Достапни линкови

Загриженост поради зачестените тепачки


Десеттина претежно малолетни момчиња вчера влегле во автобусот со број 65 во Скопје и со метални и дрвени палки ги нападнале патниците.

Полицијата сè уште работи на расчистување на вчерашниот инцидент на автобуската станица во населбата Ченто, кога десеттина претежно малолетни момчиња влегле во автобусот со број 65 и со метални и дрвени шипки ги нападнале патниците. До овој момент сè уште не е откриен идентитетот на напаѓачите.
Секоја од политичките партии во одреден момент на овој или на оној начин ги користи меѓуетничките односи во функција на возбудување или анимирање на своето гласачко тело.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

„Излезено е од наша страна на лице место, се работи на утврдување на идентитетот на напаѓачите, како и целосно расчистување на случајот“, изјави портпаролката на СВР Скопје, Лиза Бендевска.
Архивска фотографија: Оружје пронајдено кај ученици при претрес на МВР во Скопје на 10 март 2012 година.
Архивска фотографија: Оружје пронајдено кај ученици при претрес на МВР во Скопје на 10 март 2012 година.

Од шестте лица кои во инцидентот се здобиле со повреди, две деца биле примени во Ургентниот центар во Скопје, од каде што нè информираа дека по направениот преглед биле пуштени на домашно лекување. Едно 14-годишно девојче било примено во Градската болница, со контузија на главата, но бидејќи се наоѓало во добра здравствена состојба, и тоа е пуштено дома.
Треба да се казни прекршувањето, но во меѓувреме треба да се работи на корените на тоа прекршување. Нашето општество во принцип станува многу насилно.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

„Во добра состојба пуштена е на домашно лекување, амбулантски е третирана“, информира доктор Јасминка Чабуковска од Градската болница.

Родителите се загрижени поради зачестените тепачки меѓу средношколците во автобусите. Експертите, пак, велат дека овие инциденти се еден поголем рид од мраз, кој своите корени ги има во образованието, политиката и долгорочното неделување во областа на меѓуетничките односи.

„Секоја од политичките партии во одреден момент на овој или на оној начин ги користи меѓуетничките односи во функција на возбудување или анимирање на своето гласачко тело, меѓутоа најчесто тоа завршува со поделбата на ние и вие којашто на крај се рефлектира на ваков начин кога станува збор за младите луѓе“, вели професор Мирјана Најчевска.

Проблемот не се решава преку ноќ и со една активност, туку со една темелна долгорочна стратегија, вели Најчевска. Потребно е, вели таа, комплексно делување од повеќе страни, во рамките на медиумите, образованието и внимателност кон пораките кои им се испраќаат на младите. Проблемот нема да се реши со казнувањето на тепачите, категорична е Најчевска.

„Да, треба да се казни прекршувањето, но во меѓувреме треба да се работи на корените на тоа прекршување. Нашето општество во принцип станува многу насилно општество, на многу насилен начин се решаваат работите, со тепање, со оружје, а не со преговарање и со компромис“, вели Најчевска.

Во последниот период тепачките меѓу средношколците се честа појава. Неодамнешниот инцидент во кој учениците од средните училишта Марија-Кири Склодовска и Владо Таневски меѓусебно фрлаа камења и дрва едни кон други, заврши со кривични пријави за девет малолетни деца кои биле учесници во кривичното дело.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG