Младите бунтовници испуштени од раце

Учениците се тепаат, родителите се уплашени, надлежните велат дека преземаат се што е во нивна моќ. На што се должат зачестените тепачки меѓу младите и што треба да се преземе за да се спречи тие да се повторуваат во иднина?
Да ти е страв да пратиш дете на училиште. Вака реагираат родителите и бабите и дедовците по зачестените инциденти меѓу младите. Некој ги чека децата пред училишните порти, други не ги пуштаат неколку дена на училиште, стравот постои, велат тие.
Полицијата треба да преземе нешто, зaшто со страв ги пуштаме децата на училиште.
Анкетиран родител.

„Често има тепачки и затоа властите се должни нешто да преземат.“

Оружје пронајдено кај ученици при претрес на МВР во Скопје на 10 март 2012 година.


„Не се децата безбедни, не знам дали е до децата што се така воспитани или е до родителите?“

„Полицијата треба да преземе нешто, зaшто со страв ги пуштаме децата на училиште“, велат анкетираните родители.
Постојано има проблеми, не можеме да одиме на школо.
Анкетиран ученик.

Се плашат возрасни, се плашат и децата. Но, дел од учениците велат дека веќе се навикнале оти тепачките се чести.

„Постојано има проблеми, не можеме да одиме на школо.“

„Секој ден има тепачки, знам како е.“

„Страв ми е да си одам накај дома“, велат дел од учениците.

Илустрација: Гимназијата Здравко Чочковски во Дебар.


Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција, кој е наставник во основно училиште и родител, вели дека искуството покажало дека тепачките кај тинејџерите веќе не предизвикуваат страв, туку раѓаат потреба за одмазда.
Премногу е нарушена дисциплината во државата, без разлика на која да се мисли дисциплина, така што децата гледајќи ги своите родители, околината најчесто и најлесно посегнуваат по насилство кон другите.
Владо Димовски, Центар за меѓуетничка толеранција.

„Кај нив се создава едно мислење дека она што се случува е сосема нормално, дека тоа е едно празнење на негативната енергија. Немајќи со што друго да се занимаваат, веќе почнуваат да се занимаваат дури и со политика и многу често посегнуваат по одмазда. Ако денес се случи во едно училиште, тоа веќе станува некое помодарство, утре ќе се случи во друго, ако денеска се случи во еден автобус, утре ќе се случи во друг“, вели тој.

Димовски вели дека врз младите треба да се дејствува уште од најрана возраст, оти кога веќе ќе станат тинејџери е доцна.

„Мислам дека децата најголема поука добиваат од повозрасните. Премногу е нарушена дисциплината во државата, без разлика на која да се мисли дисциплина, така што децата гледајќи ги своите родители, околината најчесто и најлесно посегнуваат по насилство кон другите“, вели Димовски.
Зборуваме за криза, економска, општествена, за бесперспективност на младите, за семејна криза, зборуваат дека значајно е пораснат бројот на разводи, со тоа страдаат најчесто младите.
Нелко Стојановски, социолог, универзитетски професор.

Одвреме навреме ситуацијата се повторува, младите ќе се степаат, а потоа полицијата и општеството ќе се мобилизираат. Родителите и училиштата спас бараат во МВР, полицијата, пак, вели дека работат според надлежностите и така прстот се вперува во некој друг до некоја следна тепачка.

И семејството и училиштето и општеството и политиката се виновни за ваквата ситуација, вели професор Нелко Стојановски, кој долго време предавал социологија на општествени девијации.

Архивска фотографија.


Да се дискутира со учениците, да се делува превентивно, да се укажува на заедничка работа, да се укажува на дружба, на другарство и пријателство, што ние тоа непрекинато го правиме катадневно.
Павле Павлов, директор на Средното хемиско училиште Марија Кири Склодовска во Скопје.
„Од една страна зборуваме за криза, економска, општествена, за бесперспективност на младите, за семејна криза, зборуваат дека значајно е пораснат бројот на разводи, со тоа страдаат најчесто младите, па на училиште се преокупирани со свои проблеми и младите се во една посебна фаза од својот развој кога се бараат самите како личности и тогаш поставени понастрана од овие институции кои треба да ја насочат нивната енергија кон некоја посветла перспектива, тогаш се случуваат вакви нешта, а реков и дека имам впечаток дека има и политички мотивации“, вели Стојановски.

Тој вели дека училиштето може да одигра голема улога за да се превенираат ваквите ситуации.

Оружје пронајдено кај ученици при претрес на МВР во Скопје во 2012 година.


