Колку се енергетски ефикасни објектите од Скопје 2014?

Дел од проектите од Скопје 2014.

Македонија нема дефинирано кои услови за енергетска ефикасност треба да се исполнат при градењето нови згради. Условите се дефинирани во европските директиви, но даваат слобода на секоја држава таа да си ги усогласи со својата економска моќ, посочуваат експертите. Опозиционерите се сомневаат во енергетската ефикасност на зградите од проектот Скопје 2014.
Енергетската ефикасност е обврска и потреба за Македонија, но се уште не се дефинирани ограничувањата и обврските за изградба на енергетски ефикасни објекти, посочуваат упатените.

Професор Константин Димитров вели дека енергетската ефикасност претставува оптимален извор на енергија, или енергетски ресурс.
Покрај тоа што ние имаме стандарди кои се однесуваат на тоа како да се пресмета, ние немаме дефинирано ограничувања при изградбата на новите објекти.

Константин Димитров, универзитетски професор.

„Арно ама покрај тоа што ние имаме стандарди кои се однесуваат на тоа како да се пресмета, ние немаме дефинирано ограничувања при изградбата на новите објекти, т.е. кои услови треба да ги исполнат, иако тие се дефинирани во директивите на европската заедница, но даваат слобода на секоја држава таа да си ги усогласи со својата економска моќ.“

Процесот е во постапка и наскоро се очекува издавање на правилник, вели Димитров.

„Треба да имаме таков документ, тој документ треба да го почитуваат проектантите, тоа треба да го знаат и да го контролираат ревидентите на проектите и на крај оној што врши надзор на градбата, треба да геда сето тоа да биде спроведено.“

Новата зграда на Министерството за надворешни работи.


Најголемата градежна експанзија во главниот град ја предизвика проектот „Скопје 2014“. На опозициските забелешки, власта реагираше дека освен споменици, се обезбедуваат и административни згради за министерствата и државните институции. Тешко е независно да се потврди дали енергетската ефикасност е запазена во видно големите објекти.
Трошоците за одржување на таквите објекти ќе бидат многу големи, а тоа не се објекти кои ќе носат пари, туку ќе бидат објекти во кој ќе се трошат пари.
Атанаско Туневски, универзитетски професор.

Професор Атанаско Туневски вели дека објекти со таа големина не се само скапи за изградба.

„Не се тоа мали простории па да може лесно да се загреат. Трошоците за одржување на таквите објекти ќе бидат многу големи, а тоа не се објекти кои ќе носат пари, туку ќе бидат објекти во кој ќе се трошат пари. Тие објекти чинат многу за да се изградат, а уште толку или слично толку ќе чинат и да се одржуваат.“

Туневски, кој воедно е и член на опозициската СДСМ вели дека богати држави можат да си дозволат слични објекти за кои не би прашувале колку чинат.

„Ние не сме таква држава, ние сме држава која не може тоа да си го дозволи. Постојат такви објекти по светот, но тоа се оние објекти каде сопствениците не прашуваат за пари за одржување или за изградба на тие објекти.“

Во поглед на енергетската ефикасност за сега видни активности се превземаат само во форма на кампањи преку кои се порачува исклучување на греалки, сијалици и затворање на прозорци.