Достапни линкови

Леб за партиски војници или поттик на економијата?


Илустрација.
Илустрација.

Проблемот со невработеноста се решава со вработување во и онака пренатрупаната администрација. За едни, тоа е награда за партиските војници, но за други економисти, тоа може да има и позитивен ефект за економијата.

Еден проблем се намалува друг се зголемува. Проблемот со невработеноста се решава со вработување во и онака пренатрупаната администрација. Премиерот Никола Груевски вчера најави дека државата планира во јавниот сектор да вработи 1.600 луѓе од социјално ранливи категории. По 400 луѓе ќе се вработат во четири категори и тоа: долгорочно невработени лица кои повеќе од 10 години во континуитет се без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниеден вработен, изјави премиерот Никола Груевски. Тој рече дека очекуваат оваа мерка годишно да изнесува 7-8 милиони евра.
Во услови кога Македонија во однос на 1989 година има 3,5 пати помала индустрија, а има 4 пати поголема државна администрација, јасно е колку државата е неефикасна и колку ние економски одиме во погрешна насока.
Зоран Витанов, поранешен заменик министер за економија.

Поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов ги толкува најавените вработувања како награди за партиски војници кои одработиле за предизборната кампања.

„Само еден податок ќе ви кажам. Во услови кога Македонија во однос на 1989 година има 3,5 пати помала индустрија, а има 4 пати поголема државна администрација, јасно е колку државата е неефикасна и колку ние економски одиме во погрешна насока. Сè додека државата е главен работодавач, ние сме политичко-партиска држава и немаме никаква сличност со пазарна економија“, вели Витанов.
Ова е една теорија којашто вели развој на страната на сиромашните, каде што се даваат поголеми финансиски инјекции на тој дел од населението којшто потоа се разбира не купува Мерцедеси и луксузни производи туку парите директно ги троши и го започнува мултипликациониот бран на развој на другите претпријатија.
Мирољуб Шукаров, универзитетски професор.

Од друга страна, професор Мирољуб Шукаров вели со новите вработувања навистина се зголемува и онака прекубројната администрација, но оти тоа е чекор кој освен социјален, може да има и позитивен економски ефект и потсетува дека луѓето од најранливите категории и досега користеле одредени социјални бенефиции од државата.

„Динамични инвестиции претставуваат владините капитални инвестиции во инфраструктура, понатаму во теоријата се вели – и во здравството, во образованието и во намалувањето на крајната сиромаштија. Ова е една теорија којашто вели развој на страната на сиромашните, каде што се даваат поголеми финансиски инјекции на тој дел од населението којшто потоа се разбира не купува Мерцедеси и луксузни производи туку парите директно ги троши и го започнува мултипликациониот бран на развој на другите претпријатија. Ова и во теоријата и во праксата е изведено во повеќе земји низ историјата“, објаснува Шукаров.

Македонија со години добива критики од ЕУ за превработена и неефикасна администрација, но се чини дека тоа не е пречка за бројот на вработени во државниот сектор да продолжи да се зголемува. Во јавниот сектор работат 118 илјади луѓе, но, според некои податоци, плата од државата земаат скоро 165 илјади луѓе, односно секој четврти вработен во земјава.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG