Или работа на црно или никаква

Околу 55 отсто од работоспособното младо население е без работа. Власта повикува младите да одбијат работа на црно, но имаат ли друг избор?
Да се биде дел од сивата економија или не? Вака отприлика би звучело хамлетовото егзистенцијално прашање за младите во Македонија. Светската банка алармира дека Македонија има голем проблем, а тоа е вработувањето на младите и нивната застапеност на пазарот на труд. Околу 55 отсто од работоспособното младо население е без работа. Во една таква ситуација младите луѓе велат дека немаат голем избор и би прифатиле да работат без при тоа да бидат социјално обезбедни и заштитени.
Ако и газдата се согласува тој да ги сноси последиците ако го фатат, зошто да не, ако не ми штети на мене, а јас работам и добивам плата.
Анкетиран граѓанин.

„Ако долго време не најдам работа, би прифатила. Ако и газдата се согласува тој да ги сноси последиците ако го фатат, зошто да не, ако не ми штети на мене, а јас работам и добивам плата.“

„Има во државава доста џаболебари што сакаат да лежат и да се богатат на твој грб, ете затоа.“

„Сега ако ми понудат, да, ама за неколку години нормално дека сакам да сум пријавена“, велат анкетираните млади луѓе во Скопје.
Преку разно-разни изговори дека ќе бидат на обука, дека ќе бидат на пракса или не знам како, ги злоупотребуваат давајќи им најминимални надоместоци за тоа што го работат.
Раде Ненадиќ, Национална федерација на Агенции за привремени вработувања.

Претседателот на Националната федерација на Агенции за привремени вработувања Раде Ненадиќ вели дека младите луѓе кои по завршувањето на средното образование за прв пат започнуваат да работат за да соберат пари за одмор или пак за да му помогнат на семејството во решавањето на егзистенцијалните прашања се честопати злоупотребени од работодавачите.

„Преку разно-разни изговори дека ќе бидат на обука, дека ќе бидат на пракса или не знам како, ги злоупотребуваат давајќи им најминимални надоместоци за тоа што го работат“, вели Ненадиќ.
Не може да се очекува после толку долготрајно и неуспешно барање работа дека младите ќе бидат ентузијасти и слично.
Неда Коруновска, невладина организација „Реактор“.

Неда Коруновска од невладината „Реактор“ вели дека истражувања покажуваар дека дел од младите со години чекаат можност да се вработат.

„Во Македонија за еден млад човек, ако е машко, во просек е невработен седум години до првото свое вработување, а доколку е жена, минимум девет години. Значи, не може да се очекува после толку долготрајно и неуспешно барање работа дека младите ќе бидат ентузијасти и слично.“

Кога станува збор за претприемачкиот дух кај младите, условите се тие што ги кочат, вели Коруновска.
Согласно законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, постои санкција за лицата кои ќе бидат работно ангажирани на црно и нема да пријават.
Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика.

„Многу од младите сакаат, според нашето истражување, сами да отпочнат бизнис, но ги немаат соодветните услови, ниту пак имаат пристап до тие соодветни услови, иницијален капитал и слично којшто им е потребен за ваква работа“, вели Коруновска.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски не е убеден дека во Македонија тешко се наоѓа работа па на новинарско прашање како може да се очекува од младите луѓе да одбијат работа во услови кога тешко се наоѓа, одговори со контрапрашање.

„Врз основа на кои факти? Значи ние не велиме дека младите треба да одбијат работа. Ние велиме дека младите треба да одбијат да бидат работно ангажирани и за истото да не бидат пријавени. Согласно законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, постои санкција за лицата кои ќе бидат работно ангажирани на црно и нема да пријават“, вели Ристовски.

Ристовски додава дека со законот за вработување осигурување во случај на невработеност и законот за работни односи се предвидуваат санкции за работодавецот и пломбирање на работната просторија и санкција за луѓето кои ќе работат непријавени. За тоа дали има услови во приватниот сектор кои ќе им гарантираат на младите дека доколку одбијат работа лесно ќе најдат друга на легален зачин, Ристовски вели дека Владата нуди неколку мерки во делот на можности за инвестиции, либерализација на пазарот, како и либерализација на даночна политика.