Сахара фестивал во земјата без корупција

Доцна попладне во рамки на фестивалот ќе се одржи и мировен самит во Новиот театар во Скопје на кој ќе присуствуваат еминентни личности од македонската, балканската и од меѓународната сцена.
Со Конклава на мирот денеска продолжува Сахара балканскиот мировен фестивал, кој е организиран по повод одбележувањето на роденденот на Махатма Ганди и на Меѓународниот ден против насилството. На конклавата, претставници на невладините организации ќе дебатираат на темата „Мирот денес и како да го постигнеме“, а ќе биде доделена и награда за мир.

Оваа идеја зрееше во мене веќе подолго време, меѓутоа барав град и барав земја во светот каде што ќе почувствувам дека навистина е полна со љубов со почитување и земја без корупција. Тоа го најдов во Скопје.
Субрата Рој, сопственик на Сахара групацијата.
Доцна попладне во рамки на фестивалот ќе се одржи и мировен самит во Новиот театар во Скопје на кој ќе присуствуваат еминентни личности од македонската, балканската и од меѓународната сцена. Посебни обраќања ќе имаат поранешниот британски премиер Тони Блер, претседателот на Сахара групацијата Субрата Рој, премиерот Никола Груевски, баронесата Патриша Скотланд, Претседателот на алијансата против домашно насилство Леди Мохини Ноон, како и останати гости.

Фестивалот започна доцна синоќа со перформанс на танчери од студиото на Шајмак Давар од Индија, кој беше дополнет и со неколку стотини танчери од балетскиот училишен центар. Испратени беа пораки за мир и првпат се изведе песната Мајка, посветена на Мајка Тереза.

Премиерот Никола Груевски на отварањето на фестивалот порача дека мирот е вредност кон која отсекогаш се стремеле прогресивните сили на човештвото. Според него, складноста, балансот и хармонијата се главни одлики на мирот кои претставуваат двигател на развојот и благосостојбата на општеството, како и предуслов за среќа на секој поединец.

Сопственикот на Сахара групацијата, индискиот бизнисмен Субрата Рој, рече дека идејата на иницијативата е да се постигне мир не само меѓу земјите, туку меѓу сите луѓе.

„Оваа идеја зрееше во мене веќе подолго време, меѓутоа барав град и барав земја во светот каде што ќе почувствувам дека навистина е полна со љубов со почитување и земја без корупција. Тоа го најдов во Скопје“, рече синоќа Рој.

Според експертите, главната мотивација на Рој за организирање на фестивалот е граѓаните на Македонија да создадат попозитивна слика за него. Организаторите велат дека не се знае колку чини фестивалот, кој целосно е покриен од Сахара групацијата, а се одржува под покровителство на Владата. На фестивалот присуствуваа и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, како и пратеници и министри во Владата.