Непотребна и штетна трговска војна со Косово

Косовско-македонската граница.

Трговската војна меѓу Македонија и Косово е непотребна, затоа што недоразбирањата на крај мора да се решат во согласност со регионалниот договор за слободна трговија ЦЕФТА, сметаат упатените.
Владата поради непочитување на меѓународните договори за трговија е виновна за косовското ембарго, сметаат стопанствениците. Економистите, пак, посочуваат дека косовските граѓани не треба да се вовлекуваат во трговската војна, откако Македонија реши да се наплаќа за секое возило и патник кој сака да влезе во земјава од Косово.
Тоа што се случува сега не би требало да се случува бидејќи постои ЦЕФТА, тоа е еден договор за слободна трговија, така што тие евентуални проблеми би требало да се решаваат во рамки на таа спогодба што постои и што е регионална, инаку вака ќе ескалира, како што веќе ескалираше, и на крај пак ќе мора во тие рамки на ЦЕФТА да се најде некоја спогодба.
Владимир Глигоров, Виенски институт за економски студии.

Се наведува дека вчера премиерот Никола Груевски имал телефонски разговор со неговиот косовски колега Хашим Тачи во обид да се избегне целосната трговска блокада што ја најави косовската влада, но дел од македонските медиуми јавуваат дека од утрово стапила целосна блокада за македонски производи во соседната земја.

Вицепремиерката и министер за трговија на косовската влада Кусари Љиља изјави дека Косово нема да се спушта на ниво на кое ќе ограничи слобода на движење со воведување на такси за државјаните на Македонија и покрај тоа што таква мерка превзема македонската влада.
Штетата сигурно ќе биде далеку поголема и со тоа меѓусоседските односи на некој начин, барем на економски план ги иритираме и веќе три годни наназад исти проблеми создаваме. Така што, јас мислам дека ефектите од ова ќе бидат полоши и поскапо ќе не чинат нас како стопанственици, како стопанство.
Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.

„Нашите реципрочни мерки се воспоставени за трговијата и компаниите. Ние не можеме да се спуштиме на нивото да воведуваме такси за граѓаните туку на соседната држава ќе и покажеме дека доколку таа одлучи да продолжи да ги третира граѓаните на Косово на тој начин, тогаш загубите ќе ги почувствува директно нејзиното стопанство и нејзиниот буџет“, рече Љиља.

Недоразбирањето треба да се реши во рамки на ЦЕФТА и за тоа не треба да се казнуваат жителите на Косово, смета д-р. Владимир Глигоров од Виенскиот институт за економски студии:

„Тоа што се случува сега не би требало да се случува бидејќи постои ЦЕФТА, тоа е еден договор за слободна трговија, така што тие евентуални проблеми би требало да се решаваат во рамки на таа спогодба што постои и што е регионална, инаку вака ќе ескалира, како што веќе ескалираше, и на крај пак ќе мора во тие рамки на ЦЕФТА да се најде некоја спогодба“, вели Глигоров.

Мендерес Кучи од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека со ембаргото ќе настане штета која ќе ги засени очекуваните придобивки од владината мерка за условен увоз на пченица.

„Штетата сигурно ќе биде далеку поголема и со тоа меѓусоседските односи на некој начин, барем на економски план ги иритираме и веќе три годни наназад исти проблеми создаваме. Така што, јас мислам дека ефектите од ова ќе бидат полоши и поскапо ќе не чинат нас како стопанственици, како стопанство“, вели Кучи.

Во македонската влада, според дел од медиумите, се размислувало на Приштина да ѝ се понуди на 15 септември Македонија да ја укине забраната за увоз на косовско брашно и таксите кои вчера почнаа да се наплаќаат за граѓаните и возилата од Косово, а за возврат Косово да ја укине актуелната забрана за производи од Македонија. Пред имплементирање на контра мерките, од владата изјавија дека ембарго меѓу две соседни земји нема добро да се одрази на економијата.

„Досега Косово нема реагирано, ниту ни забележале на определени наши одлуки, ниту, пак, со некои наши постапки државата трпела сериозна штета. Напротив, има добра економска соработка меѓу двете земји“, изјави портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

„Владата повикува оваа мерка да биде укината и да биде тргната во функција и на двете економии, на субјектите кои партиципираат и на едната и на другата страна“, додаде портпаролот.

Мерката секако негативно ќе се одрази на економскиот раст во Македонија, посебно имајќи предвид дека Македонија бележи суфицит во трговската размена со соседно Косово, вели економската аналитичарка Шенај Хаџимустафа од Центарот за економски анализи. Косово е на четврто место според извоз од Македонија, појаснува таа и додава:

„Од друга страна, пак, многу малку увезуваме од оваа земја и некаде покриеноста на увозот со извоз е околу 940 пати, а од друга страна имајќи предвид дека самиот извоз во рамките на БДП има позитивен ефект, самото намалување на извозот значи на долг рок ќе има влијание врз намалување на БДП-то на нашата земја, а со тоа и намалување на стапката на раст што ќе ја оствариме“, вели Хаџимустафа.

Во изминативе години Македонија бележеше постојан суфицит во трговската размена со Косово. Вкупната размена меѓу Македонија и Косово во 2012 година изнесува 421 милиони долари, од кои 392 милиони отпаѓаат на извоз. Во осумте месеци од годинава, пак, размената изнесува 145 милиони долари, од кои 132 милиони се извоз. Најизвезувани производи се: нафтени деривати, цемент, производи од челик и железо, како и лекови и цигари.