СДСМ без вистински клуч за потезите на власта

Архивска фотографија

Аналитичарите велат дека ако СДСМ презема радикални мерки на дејствување, треба да биде сигурен дека има доволно критичка маса која може да го поддржи.
Дел од мерките кои СДСМ ги најави како реакција на полициската акција Претседавач, а за кои веќе информираа медиумите се договорени и на синоќешниот состанок на раководството на оваа партија. За утре, кога се очекува претседателот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ да се врати во Македонија и да биде приведен, СДСМ најавува протести.
Она што нашиот народ пред сè го интересира е неговата социјална состојба и ако СДСМ повторно ја напаѓа владата за недоволна демократичност, а не и за нејзината социјална политика, може да се повтори сценариото од зимата.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Градоначалниците од опозицијата ќе ја замрзнат работата во ЗЕЛС, а една од мерките ќе биде и прекин на учеството во работната група во парламентот чија цел е спроведување на препораките во врска со настаните од 24 декември. Политичките аналитичари велат дека ваквиот начин на дејствување на најголемата опозициска партија може да предизвика политички последици. Ако СДСМ презема радикални мерки на дејствување треба да биде сигурен дека има доволно критичка маса која може да го поддржи, вели професор Здравко Савески.
Опозицијата не го наоѓа клучот како да се спротивстави на оваа кампања на власта и кога резултатите се така негативни како извештајот за 24 декември.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

„Она што нашиот народ пред сè го интересира е неговата социјална состојба и ако СДСМ повторно ја напаѓа владата за недоволна демократичност, а не и за нејзината социјална политика, може да се повтори сценариото од зимата“, вели Савески.

И професор Алајдин Демири смета дека овие мерки се нелогични во моменталната политичка атмосфера. Власта произведува различни кризи за да ја задржи власта, а опозицијата, пак, ја нема вистинската формула за да се спротивстави на лошите политики на власта, вели Демири.

„Опозицијата не го наоѓа клучот како да се спротивстави на оваа кампања на власта и кога резултатите се така негативни како извештајот за 24 декември“, вели Демири.

Интерес во јавноста предизвикува најавената блокада на работната комисија за настаните од 24 декември и ефектите од повлекувањето на претставниците на опозицијата од ова тело. Тоа, посочува Савески, ја става опозицијата во неблагодарна позиција.

„Ако нешто преземе што би го спречило процесот на евроинтеграции, тоа е негативно, но во таква ситуација треба да се измерат потезите, да не се гледаат само тесно партиските интереси, но притоа да не се спречува секаква критика кон власта во име на евроинтеграциите“, вели Савески.

Професор Демири, пак, смета дека е очигледно дека и на власта и на опозицијата евроинтеграциите не им се приоритет и оти во трката за власт личните и партиските интереси ги победуваат државните.

„Никој не се грижи за тие процеси, туку се грижат како да опстанат и како и понатаму да тераат политика“, вели Демири.

Во низата мерки кои СДСМ ги најавува е и неучество на советниците на СДСМ во работата на првата наредна седница на советите во сите општини во Македонија. За опозицијата, полициската акција „Претседавач“ е политички монтиран случај. Непосредно по најавите дека ќе биде уапсен Шиповиќ, СДСМ побара тој да се брани од слобода.