Бомбастични случувања - бомбастични наслови

Одговорот од Самарас, пораките од Пахор, лустрацијата, посетата на Субрата Рој, казната за Тито Петковски, апсењето на Паско Кузман, се само дел од бомбастичните настани неделава за кои известуваа медиумите.
Многу „бомбастични“ случувања во изминатата недела и исти такви наслови. Уште во средата вечер сите телевизии, а во четвртокот и весниците, ја објавија „ексклузивата“ на Дневник: „Самарас му одговори на Груевски- средба нема да има, вас ЕУ ве блокира“.
Црната дупка на Балканот - македонското општество се тетерави повеќе од две децении помеѓу Декларацијата и реалноста.
Нова Македонија.

„Пахор и Иванов се разидоа - по барањето на шефот на словенечката држава да дадеме конкретен предлог за спорот со името, нашиот претседател одговори со поплаки“,насловува Утрински.

За Вечер друго е поинтересно: „Пахор уживаше во македонската кујна во Старата скопска чаршија“, пишува весникот на насловната.

Премиерот Никола Груевски и словенечкиот претседател Борут Пахор.


Нова Македонија насловува:„Црната дупка на Балканот - македонското општество се тетерави повеќе од две децении помеѓу Декларацијата и реалноста. Тоа е целосно збунето, конфузно и дезориентирано...“
Фаланга го ископа името на Паско Кузман- Крај на Пасковизмот во политиката
Утрински весник.

Утрински во наслов напиша: „Лустрирани академик Серафимовски и разузнавачот Богоевски“, а Дневник – „Божин Павловски ги напушти МАНУ и Друштвото на писатели во знак на протест“. „Лустрациско торпедо кон МАНУ, лустриран академик Божин Павловски, остри реакции од Друштвото на писатели и на академиците Ќулавкова и Старделов“, насловува Утрински.

Како бомба одекна веста „Паско Кузман приведен и изведен пред истражен судија“, како што објави Дневник и „Фаланга го ископа името на Паско Кузман- Крај на Пасковизмот во политиката - што стои зад сензационалното апсење на идеологот на антиквизацијата?“, како што напиша Утрински.

И пресудата против Тито Петковски ја објавија сите медиуми. Вечер конкретен во евра: „Петковски за клевета треба да му плати 10.000 евра на Груевски“, а Дневник во денари: „Тито Петковски казнет со 650.000 денари за клевета“.

Следејќи го престојот на Субрата Рој во земјава, Утрински со игра на зборови во насловот: „Од Љубаништа до Џумајлија, планови рој“ и „Семејството Рој се одомаќини во Македонија - постариот син, Сушанто, доби македонско државјанство, но не како инвеститор, туку по основ на економски интерес“.

Во меѓувреме, Груевски смета дека ќе победи на евентуални предвремени избори: Вечер, по средбата на коалиционите партнери, наслови: „Не сме за предвремени избори, но спремни сме за победа ако бидат предизвикани!“, не објаснувајќи притоа како може да бидат предизвикани.