Граѓанско општество наместо етнички блокови

Илустрација: Старата скопска чаршија

Граѓанско општество наместо етнички поделени блокови е нишката што може да ги обедини сите граѓани на Македонија без разлика на нивната етничка, верска и која било друга припадност.
Граѓанско општество наместо етнички поделени блокови е нишката што може да ги обедини сите граѓани на Македонија без разлика на нивната етничка, верска и која било друга припадност, велат аналитичарите со кои разговаравме по вчерашната изјава на американскиот амбасадор Пол Волерс дека жителите на Македонија треба да решат како ќе се дефинираат себе си и врз основа на кои вредности.
Амбасадорот Волерс со таа изјава сакал на некој начин да понуди, односно го земал примерот на американската нација на „Melting pot“ во смисла дека постојат многу верски заедници, многу народи, многу религии кои живеат таму, но сепак, сите пред сè и над сè се Американци.
Едмонд Адеми, политички аналитичар.

„Не можете да се дефинирате по својата националност која е различна, ниту пак по верата која истото така се разликува или, пак, по културата која е слична, но не е иста. Мора да пронајдете тоа што ви е заедничко и треба да има поширока дебата за тоа“, рече вчера Волерс.

Амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс.


Аналитичарот Едмонд Адеми вели дека амбасадорот веројатно го дава примерот на американската нација.

„Амбасадорот Волерс со таа изјава сакал на некој начин да понуди, односно го земал примерот на американската нација на „Melting pot“ во смисла дека постојат многу верски заедници, многу народи, многу религии кои живеат таму, но сепак, сите пред сè и над сè се Американци“, вели Адеми.
Идентитет граѓанин, граѓанин којшто ги споделува овие вредности, тоа би бил тој идентитет.
Мирјана Малеска, универзитетски професор.

Кои се тие вредности што се заеднички и околу кои може да се обединат сите граѓани на Македонија? Професор Мирјана Малеска се согласува со Адеми дека Волерс реферира на примерот на САД и ги промовира либералните вредности за кои се бори американското општество.

„Слобода, демократија, човекови права, права на малцинските заедници или групи, права на маргинализираните заедници, слобода на говорот, слобода на уверување, слобода на вероисповест. Сите вредност кои всушност се запишани и во нашиот Устав“, вели Малеска.

РСЕ: Но, како врз основа на тие вредности да градиме идентитет?

„Идентитет граѓанин, граѓанин којшто ги споделува овие вредности, тоа би бил тој идентитет“, вели Малеска.

Малеска смета дека пораката на Волерс не е упатена само кон Македонците, туку и кон другите етнички заедници кои исто така треба да придонесат за градење граѓанска политичка култура.