„Да ја зајакнат воспитната работа во училиштата, тоа е можно. Да докажат дека различниот од нив по некој елемент, од друго школо нека е, од друг пол, од друга религија, од друг етнос итн., дека и тие се луѓе од иста супстанца создадени и дека треба да ги гледаат како другар и пријатели, а не како крвни непријатели кои треба да се претепаат крвнички. Во таа смисла училиштата можат да ја зајакнат таа своја улога“, вели Стојановски.
Нарушената безбедност или појавата на инциденти е последица на нарушениот систем на вредности, меѓутоа не и причината.
Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни работи.

Ученици од средното хемиско училиште Марија Кири Склодовска во неколку наврати беа инволвирани во тепачки. Директорот на училиштето Павле Павлов, вели дека, иако тепачките се случувале надвор од училиштето, сепак станува збор за ученици и школството е должно да им укажа на тоа да се однесуваат примарно без разлика каде се.

Архивска фотографија.


„Да се дискутира со учениците, да се делува превентивно, да се укажува на заедничка работа, да се укажува на дружба, на другарство и пријателство, што ние тоа непрекинато го правиме катадневно. Исто така имаме и заеднички план против насилство со ПТТ и со „Димитар Влахов“ и ние сме во извонредни односи на тој план“, вели Павлов.
Овие контролори успеваат да помогнат во намалувањето на ваквите инциденти, најмногу заради тоа што тие потекнуваат од истите средини, од истите места и во најголем број ги познаваат патниците.
Мишо Николов, директор на ЈСП Скопје.

Директорот на училиштето вели дека, според извештаите кои ги прават службите задолжени за обезбедување на училиштата, може да се види дека училиштата се безбедни. А за тоа што се случува надвор од школите поголеми ингеренции има МВР, додава тој.

Архивска фотографија: Запален автобус во Скопје.

„Очекуваме и се надеваме дека тие ќе можат да ги лоцираат тие субјекти кои допринесуваат до вакви ситуации и полека да им се стави крај на сите. Ние педагошко-дидактички делуваме на нашите деца, меѓутоа знаете како е –есапот дома и на пазар не е исто, тука велат - да, да, да и на крајот сето тоа некој ќе го растури. Тоа не е во интерес на никого, тука нема победници, сите страдаат, особено страда угледот на училиштето, затоа што утре задутре треба да се запишуваат ученици, а верувајте родителите дуваат и на јогурт. Ако добијат впечаток дека во некое училиште има почесто такви учесници во такви глупости, верувајте дека ќе се подзамислат дали и каде ќе го запишат своето дете“, вели Павлов.
Мора нешто да се направи, да се промени однесувањето на наставниот кадар, на образованите институции, на родителите, секако да се променат многу нешта во учебниците и во начинот на предавање.
Џабир Дерала, невладина организација Цивил - центар за слобода.

И професор Стојановски вели дека сите други страни треба повеќе да работат за да се смират страстите.

„Но, и семејството, но и сите други, треба да си ја вршат работата. Семејството примарно, па училиштето, но и општествените други институции кои се платени за тоа како полицијата. Зборуваме дека толку и толку полицајци се примаат на работа, а каде се кога треба. Тука се само кога треба да казнуваат за други нешта, а не да се грижат за редот и за мирот во државата како што треба“, вели Стојановски.

Архивска фотографија.


Зачестените инциденти меѓу младите се последица на нарушувањето на системот на општествените вредности во земјата. Повторувањето на физичките напади не е проблем само на полицијата, тука е прашање на социолошка анализа, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„Нарушената безбедност или појавата на инциденти е последица на нарушениот систем на вредности, меѓутоа не и причината, токму затоа јас реков дека ваквите аномалии во однесувањето на младите луѓе, кои по природа не би требало да бидат насилни и не би требало проблемите да ги решаваат низ насилство, треба да бидат предмет на посериозна, посеопфатна и поширока социолошка анализа“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Автобусите на ЈСП се често мета на тепачките меѓу малолетници. Нападнати ученици во 65, претепан ученик во 33, искршени стакла, демолирани автобуси, минатата година еден дури отиде и курбан, односно беше запален автобус на ЈСП на Бит Пазар. Директорот на ЈСП Мишо Николов вели дека и тие преземаат мерки за да нема инциденти во автобусите. Во јавното претпријатие работат специјални контролори чија единствена задача им е да се грижат за безбедноста на патниците.

