во однос на Македонија, туку неговото одолговлекување и што подоцна решавање со цел Македонија што подоцна да се приклучи во меѓународните организации каде што Грција е веќе членка. Во прилог на тоа ќе ја кажам изјавата којашто во една тет-а-тет средба со тогашната колешка Дора Бакојани ми беше кажана во Мадрид, кога Шпанија претседаваше со ОБСЕ. Таа кажа дека позицијата на официјална Атина е таква што тие ќе ги направат сите можни чекори и ќе ги преземат сите можни дејствија Македонија да не стане членка на ЕУ, пред тоа да стане Србија. Тоа ни дава до знаење дека Грција игра на тактиката на одолговлекување на решението и на спорот.

Во 2008 година од кога Грција нè блокираше за влегување во НАТО на Самитот во Букурешт и потоа по преземениот чекор од наша страна пред судот, постојано инсистираме, и тоа е така, дека ние сме во право, дека тоа е верификувано со хашката пресуда, но за жал хашката пресуда и во НАТО и во ЕУ се покажува како безвредно парче хартија. Македонија со години останува во чекалната на НАТО и на ЕУ. Која е стратегијата?

Стратегијата е да се продолжи со реформите, да се остане на ниво на капацитетот и на потребните услови за членство во НАТО и членство во ЕУ. Вториот дел од стратегијата треба да биде продолжување и одржување на пријателствата и сојузништвата коишто ги имаме со многу земји, понатамошно лобирање за случајот на Република Македонија, добра регионална соработка со сите други соседи, со соседна Бугарија, Србија, Косово, Албанија и поширокото соседство за да се покаже дека Грција е таа што создава вештачки бариери и пречки и економски развој на домашен план, но доколку сакаме решение на овој спор, тогаш не може да се очекува дека само со притисок врз Македонија ќе се стигне до решавање на македонско-грчкиот спор. Ние мора да имаме, освен Македонија и Грција, мора да имаме трета, повлијателна и сериозно заинтересирана страна којашто ќе сака да се вклучи во спорот. Дали тоа ќе бидат САД или Германија, Франција или сите заедно или можеби тоа ќе биде Европската комисија на начин како што посредуваше меѓу Словенија и Хрватска, па ќе се овозможи паралелно почнување на преговорите и нивно течење задно со текот на преговорите за решавање на спорот за името, тоа треба да биде одлучено и освен политичката волја во Македонија и во Грција, да има политичка волја и во Брисел и во Вашингтон да се помогне во решавањето на овој спор.

Какво е вашето мислење, има ли реално кризата во Украина некакво влијание врз проширувањето на НАТО, коешто би можело да се ефектуира врз Македонија и нејзиното членство?


Кризата во Украина има влијание и влијанието е поделено. Една група земји членки на НАТО, посебно САД и да речеме источниот блок на земји од НАТО, балтичките земји, Вишеградската група, Данска и некои други сојузници имаат поголема волја проширувањето да продолжи како одговор на украинската криза, зашто нивната теза е доколку не беше проширувањето на НАТО, сега наместо кризата во Украина ќе имаше криза во Полска, во Естонија или во Латвија. Од друга страна, има членки на НАТО коишто припаѓаат на она што Рамсфелд го кажа на времето, „стара Европа“, постари земји членки на ЕУ и НАТО, на коишто висок приоритет им се истовремено и трговските и стопанските односи со Русија и се многу претпазливи затоа што сметаат дека проширувањето некогаш може да биде сметано и како провокација од страна на официјална Москва. Така што во НАТО сега има два блока коишто сè уште немаат стигнато до една заедничка позиција што ќе се случува на Самитот во Велс.

Стратегиските приоритети на владата се ЕУ и НАТО и тоа недвосмислено се истакнува од владините официјални лица, но паралелно со тоа често слушаме антизападни ставови од некои луѓе што се сметаат за блиски на владејачката партија. Ова не е контрадикторно?

