Достапни линкови

„Актерот“ – роман за голготата на Шишков


„Актерот“ е насловен романот на писателот Братислав Ташковски што како издание на „Матица македонска“ се појави деновиве. Станува збор за дело во кое со разорна раскажувачка поетика е насликана голготата на Ристо Шишков – македонскиот театарски и филмски Исус Христос.

Ехото на романот „Актерот“ од Братислав Ташковски ќе одекне не само во Република Македонија, туку и на сите континенти на кои е распосеана македонската дијаспора, која уште за време на животот го прогласи Ристо Шишков за светец на македонскиот идеализам, ќе забележи Јордан Плевнеш во своето писание за книгата и во емотивно говорење на промоцијата на делото што се одржа на сцената на Македонскиот народен театар.
Со својот уметнички живот и со своето биографско распетие, Беломорски докажува дека Македонија нема избор: таа е вечна како што се вечни сите големи хуманистички идеи на Балканот, во Европа и во светот. Читајте го „Актерот“ и ќе видите зошто Македонија во светот е препознатлива по својата уметност. Како што Русија го има Висоцки, Франција Жерар Филип, Англија Лоренс Оливие...ние го имаме Ристо Шишков.
Јордан Плевнеш, писател.

Тој дополнува дека Македонскиот театарски и филмски Исус Христос и неговата голгота се насликани со разорна поетика која ви го корне срцето и дека додека го читате романот, ако ја погледнете сликата на Рембрант „Час по анатомија“ и го слушате Моцартовиот „Реквием“, тогаш пред вас ќе помине големата поворка од мизерни прогонители, соголени до коска, кои убивајќи го актерот Беломорски, мислеа дека ќе ја убијат Македонија.

„Со својот уметнички живот и со своето биографско распетие, Беломорски докажува дека Македонија нема избор: таа е вечна како што се вечни сите големи хуманистички идеи на Балканот, во Европа и во светот. Читајте го „Актерот“ и ќе видите зошто Македонија во светот е препознатлива по својата уметност. Како што Русија го има Висоцки, Франција Жерар Филип, Англија Лоренс Оливие...ние го имаме Ристо Шишков.“
Значи станува збор за Шишков. За актерот како што вели авторот. Но станува збор за за една исклучително силна фигура, за една еруптивна енергија која никако не може да се вкалапи во просекот на инкубаторот кој што одгледува послушни политички бројлери кои треба да и служат на државата односно на општеството и како корисни единки не смеат да имаат никакви специфични маркери односно не смеат да отскокнуваат од средината.
Венко Андоновски, писател.

Промотерот Венко Андоновски, откако ќе констатира дека македонската книжевност полека започна да пополнува една празна парадигма, една празна графа а тоа се романите за важни легендарни луѓе, вели дека „Актерот“ на некој начин е дело за нашето блиско историско минато, роман на ликот, но тоа е и еден вид роман од политичката парадигма кој не е политички роман. Андоновски дополнува дека тоа е роман за инкубаторот, односно за општеството кое произведува просечни луѓе во својот инкубатор и роман за жестоката интернација на секој кој се разликува од тој просек.

„Значи станува збор за Шишков. За актерот како што вели авторот. Но станува збор за за една исклучително силна фигура, за една еруптивна енергија која никако не може да се вкалапи во просекот на инкубаторот кој што одгледува послушни политички бројлери кои треба да и служат на државата односно на општеството и како корисни единки не смеат да имаат никакви специфични маркери односно не смеат да отскокнуваат од средината.“

Бранко Ставрев, пак, во своите „режисерски импресии од романот на Братислав Ташковски“ истакнува дека „Актерот е роман за шестото струмичко дете“ и дека на авторот му поаѓа од рака инспиративно и автентично уметнички да го трансформира документарниот материјал без трема кога тој влегува во авантура да создаде сопствена приказна од приказната која веќе долго се пренесува безмалку како усно кажување.

„На таков начин досието станува роман од кој натаму може да се сними филм од рангот на еден „Амадеус“ или уште поблиску на еден „Професионалец“. Би бил тоа раскошен филм зошто Актерот ќе го видиме во антологиски секвенци од своите улоги какви што се Креон од Антиката, Никодим Чали од денешницата, Иванов, Хелвелин, Репањ, Гоце, Мите. “

А, Братислав Ташковски, кој за своите дела е добитник на значајни награди како „Браќа Миладиновци“ и Рациновото признание, истакнува дека идејата за романот ја добил пред неколку години кога во еден сега непостоечки неделник пишувал серија текстови за некои луѓе кои се однесувале аморално и нечовечки во претходниот систем. Кога побарал да замине во Белград и да провери некои документи во „Атеље 212“, наместо патен налог добил отказ од работа.

„Добро што го направија тоа бидејќи за тоа време напишав многу романи, многу книга и еве го се роди и „Актерот““, вели Ташковски.

Тој заклучува дека „ништо тајно не останало тајно“ и верува дека наскоро неговата драма „Уааа, седум сцени за Ристо Шишков“ ќе биде поставена како комплетно дело на една од театарските сцени.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG