Античка статуа под црква во прилепско Загорани

Во темелот на црквата Свети Никола во прилепското село Загорани има античка статуа. Истражувачите велат дека оваа античка статуа може да се поврзе со античката населба Стибера што се наоѓа во близина на селото Загорани.
Во атарот на прилепското село Загорани, во темелот на црквата Свети Никола има античка статуа. Според прилепскиот новинар, публицист и истражувач Тренчо Димитриоски оваа античка статуа може да се поврзе со веќе откриените статуи во античката населба Стибера на локалитетот Чепигово што се наоѓа во близина на селото Загорани. Посетителите кои немаат доволно познавања, не можат да ја забележат статуата, која со паѓање на малтерот од ѕидот на едната страна од црквата се открива речиси во целата своја должина.
За жал е во една лоша естетска состојба да ја наречам, пак за среќа е заштитена, бидејќи зачувана е, ете во таква форма. Верувам дека глава нема, обично главите ретко им останувале, кршени се.
Тренчо Димитриоски, новинар, публицист и истражувач.

„За жал е во една лоша естетска состојба да ја наречам, пак за среќа е заштитена, бидејќи зачувана е, ете во таква форма. Верувам дека глава нема, обично главите ретко им останувале, кршени се, дали со деструкција намерна или ненамерна не знам. Меѓутоа имаме тука една добро оформена скулптура од првите векови на христијанството, фактички таа е од паганското време, пред да завладее христијанството на овие простори и после е вградена во таа ранохристијанска црква“, вели Димитриоски, којшто повеќе од 2 децении интензивно ги истражува
археолошките локалитети во Пелагонија.

Но, за жителите на Загорани ова не е тајна. Велат пред 15-ина години кога започнала изградбата на црквата Св. Никола врз темелите на ранохристијанската базилика, тие забележале дека тука има статуа.
Имаше луѓе постари, што знаеле уште пред мене, дека тука има таков камен, таква статуа. Кога копавме извадивме некаде околу 15-16 кубици земја.
Данаил Мицкоски, жител на село Загорани.

„Имаше луѓе постари, што знаеле уште пред мене, дека тука има таков камен, таква статуа. Кога копавме извадивме некаде околу 15-16 кубици земја“, вели Данаил Мицкоски.

„Кога пасевме крави, волови како деца, тоа беше еден џбун голем од трње, ништо не е поместено во темелите. Самата статуа тука си стои, на самото место беше и си стои тука“, додава синот Драге Мицкоски.

Во ѕидовите на црквата има и други мермерни плочи со различни натписи. А според Мицкоски, кои со години биле непосредно вклучени во изградбата, и во внатрешноста на црквата се откриени предмети со некакво писмо, но само стручна анализа може да утврди за какви експонати станува збор.

„Некогаш имало многу убави споменици, ама ги зеле со коњи, војската за поранешна Југославија, во 1924 /1925 година ми се чини, и ги однеле во Белград“, раскажува Данаил Мицкоски.

Надлежните од прилепскиот Завод и Музеј информираат дека ќе извршат увид на теренот. Дури потоа може да се каже за што конкретно се работи.
Во атарот на селото Чепигово беа откриени повеќе антички статуи, дел од нив се наоѓаат и пред зградата на Владата на Република Македонија.