Неформалното образование за надополнување на формалното

Адмир Фазлагиќ, новинар.

Летниот одмор што следува е добра можност да се искористи за некоја летна школа, размена, семинар или обука која би ни помогнала да ги надополниме недостатоците на формалното образование на еден поинаков, подобар начин каков што сакаме ние, пишува новинарот Адмир Фазлагиќ во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.
Несомнено, знаењето е најсилниот адут на човекот. Луѓето кои се свесни за важноста на знаењето секогаш настојуваат да научат повеќе, да се дообразуваат, да дознаат нешто ново, да се информираат и да ги прошират своите видици. Формалното образование на балканските простори, за жал, конструирано е на таков начин што не ни овозможува да ги оствариме веќе наведените цели. Всушност, неговиот формален карактер, затвореноста, официјалноста, застарените програми за работа, начинот на предавање, учебниците кои се користат, не можат да одговорат на потребите и целите на младиот човек кој сака да напредува интелектуално и да биде во тек со науката.
Повеќе од 90 отсто од нашите матуранти се запишуваат на факултет, а при тоа од стопанствениците постојано слушаме критики како нашите новопечени академски граѓани не се способни да ги извршуваат соодветно своите работни задачи.


Сметам дека е особено важно тука да се истакне високото образование, односно неговиот квалитет, доколку се земе предвид дека повеќе од 90 отсто од нашите матуранти се запишуваат на факултет, а при тоа од стопанствениците постојано слушаме критики како нашите новопечени академски граѓани не се способни да ги извршуваат соодветно своите работни задачи.

Да, сигурно ќе речете дека факултетите треба да им обезбедат практична настава на своите студенти за тие да бидат оспособени да одговорат на потребните на пазарот на капиталот, што веќе со години наназад го прават високообразовните институции, сепак, евидентно, без некој значителен ефект. Студентите кои одат на пракса во државните и приватните фирми, банките и во другите бизнис субјекти не ретко се жалат на лошото однесување од страна на претпоставените и вработените. Така, низ студентските кругови, кога се зборува за искуствата од практичната настава, една од најчесто доделените „софистицирани“ задачи е купување бурек и јогурт, евентуално средување на документите во архивата. И така се движиме во тој маѓепсан круг и користиме пинг-понг тактика.

Факултетите за неквалитетната практична настава ја обвинуваат бизнис заедницата, а таа пак вината ја префрла на факултетите и на индиферентните студенти, незаинтересирани и неодговорни кон својата работа, а пак студентите постојано се жалат на лошиот однос на вработените во фирмите. На крајот, последиците јасно ги согледуваме сите: факултетите продуцираат неквалификуван кадар, работодавачите се соочуваат со проблеми во работата поради неквалификуван и неодговорен кадар, а младите немаат доволно познавање од областа на својата фела. Така доаѓаме до еден од најголемите (ако не и најголемите) проблеми на пазарот на трудот - инфлација од високообразувана работна сила.
Летниот одмор што следува е добра можност да се искористи за некоја летна школа, размена, семинар или обука која би ни помогнала да ги надополниме недостатоците на формалното образование на еден поинаков, подобар начин каков што сакаме ние.


Сигурно, како и во се останато, па и во овој случај, постојат исклучоци, па ќе слушнеме студенти кои се задоволни од практичната настава, се стекнале со нови искуства, научиле нешто ново и ги збогатиле своите способности, но исклучоците не спаѓаат во правилото, туку само го потврдуваат веќе кажаното.

Една од подобрите можности за стекнување искуство, знаење, подобрување на личните перформанси е неформалното образование кое станува сè повеќе атрактивно и на нашите простори, а веќе одамна е застапено во развиените земји. Имено, самиот карактер на неформалното образование е таков што учениците имаат можност да учествуваат во интерактивната настава, да слушнат многубројни примери од богатото лично искуство на предавачите, да бидат креативни, ефективни и ефикасни во остварувањето на задачите.

Затоа, сега постојат невладини младински организации и здруженија кои организираат разни семинари, школи, студентски размени, преку кои младите можат да учат, да ги прошират своите видици, да прошетаат, видат нови места, да станат побогати за неколку нови соработници и пријатели. Затоа, летниот одмор што следува е добра можност да се искористи за некоја летна школа, размена, семинар или обука која би ни помогнала да ги надополниме недостатоците на формалното образование на еден поинаков, подобар начин каков што сакаме ние.