Достапни линкови

Сахара мировен фестивал и имиџот на Субрата Рој


Најавено е дека на самитот ќе присуствуваат и светски лидери и политичари, меѓу кои и поранешниот британски премиер Тони Блер. Поради временските услови, најавената штафета на мирот е откажана.

Македонија за прв пат е домаќин на Сахара балканскиот мировен фестивал, кој се организира по повод одбележувањето на роденденот на Махатма Ганди и Меѓународниот ден против насилството. Фестивалот е спонзориран од Сахара групацијата, која е во сопственост на индискиот бизнисмен Субрата Рој и под покровителство на Владата.

Мирот е тема што може најлесно човек да мотивира, односно да мобилизира позитивно мислење за себе ако го организира. Веројатно ова е само еден ПР, односи со јавност на Субрата Рој за граѓаните на Република Македонија да создадат попозитивна слика за него, и тоа би била главната мотивација.
Здравко Савески, универзитетски професор.
Сината боја за мир во светот е основниот мотив што следните два дена ќе биде присутен за време на одржувањето на фестивалот. Официјално, фестивалот ќе започне со голем спектакуларен перформанс со танчери од Индија и од Македонија, кој вечерва ќе се одржи на плоштадот Македонија во Скопје. За оваа цел од Индија доаѓаат танчери од студиото на Шајмак Давар. За првпат ќе биде изведена песната Мајка, посветена на Мајка Тереза. За утре е предвидено одржување на мировен самит, кој, иако беше најавено во некои медиуми, организаторите велат дека не е добротворен.

На самитот ќе присуствуваат и светски лидери и политичари, меѓу кои и поранешниот британски премиер Тони Блер. Поради временските услови, најавената штафета на мирот е откажана.

Професор Здравко Савески вели дека во принцип одржувањето на мировен фестивал е за поздравување, но често може да се случи организаторот да има други мотиви и цел.

„Мирот е тема што може најлесно човек да мотивира, односно да мобилизира позитивно мислење за себе ако го организира. Веројатно ова е само еден ПР, односи со јавност на Субрата Рој за граѓаните на Република Македонија да создадат попозитивна слика за него, и тоа би била главната мотивација“, вели Савески.

Според него, прашање е каква придобивка ќе има Македонија од фестивалот, бидејќи треба да се види колку оние што го поддржуваат се посветени на мирот и ширењето на таква култура, која значи водење на политика која е мотивирана од мировните вредности.

Инаку на Субрата Рој му се замрзнати сите сметки и имот во Индија и е осуден за даночна измама од 4,5 милијарди долари. Во земјава тој најави дека во наредните три години ќе инвестира 200 милиони евра во агрокомбинатот Џумајлија. Сè уште не е познато колку чини организацијата на фестивалот, кој се најавуваше преку билборди во Скопје. Некои медиуми објавија дека Блер, кој за минута говор наплатувал по седум илјади евра, бесплатно ќе учествува на мировниот самит, бидејќи му бил пријател на Рој. Сахара групацијата најави дека планира фестивалот да го направи традиционален.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG