Анѓелков - Немаме стратегија во културната политика

Најсветлиот ИЛИ-ИЛИ момент во 2012. Сопствениците Ненад Стевовиќ(Л) и Игор Анѓелков(Д) со добитничката на Роман на годината на Утрински весник, Снежана Младеновска Анѓелков.

Своите три години на Плоштад Слобода, книгоиздателството „Или-или“ од Скопје ги прослави со традиционалниот „Новогодишен книжевен огномет“ во рамките на кој на своите изданија понуди попусти од 20 до 70 отсто и со обновени сознанија дека книгата повеќе се бара за празниците и дека и натаму, за жал, немаме изградено стратегија не само во издаваштвото туку и во културата воопшто.
Во вторник, на 15 јануари, завршува традиционалниот едномесечен „Новогодишен книжевен огномет“ на книгоиздателството „Или-или“ од Скопје кој и во оваа пригода само ги повтори старите сознанија. Генерално, интересот за книгата во Македонија расне во миговите кога таа преку ваквите акции или мини-книжевни саеми организирани во книжарниците се нуди по драстично намалени цени. Од таму не чуди што издавачите не го кријат задоволството од таквиот однос на читателите, но велат дека далеку сме од анкетите во кои земјава беше ставена на врвот според читаноста во регионов.
Нашите искуства овде не велат така особено познавајќи ја работата на издавачките куќи од балканските земји, од соседна Србија или пак Хрватска, каде што гледаме какви наслови се издаваат, гледаме какви творци гостуваат на нивните саеми или, пак, вообичаено на промоции кога ќе им издадат книга, значи знаат да го донесат самиот автор. За разлика од тоа, во Македонија тоа е реткост и ми се чини дека од некое минорно име на светската книжевна сцена овдешната културна јавност ќе направи доколку дојде писателот некаков си настан што не е во ред бидејќи така работите се насочуваат на друга вода.
Игор Анѓелков, еден од сопствениците на „Или-или“.

„Нашите искуства овде не велат така особено познавајќи ја работата на издавачките куќи од балканските земји, од соседна Србија или пак Хрватска, каде што гледаме какви наслови се издаваат, гледаме какви творци гостуваат на нивните саеми или, пак, вообичаено на промоции кога ќе им издадат книга, значи знаат да го донесат самиот автор. За разлика од тоа, во Македонија тоа е реткост и ми се чини дека од некое минорно име на светската книжевна сцена овдешната културна јавност ќе направи доколку дојде писателот некаков си настан што не е во ред бидејќи така работите се насочуваат на друга вода“, истакнува Игор Анѓелков, еден од сопствениците на „Или-или“.

Логото на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.


Тој дополнува дека читателската публика е доволно умна за да просурфа на интернет и да види кои се модерните тенденции во светската книжевност и потем при средбата со македонското издаваштво да препознае која издавачка куќа навистина работи и следи одредени линии, а која од хоби или само од профит.

„Отсекогаш во културата воопшто, во културната политика на Македонија имало недостаток на стратегија не само во издаваштвото туку генерално на сите полиња, така што тој клучен, магичен збор „стратегија“ конечно треба да се воспостави и да се види кој работи како што треба, а кој не. Понатаму успешните приказни треба да си продолжат, а оние кои што се неуспешни не треба и да постојат.“

Во рамките на овој книжевен огномет „Или-или“ го промовираше првиот роман на Александар Русјаков - „Тринаесеттиот месец“, а Ангелков истакнува дека во рамките на сопствената стратегија тие и натаму ќе продолжат со своите напори да ги стимулираат дебитантите во домашната литература.

„Сакаме да го смениме мислењето на домашната читателска публика дека и овде има квалитетни автори кои не доаѓаат само од постарата или од средната генерација туку и нови млади автори кои имаат импулс во себе, кои знаат тоа да го стават на хартија и нормално, доколку најдеме заеднички јазик, тоа да излезе во рамките на издавачката куќа „Или-или“ и едицијата „ПРОаЗА“.“

Од издавачката куќа забележуваат дека се свесни оти живееме во кризни времиња кога книгата е некаде на подолните места на приоритетите на граѓаните, но дека тие во борбата за опстанок немаат намера да си поигруваат со стекнатата доверба од читателите и да се свртат кон комерцијалните изданија, туку дека ќе продолжат да претставуваат дела од современиот светски роман публикувани во последниве деценија и половина. Согласно таквите настојби тие во периодов што следува на публиката ќе и ги понудат романот „Бели заби“ - клучното дело на Британката Зејди Смит (која патем досега ја познававме по преводот на „Собирач на автограми“), делата на Јулија Франк од Германија и Олга Токарчук од Полска и, конечно, многу популарниот во Македонија Италијанец Александро Барико со „Мистер Гвин“ оригинално објавен во 2011 година.