Партии има, нема трета опција

Се чини дека кај новоформираните партии и не постои амбиција да бидат повеќе од сателит партии и својата иднина да ја врзат за постизборните пазарења, посочуваат аналитичарите.
И покрај неколкуте новоформирани партии на страната на македонскиот и на страната на албанскиот блок, на македонските граѓани на претстојните парламентарни избори нема да им биде понудена трета опција и битката ќе остане да се води меѓу најголемите партии. Се чини дека кај новоформираните партии и не постои амбиција да бидат повеќе од сателит партии и својата иднина да ја врзат за постизборните пазарења, посочуваат експертите. Политичкиот амбиент останува без каква и да е нова идеја, а со тоа и без нови алтернативни понуди за гласачите.
Ако се погледнат нивната идеологија и нивната програма, не нудат никаква нова идеја, никаква нова идеолошка платформа.
Кире Василев, политиколог.

„Ако се погледнат нивната идеологија и нивната програма, не нудат никаква нова идеја, никаква нова идеолошка платформа. Тие и немаат некој голем рејтинг, така што поларизацијата, главниот конфликт останува меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, плус ние немаме таква политичка култура, никогаш досега не се појавила некоја трета опција која била сериозен кандидат, не само да се наметне за одредени избори како ад хок група, туку да има континуитет во нивното работење“, изјави политикологот Кире Василев.
Се трудат нив да ги привлечат и после, во политичкото пазарење по изборите, да го најдат своето место и посилно да се консолидираат.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Како последица на сето ова, малите партии сè помалку и настапуваат како трета политичка опција, а сè повеќе мислат на своето позиционирање во некои пониски ешалони на власта по изборите, вели Василев.

Тие не можат да направат никаков пресврт во поглед на бројките, што не се ни очекува од нив, коментира аналитичарот Алберт Муслиу. Тие својата шанса ја гледаат во приближувањето на рејтинзите на власта и опозицијата и зголемувањето на незадоволните гласачи од веќе понудените опции, и лево и десно ориентирани, посочува Муслиу.

„Мислам дека тука ја гледаат нивната шанса. Се трудат нив да ги привлечат и после, во политичкото пазарење по изборите, да го најдат своето место и посилно да се консолидираат“, вели Муслиу.

Во моментов трета политичка опција не постои, тоа можеби може да се види дека се случува пошироко во општеството, посочува Василев, иако без големо влијание и без значителни резултати од своето дејствување, потполно маргинализирана и немоќна. Политичка опција која би можела да биде алтернатива на постоечките на престојните избори нема да се појави и тука не треба да се очекуваат никакви изненадувања, посочуваат експертите.

На страната на албанскиот блок неодамна на партиската сцена се врати ПДП која најави учество на парламентарните избори со своја листа на кандидати. На страната на македонскиот блок претходно беа формирани ГРОМ на актуелниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски и Алијансата за позитивна Македонија зад која стои моќниот бизнисмен Минчо Јорданов, двете промовирани како граѓански опции.