Го мести ли некој второобвинетиот во Фаланга 2?

Артефакти, илустрација.

Второобвинетиот во Фаланга 2, Давид Шекуларац, тврди дека Свето Јаневски од Тиквеш „го мести“ користејќи го своето влијание врз судството. Од групацијата М6 на Јаневски одговараат дека немаат никаква поврзаност со обвинетиот.
Ме наместија за Фаланга 2 затоа што Свето Јаневски од винаријата Тиквеш не сака да ми врати стар долг од 7 милиони евра за системи за наводнување, тврди второобвинетиот во овој судски процес Давид Шекуларац. Тој обвинува дека Јаневски има влијание врз македонското судство и дека со тоа успеал да го одолговлекува судскиот процес којшто Шекуларац го води против него за милионскиот долг и во исто време успеал да „го смести“ во обвинителниот акт за Фаланга 2 со помош на поранешен висок полициски функционер.
Целата таа Фаланга е измислена, поради моето побарување спрема Свето Јаневски од „Тиквеш“ така што тоа е се измонтирано.
Давид Шекуларац, второобвинет во Фаланга 2.

Илустрација.


На ваквите обвинувања од инвестициската група М6, каде што е член Свето Јаневски, одговорија дека не сакаат да навлегуваат во искази на лица, дадени пред надлежните органи, со кои воопшто немале некаков контакт и дека за тоа лице „немаат никакви сознанија за каква било деловна, лична или професионална поврзаност со лицето од кое е дадена изјавата“.

Што се однесува до тврдењата за милионскиот долг од Винаријата Тиквеш, велат дека станува збор за застарен долг за 1991 година во износ од 270 илјади евра.
Според нашите сознанија, во Врховниот суд во Скопје постои предмет кој е застарен и се однесува на набавка направена во 1991 година од страна на една тогашно претпријатие огранок (во тоа време ОЗТ - Организација на здружен труд) на Агрокомбинатот Тиквеш, кога Агрокомбинатот Тиквеш бил во општествена сопственост.
Групација М6.

Шекуларац обвинува дека неговата приказна почнува да се заплеткува кога во 2010 година поднел тужба пред македонските судови за да си го наплати долгот. Предметот стигна до Апелација, а потоа и до Врховниот суд, но тука остана како нераспределен 8 месеци, со што не можам да одам на следната инстанца, а тоа е Стразбур, вели Шекуларац.

„Целата таа Фаланга е измислена, поради моето побарување спрема Свето Јаневски од „Тиквеш“ така што тоа е се измонтирано. Јас и мојот партнер Остар Старлет од Љубљана го купивме Агрострој, затоа што отиде во стечај, купивме комплетно цела компанија ги купивме и побарувања и долгови на Агрострој меѓу кои тука е и на Тиквеш. Би било фино обвинителот да погледне малку, а не да брка вампири, ја правеа приватизацијата на Тиквеш, па нека погледне како е направена приватизацијата. На крајот на краиштата не е тоа моја работа да објаснувам. Во почетокот јас предлагав преку пријатели да направиме надвор од судот помирување, но тој рекол „ма не доаѓа предвид, никогаш нема да добие ниту денар“. Тој веројатно сметал дека може да влијае на сè. Но ова веќе ќе оди на меѓународен суд во Стразбур, така што тој тука е немоќен, а штом излезе од Врховен суд тоа е тоа“, обвинува Шекуларац.

Од Инвестициската групација М6 велат дека стануваат сопственици на винаријата Тиквеш во 2003 година, а предметот за кој станува збор е настанат пред повеќе од 20 години кога М6 групацијата, ниту кој било нејзин член, немал некакви допирни точки со тогашниот Агрокомбинат Тиквеш, ниту пак со активностите кои биле преземени.

„Според нашите сознанија, во Врховниот суд во Скопје постои предмет кој е застарен и се однесува на набавка направена во 1991 година од страна на една тогашно претпријатие огранок (во тоа време ОЗТ - Организација на здружен труд) на Агрокомбинатот Тиквеш, кога Агрокомбинатот Тиквеш бил во општествена сопственост. Биле набавени цевки за наводнување во вредност од околу 270 илјади евра од словенечка компанија. Словенечката фирма потоа била ликвидирана, а сите нејзини побарувања, вклучувајќи го и овие од 270 илјади евра ги откупила Агенција за откуп на побарувања кои и понатаму ги препродавала. До 2010 година не е покрената судска постапка за наплатување на побарувањето, по кој било основ, со што истиот има статус на застареност“, се вели во писмениот одговор од М6.

Шекуларац вели дека сите бранувања и проблеми настанеле кога тој приложил документ од Стразбур до македонскиот суд кој вели дека според меѓународното право не постои застареност на долг.

РСЕ: Кога почна судскиот процес за вашиот случај?

„Од 2010 година. Од тогаш почнуваат сите бранувања.“

РСЕ: А зошто претходно не тужевте?

„Затоа што знаете, никој не сакаше, донесен е закон во 2004 година, а тоа е меѓународен закон за сукцесија, кој што сите југословенски републики го потпишаа. А тужено е подоцна затоа што немаше поента и застареност на делото не постои. Јас на првостепен суд го потврдив мојот правен легитимитет, и Тиквеш го призна долгот. Но јас во 2011 година донесов од Стразбур дека не постои ни збор за застареност на долгот, е тука почна целата паника“, вели Шекуларац.

Тој е второобвинет во случајот Фаланга 2 за шверц на артефакти. По потерница од македонските власти, тој беше уапсен во Германија каде што два месеци беше во екстрадиционен притвор, но германските власти одбија да го екстрадираат во Македонија. Тој најави дека ќе ја тужи Македонија пред судот во Стразбур.