„Особено тоа е на територијата на Општина Гази Баба каде што имаме вработено специјално четворица контролори. На наше големо задоволство овие контролори успеваат да помогнат во намалувањето на ваквите инциденти, најмногу заради тоа што тие потекнуваат од истите средини, од истите места и во најголем број ги познаваат патниците“, вели тој.

Николов вели дека во следниот период планираат бројот на контролори да се зголеми за двајца, а можеби и за четворица. Тоа е она што е во нивна надлежност, а за се останато соработуваат со екипите на МВР. Ако деновиве се возите со јавен превоз не можете, а да не ги забележите дисплеите на кои оди порака за спречување на насилството.

„Преку нашите дисплеи ги информираме патниците за кампањата, а тоа е Скопје да биде град без насилство и без инциденти. И ние информативно се вклучуваме, ги посетуваме трибините кои ги организира МВР, ги информираме и нашите вработени како да се справуваат во такви ситуации се со цел да се зголеми безбедноста“, вели Николов.

Насилничкиот порив доаѓа од погрешните политики и практики на власта и институциите, вели Џабир Дерала од Центарот за слобода Цивил. Дерала вели дека е дојдено времето час поскоро да се надминат овие практики и да се почне со почитување на човековите права и слободи и со доследно спроведување на принципите на едно цивилизирано живеење во едно демократско општество. Превентивно може да делуваат училиштата, вели Дерала.

„Да започнат веднаш со активности и со промовирање на толеранција меѓу децата и младите, со промовирање на човечки, цивилизациски, кои се некогаш во блага, меѓутоа некогаш и во многу остра дискрапанца со материјата кои им се предава. Мора нешто да се направи, да се промени однесувањето на наставниот кадар, на образованите институции, на родителите, секако да се променат многу нешта во учебниците и во начинот на предавање“, вели Дерала.

Невладината организација спровела истражување за распространетоста на култот кон оружјето кај младите од 16 до 22 години. Истражувањето покажало дека дури 38 проценти од младите имале најмалку еден физички контакт со огнено оружје. Од Цивил порачуваат дека е потребна итна, сериозна, доследна и долгорочна мултидисциплинарна акција за заздравување на општеството и надминување на културата на омразата и предрасудите, за да се надмине и култот кон оружјето и насилството.

Во првите девет месеци од годинава, според податоците на Министерството за внатрешни работи, се регистрирани 109 инциденти во средни и основни училишта. Во тие инциденти се повредени 101 ученик, од кои тројца потешко. Полицијата во тој период поднела кривични пријави против 21 малолетник и прекршочни против 119 ученици. Што се однесува за инцидентите од пред десетина дена во близина на скопско Стајковци и во автобуси на ЈСП, полицијата соопшти дека се расветлени два од трите инциденти. Идентификувани се учесниците во инцидентите што се случиле во автобуси на ЈСП со број 33 и број 7. Сите лица кои учествувале во насилството се малолетни, со што бројот на малолетници кои годинава се откриени и санкционирани заради учества во инциденти се искачи на 150 лица, соопшти МВР.

Министерството за внатрешни работи интензивно работи на расчистување и на третиот инцидент кој се случи во автобусот на ЈСП број 65, се наведува во соопштението од МВР.

Град Скопје спроведува проекти за намалување на насилството во училиштата. Во школите се спроведува проектот „Безбедни училишта -хармонична средина“, дел од стратегијата за намалување на насилството 2012-2015. Овој проект Министерството за образование и наука го спроведува во соработка со ОБСЕ и МВР.

Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција вели дека кампањите не помагаат.

„Со кампањи не се добива ништо, ниту со сила, ниту со полиција, ниту со чување на тие деца. Мора да се работи највеќе со родителите, а родителите во овој случај се испуштени, значи ние во училиштата на три месеци имаме по еден родителски состанок и на тоа се завршува. Професорите и покрај тоа што настојуваат на родителите да им укажат на некои неправилности кај децата, барем до мое искуство и јас сум родител, сум одел на родителски состаноци, родителите секогаш мислам се најубаво за своето дете“, вели Димовски.

Податоците на СВР Скопје покажуваат дека се намалуваат случаи на насилство меѓу младите. Ако во 2009-та имало 468 случаи на насилство меѓу млади од 14 до 16 години, во 2010 имало 360, во 2011 имало 400, а во 2012 биле регистрирани 252. Кај средношколците од 16 до 18 години, во 2009-та се регистрирани 720 случаи на насилство, 682 во 2010, во 2011 имало 536, а во 2012 - 311 такви случаи.