Секој има право на свое мислење, но според мене, реформите што се спроведуваат, вниманието што се дава на извештаите кои доаѓаат од организациите каде што ние имаме аспирација да станеме земја членка, како што се НАТО и ЕУ, го покажува курсот на државата и курсот на владата и дополнително најдобрата слика за тоа каде се движи една држава политички, социјално и општествено е трговскиот биланс на размена. Македонија во секој случај и во секој поглед својата ориентација ја има кон ЕУ, и политички и трговски и реформски.

Ги споменавте реформите што ги преземаме за ЕУ. Последните години европските институции и европските дипломати што доаѓаат во посета на Македонија постојано ги истакнуваат слободата на изразување и слободата на медиумите како проблематични. Вие поодамна имавте еден Фејсбук статус во којшто оценивте дека Телма кога ќе порасне сака да стане А1, што предизвика коментари во јавноста дека всушност вие ја предвидувате истата судбина и на оваа телевизија. Ваш коментар околу слободата на медиумите?


Тоа е прилично политизирано прашање кај нас и очигледно дека после случувањата со А1 телевизија се најде начин како во тој, да речам, медиумски простор да се внесе што повеќе политизираност и контроверзии и самото тоа да стане тема.

Ама на меѓународни листи паѓа слободата на изразување, не е домашно рангирање.

Во секој случај, и меѓународните ранг листи се одраз на домашната тематика. Ако ние во земјата имаме тема за медиумите и ако има тема за слободата на новинарите или има тема за слободата на изразување, тогаш тоа е и повеќе третирано и од самите меѓународни организации според нивните критериуми.

Значи мислите дека слободата на медиумите не е толку сериозно загрозена колку што тоа го третираат извештаите на меѓународните организации?

Мислам дека слободата на медиумите секогаш е жива тема и секогаш ќе биде потребно да се посветува што поголемо внимание и во Република Македонија и мислам дека слободата на медиумите е тема во којашто ние ќе треба да направиме разграничување кои актери можат да влијаат на слободата на медиумите или кои чинители во Република Македонија треба да дадат повеќе од себе за ние да имаме подобар имиџ на ова поле. Тука пред сè мислам дека владините институции нормално ја носат најголемата одговорност, но исто така новинарските здруженија, самите медиумски куќи, нивната уредувачка политика, односот на сопствениците на медиуми кон главните уредници, односот на главните уредници кон новинарите, солидарноста на новинарската фела и утврдувањето на одреден кодекс, сето тоа заедно може да помогне ако секој актер во оваа, би рекол, поширока група даде свој придонес, ние можеме да имаме подобар скор на, да речам, тие скалила на меѓународните организации коишто се занимаваат со слободата на медиумите.

Коментар околу Фејсбук статусот што ве потпрашав на почетокот?

Очигледно е дека одредени стопански случувања коишто се поврзани и се дел од стопанскиот интерес на Макпетрол како сопственик на телевизија Телма од време на време имаат одредено влијание на нивната уредувачка политика и тоа според мене е сосема нормално. Ако тие сметаат дека треба така да се однесуваат, кога нивните стопански интереси се задоволени, тогаш да имаат еден курс во своето медиумско известување или кога нивните стопански интереси не се задоволени, тогаш да го менуваат правецот на известување, тоа е дел од одлуката на сопствениците и уредниците на телевизија Телма, но како критички настроен медиум и кон владините политики сметам дека телевизија Телма нам ни е од голема помош за да може да бидеме повнимателни и да речам попосветени на работата што ја вршиме, затоа што кога имате критика, без разлика дали доаѓа од опозицијата во собраниските клупи или од опозицијата надвор од Собранието или од опозицијата во медиумите или од кој било којшто има различно мислење, тоа дава дополнителен мотив и дополнителна претпазливост којашто може многу да им помогне на раководните структури во Владата на Република Македонија.
  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG