Тивок премин кон полициска држава

Воислав Стојановски, активист за заштита на човекови права и правен советник во Хелсиншкиот комитет во Скопје.

Тивкиот премин кон полициска држава започна во 2006 кога со закон се дозволи материјалот од јавните собири да се чува цели 6 месеци. Следни на ред се измените во законот за полиција, пишува активистот за човекови права и член на Хелсиншкиот Комитет Воислав Стојановски во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.
Според еден од извештаите на Еуростат, во Македонија во 2008 година, во Министерството за внатрешни работи работно ангажирани биле 9.905 полициски службеници. Тоа значи дека на секои 100.000 жители, ангажирани се 484 полицајци. Според истражување на Обединетите нации, просечниот број на овој сооднос во светот е 300. Во ЕУ, вклучувајќи ги и земјите кандидати, единствено повеќе полицајци во сооднос со жители има во Шпанија и Кипар, земји кои имаат сериозен проблем со сепаратистички движења. И покрај ваквиот показател, а и покрај финансиската криза, се очекува МВР наскоро да вработи уште 300 нови полицајци.
Тивкиот легалистички премин кон полициска држава започна во 2006 година кога преку Законот за полиција се овозможи материјалот, производ на снимањето и фотографирањето кое полицијата го врши на јавни места (на пр. за време на јавни собири) да го чува цели 6 месеци.Ваквите мерки овозможуваат полицијата да има јасна слика за тоа кој протестира, а уште пострашно, каде и во кој период од денот се движи. Иронично, овие снимки ниту ја зголемуваат општата, а ниту безбедноста во сообраќајот.

Бројот на полицајци, се разбира, не е единствениот критериум по кој една држава може да се оценува од аспект на заштита и контрола на општеството. Уште поважни се законитоста и професионалноста во извршувањето на полициските овластувања, како и ефективниот надзор над таквото извршување. И покрај засилените барања за надворешна контрола над полицијата, тие не само што се игнорираат, туку и се преминува кон законски измени преку кои на полицијата ќе и бидат доверени нови, уште поинтрузивни овластувања, без притоа за истите да се предвидат адекватни заштитни механизми за начинот на кој се водат.

Тивкиот легалистички премин кон полициска држава започна во 2006 година кога преку Законот за полиција се овозможи материјалот, производ на снимањето и фотографирањето кое полицијата го врши на јавни места (на пр. за време на јавни собири) да го чува цели 6 месеци. Следеше Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата преку кој во 2007 година се предвиде материјалот снимен од страна на подвижни и статични камери поставени покрај патиштата да може, исто така, да се чува 6 месеци. По тој рок полицијата овие снимки мора да ги уништи, освен доколку на истите не постои доказ дека е извршено прекршочно или кривично дело. Ваквите мерки овозможуваат полицијата да има јасна слика за тоа кој протестира, а уште пострашно, каде и во кој период од денот се движи. Иронично, овие снимки ниту ја зголемуваат општата, а ниту безбедноста во сообраќајот.

Пред два дена беа усвоени измени на Законот за следење на комуникациите кои предвидуваат, наместо само министерот за внатрешни работи, предлог за прислушување да може да даде било кој полицаец. Претходниот закон предвидуваше прислушувањето да може да трае најдолго до 30 дена, а според измените овој рок се продолжува на 4 месеци, но постои можност за дополнително продолжување до 14 месеци. Додека претходниот закон предвидуваше легалното прислушување да може да трае само одредено време, кое е потребно за собирање на податоци заради остварување на целите на следењето, оваа одредба во новиот закон е избришана. Тоа во пракса ќе значи дека за секој оној за кого ќе има наредба да се следи, ќе биде под постојано четиримесечно прислушување, па дури и во текот на следењето да стане извесно дека тој не е вршител на кривични дела.
Освен што сите овие мерки се нејасни, тие можат да допринесат до произволно и незаконско однесување од страна на полицијата со што се отвора можноста за потешки повреди на личниот интегритет, непочитување на приватноста, на личниот и семеен живот, како и на достоинството и угледот на граѓаните.

Следни на ред се измените во Законот за полиција. Без никаква стручна расправа, на крајно нетранспарентен начин и во екот на летните одмори (еден ден пред едномесечниот одмор на Собранието), МВР ги предложи измените кои се веќе во собраниска процедура. Предлогот предвидува воспоставување на „зајакната оперативна контрола“ на лица и објекти, без притоа да се дефинира за каков вид на контрола се работи. Особено загрижува фактот што воопшто не се утврдени методите на ваквиот вид на контрола поради што постои опасност граѓаните да бидат подложени на тајно следење, аудио, видео и електронски надзор, без за тоа да бидат свесни, а траењето на таквиот вид на контрола да зависи единствено од одлука на полицијата, а не на суд како што е случајот со легалното прислушување.

Понатаму е предвидено „прикриено полициско дејствување“, собирање на информации од граѓани (доушници) како „прикриени извори на информации“ и „засилено прикриено набљудување и оперативен надзор на јавни места“. Ниту за еден од овие термини не постои дефиниција. Особено нејасно е дали засиленото прикриено набљудување значи само визуелна опсервација на одредено лице, или набљудувањето вклучува и видео, односно електронски надзор. Дополнително, не е утврден максимално дозволен период во кој лицето би можело да биде набљудувано, како ниту простор односно место на кое може да се врши набљудувањето. Освен што сите овие мерки се нејасни, тие можат да допринесат до произволно и незаконско однесување од страна на полицијата со што се отвора можноста за потешки повреди на личниот интегритет, непочитување на приватноста, на личниот и семеен живот, како и на достоинството и угледот на граѓаните.

Предлогот содржи и измени во начинот на кој полицијата ја води својата евиденција. Предвидени се неверојатни 50 вида на евиденција, кои ќе се чуваат од 2 години до трајно. Така на пример доколку непрописно сте преминале улица и за тоа ве повикаат на суд, полицијата вашето име и податоци ќе ги чува 5 години. Исто толку време ќе бидете на списокот на полицијата доколку сте поднеле поплака против полициски службеник(!). Учество во сообраќајна незгода пак значи дека вашите податоци ќе се чуваат 10 години. Во најлош случај, доколку сте сторител на кривично дело, без разлика на висината на казната, полицијата за вас ќе знае сé дури сте живи.