Наметнување идеологија во Уставот

Желбата на ВМРО-ДПМНЕ за промени во Уставот е дефокусирање на јавноста од реалните проблеми и собирање на политички поени, велат познавачите.
Предлогот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за измени на Уставот, со кои бракот ќе биде дефиниран како заедница меѓу еден маж и една жена е само обид да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми и притоа да се освојат одредени политички поени кај гласачите кои гледаат на бракот на традиционален начин, велат експертите.
Не знам дали од ВМРО-ДПМНЕ се подготвени во овој момент да направат некој попуст за барањата на ДУИ, особено за употребата на јазикот во Парламентот. Сите тие работи укажуваат дека купувањето на време од страна на ВМРО-ДПМНЕ е нивна основна одлика.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ не наиде на одобрување во Парламентот ниту од опозицијата ниту од нивниот коалиционен партнер ДУИ. Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека аферата Шпион, акцијата Диригент и сега предлогот за менување на Уставот се само со цел да се дефокусираат граѓаните и да се прикрие кризата во која навлегува земјата.

„Ова веќе станува метод на работа на ВМРО-ДПМНЕ, кога има тешки моменти, односно кризни состојби, да го сврти вниманието кон некои работи, кои се исто така интересни и атрактивни за јавното мнение и народот.“

Собрание, расправа.


Професор Здравко Савески вели дека сите одредби во Уставот треба да се донесуваат со најширок можен консензус,а целта на ВМРО-ДПМНЕ е само продавање на идеологија.
Наметнување на своја идеологија во највисокиот правен акт, беше типично за времето на комунизмот и тогаш исто вака се правеше, а оваа партија, која сега ова го прави има секогаш најцрни зборови за бившиот систем.
Здравко Савески, универзитетски професор.

„Наметнување на своја идеологија во највисокиот правен акт, беше типично за времето на комунизмот и тогаш исто вака се правеше, а оваа партија, која сега ова го прави има секогаш најцрни зборови за бившиот систем. Во случајот тие го прават, она што комунистите го правеа, своите идеолошки цели ги наметнуваа во Уставот без пошироката јавност да се согласува со тоа.“

Според Демири, тешко е да се предвиди дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се пазари со ДУИ за да ги спроведе измените, но албанските партии ја користат расправата за да наметнат други важни прашања.

„Не знам дали од ВМРО-ДПМНЕ се подготвени во овој момент да направат некој попуст за барањата на ДУИ, особено за употребата на јазикот во Парламентот. Сите тие работи укажуваат дека купувањето на време од страна на ВМРО-ДПМНЕ е нивна основна одлика, а никако не се решавањето на сериозните кризи и проблеми во Македонија.

Опозицијата ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека измените на Уставот се фарса и замајување на јавноста за да се прикријат проблемите, како сиромаштијата и бесперспективноста на земјата.