Наместо дијалог, аргументи на власта

Архивска фотографија: Средба на премиерот Никола Груевски со новиот лидер на СДСМ Зоран Заев на 6 јуни 2013 година.

Никој не ги слуша предлозите на политичкиот противник и владее аргументот на силата. Не мора за секоја тема, но власта и опозицијата треба да го одржуваат дијалогот за прашања кои се од суштинско значење за државата, велат аналитичарите.
И покрај забелешките кои ни се упатуваат на таа тема, политичките партии од власта и опозицијата не прават ништо да се подобри климата на дијалог, кооперативност и консензус барем за стратешките прашања за државата, посочуваат експертите. Никој и воопшто не ги слуша предлозите на политичкиот противник и владее аргументот на силата, вели политичкиот аналитичар Eдмонд Aдеми. Тоа особено им штети на најбитните теми кои се кочница за напредок, а тоа се спорот за името и евроинтеграциите.
Ни апсат луѓе, директно, и целото тоа не го подобрува амбиентот за дијалог, но и покрај сè останувам непоправлив оптимист дека за прашањата од интерес на Македонија треба да дебатираме.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

„Постојат некои основни граници, основни мерки преку кои не може да се оди. Мора да отворите дијалог, Парламентот би требало да биде, ама не е, најдобрата арена, што се вели, каде што може да се дебатира за различни решенија. Можеби не целиот предлог на опозицијата е добар, можеби е дел, па можеби би можело да се инкорпорира во она што го предлага владата и обратно“, посочува Адеми.

Архивска фотографија: Комисијата за настаните од 24 декември.


Не верувам дека треба толку многу да се инсистира на некој отворен или срдечен дијалог за сите прашања. Претпоставувам дека дијалогот би бил клучен за клучните прашања.
Никола Дујовски, универзитетски професор.
Политика на подадена рака и помош при донесувањето на одлуките од стратешко значење за државата понуди наскоро по стапувањето на лидерското место на најголемата опозициска партија Зоран Заев, обидувајќи се да промовира нов дух во меѓупартиската комуникација, сериозно загрозена на крајот од минатата година во парламентот. Тоа меѓутоа не го смени текот на дијалогот кој продолжи да се одвива со истата жестина. Во интервју за Радио Слободна Европа што ќе се емитува в недела, Заев дури и ги доведува во врска постигнатите заклучоци на власта и опозицијата за 24 декември со серијата апсења и, како што вели, канонади од обвинувања насочени против него во периодот потоа.

„После тоа беше канонада на критики кон Заев. Не само тоа, ни апсат луѓе, директно, и целото тоа не го подобрува амбиентот за дебата, за дијалог, но и покрај сè останувам непоправлив оптимист да верувам дека за националните прашања, за прашањата од интерес за Република Македонија, треба да дебатираме, да разговараме, да направиме напори, сите заедно да застанеме за да ни успее државата“, изјави Заев.

Власта и опозицијата треба да го одржуваат дијалогот на прашања кои се од суштинско значење за државата, но не и по секоја цена за други прашања на дневна основа, е на мислење професор Никола Дујоски.

„Јас би рекол – власта е за да владее, а опозицијата за да изнаоѓа алтернативи за власта. Не верувам дека треба толку многу да се инсистира на некој отворен или срдечен дијалог за сите прашања. Претпоставувам дека дијалогот би бил клучен за клучните прашања. Еве да речеме опозицијата речиси и да не е вклучена и не знае што се случува со преговорите за името“, вели Дујовски.

Сепак, експертите се согласуваат дека суетите во македонската политика, комуникацијата меѓу елитите ја прави сè порадикална и остро спротивставена, едните во силата да владеат, другите во желбата да дојдат на власт. Ова, како што анализираат, не постојат сè уште услови да се смени, а ќе се заострува очекувано во предизборието, а најлошите последици ги дава одразувајќи се во сите сфери на комуникација во општеството.