Апатична колумна

Стефан Алексиќ, координатор на Радио МОФ.

Дали да останам и да бидам дел од промената или да бидам себичен и да решам да одам таму каде што животот ќе ми пројде мирно? Погодете кој е мојот одговор, заедно со уште 230.000 останати луѓе од државава, пишува Стефан Алексиќ од Радио МОФ во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.
Седна мали Стефан да пишува колумна и како и секогаш заглави. Да пишам дека се овие неразбрани и непрактични. Џабе, нема ефект, имало и попаметни од мене што пишувале ама ни трага ни глас од промена. Ништо чудно ако не знаат да читаат.
Зарем толку им е тешко на луѓево да го разберат концептот на држава, слобода? Дали јас сум ненормален што верувам дека правото на брак го заслужуваат сите, дека државата треба да работи за народот, дека барокот е мртов и непрактичен во време на криза, дека милион дела се помалку вредни од едно наречено вработување, дека факултетот не е само 4 години преживување, дека фаќањето врски е многу пострашно од протестирањето против трулиот систем?

Добро они се торковци, повикај ги твоите на акција. Сме го правеле и тоа. Дери се ваму, дери се таму, биди заокружуван наоколу, пак џабе, не можеме да си се објасниме меѓу нас. Моите се уште поголеми торковци.

Ништо, смисли нешто, колумнава мора до петок вечер да биде. Да и ѕвонам на зелената муза. Батали, ме мрзи да се кријам од кучиња, а и на кеш сум кнап. А да тркнеш до продавница? Уште нема 7, те чека таму втората муза, се поти од ладно. Да бе, на дождов ти да се мрцвариш.

Смири се, излези во град, напиј се, насмеј се. Лабаво, знаеш демек таков народ сме. Влези во дискотека, запознај го на врата твојот иден лидер. Може ќе те пушти, може не. Верувал или не, ама од него не зависи само твојата вечер, туку иднината на твојата држава.

Море не бива ни тоа. Подобро земи чепкај по дискографијата, може ќе те пукне нешто таму. Ејјј ова не е лошо, од кога ги немам слушано Клеш. Џо бистар дечко е сигурно има што да каже. Хммм, ова звучи ко вистината.

Гласовите во главата те повикуваат
Престани да си го трошиш времето, ништо ново нема да се случи
Само лудак би помислил дека некој ќе го спаси
Луѓето во фабриките се стари и зајадливи
Ти немаш ништо, затоа момче почни да трчаш
Сакаат да ти ги украдат, најдобрите години од животот

Ти растеш и се смируваш,
Работиш за рестрикциите
Започнуваш да ја носиш плавата и кафеавата,
Работиш за рестрикциите
Имаш некој на кој можеш да му наредуваш
Започнуваш да се чувствуваш моќно
Мечтаеш се додека не те здоболи
Туку што го направи своето прво убиство
(The Clash – Clampdown)

Тоа е тоа. Сега строфиве ќе ја сменат цела држава. Сите ќе ја прочитаат и се ќе се смени. Право на улиците за да ја изградиме оваа дупка како што ние сакаме.

А со мравките што правиме? Ги има насекаде. Мафтаат со картончињата наоколу и се шетаат како да го поседуваат градот. Касниме, сега се повеќе од нас.

Прц, пак нервоза. Кој ме тераше да читам и да шетам? Сега само фрустрации на сите страни. Зарем толку им е тешко на луѓево да го разберат концептот на држава, слобода? Дали јас сум ненормален што верувам дека правото на брак го заслужуваат сите, дека државата треба да работи за народот, дека барокот е мртов и непрактичен во време на криза, дека милион дела се помалку вредни од едно наречено вработување, дека факултетот не е само 4 години преживување, дека фаќањето врски е многу пострашно од протестирањето против трулиот систем?
Дали да останам и да бидам дел од промената или да бидам себичен и да решам да одам таму каде што животот ќе ми пројде мирно? Погодете кој е мојот одговор, заедно со уште 230.000 останати луѓе од државава.

Смири се. Диши длабоко. Ова ти е само фаза. Таков ти е периодот, бунтовник без причина. Пуштам вести и гледам дека се иде на поарно. Држава сме ние не сме зафрканција. Уф ова помогна. После секој прилог ми иде да станам и громогласно да аплаудирам. Бреее, мајката ама сме биле способни. Цел свет страда, ама ние сме турбо. Уште една приредба во Новиот свет и ја оправивме Македонија.

И така лабаво идам да ги видам маалците. Што да видам? По цел ден скиснаа на улица. Им влегла некоја чивија го утепаа локалниот рулет. Мамини деца, мутави центарци, не им се работи.

Батали ја оваа екипа. Иди кај колегите. Машинци, способни клинци. Сите дипломираа пред мене. Ама кога? Да не ги тормозам сеа. Заглавија на работа. Едниот падна у була, па мора такси две смени да вози, другиот на лента у погонче на нешто што некогаш се нарекувало гигант. Зарем толку останаа? Па да овие имаа слаб просек, другите прават кешарица у странство.

Проаѓам покрај собрание, почна да истура. Гајле ми е. Сакам дожд. Леле, ќе им ’рѓоса сино белава ограда. Море не. Не е ова првиот дожд декадава. Ги имаше многу. Не ’рѓосува, ќе седи тука вечно.

И пак Клеш.

Дали да останам или да бегам?
Дали да останам или да бегам?
Ако одам ќе западнам во неволји,
Но ако останам ќе биде дупло
Затоа те молам кажи ми.....

Дали да останам и да бидам дел од промената или да бидам себичен и да решам да одам таму каде што животот ќе ми пројде мирно? Погодете кој е мојот одговор, заедно со уште 230.000 останати луѓе од државава.