Достапни линкови

Мартин Нешкоски - убиство или несреќен случај?


Воислав Стојановски
Воислав Стојановски

Револтиран од ваквиот однос на институциите, решив доброволно да го набљудувам целиот судски процес. Досега се одржаа 10 рочишта, а пресудата се очекува да биде донесена овој месец, пишува за РСЕ Воислав Стојановски – активист на Движењето „Стоп за полициска бруталност“.

Пет месеци по немилиот настан во кој згасна животот на младиот Мартин, започна судскиот процес против Игор Спасов – припадник на Единицата за специјални задачи при МВР и единствениот обвинет за настаните од кобната вечер на 6 јуни 2011. На судскиот процес му претходеа секојдневни улични протести, сомнителните изјави на МВР дека немаат информација што се случило таа ноќ и долгата, крајно пасивна и непотполна истрага од страна на Јавното обвинителство.

Револтиран од ваквиот однос на институциите, решив доброволно да го набљудувам целиот судски процес. Досега се одржаа 10 рочишта, а пресудата се очекува да биде донесена овој месец. Во продолжение следува резиме од исказот на обвинетиот и сведочењата на очевидците, службените лица и вештаците. Со цел јавноста да биде непристрасно известена, се воздржувам од лични видувања и коментари со цел да му овозможам на читателот самиот да ги изведе заклучоците.

Исказот на Игор Спасов

На 5 јуни 2011, доаѓајќи во Скопје од Куманово (каде обвинетиот околу 15 часа го обезбедувал изборниот процес), Спасов кратко пред полноќ од својот старешина добил телефонска наредба да продолжи со обезбедување на премиерот. Пред случувањата на плоштадот, тој на двапати го забележал Мартин како се обидува да се доближи до премиерот – еднаш пред Домот на АРМ и вториот пат на улица „Македонија“. Ваквите обиди биле спречени од обезбедувањето. Третиот обид се случил крај бината на која се одвивала прославата за изборната победа. И покрај тоа што Мартин бил предупреден од униформирани полицајци, тој не се откажал од настојувањето да пријде до бината. На ова реагирал Спасов извикувајќи „каде бе?“, по што Мартин почнал да бега, а Спасов започнал да го брка. Упорните обиди за пробивање на безбедносниот кордон биле симптоматични, па негова задача била лицето да го уапси и приведе во полициска станица. Во моментот кога Спасов се доближил до Мартин, тој се сопнал од кабел, со главата удрил во плочникот по што останал да лежи. Мислејќи дека симулира, Спасов го подудрил со нога но забележал дека Мартин е во бесознание по што веднаш се обидел да го реанимира. Набрзо на местото на настанот пристигнале споменатите униформирани полицајци кои повикале брза помош по што Спасов ги известил дека поради своите обврски мора да се врати кај бината. Во тоа не бил спречен од полицајците кои не му побарале да се легитимира. Иако на почетокот на судењето Спасов не откриваше детали за настаните по неговото напуштање, подоцна изјави дека за настанот составил службена белешка која била уништена од неговите претпоставени.

Сведочењата на очевидците

Најголем дел од очевидците не можеа со сигурност да потврдат дали напаѓачот кој го виделе е Спасов. За разлика од времето на настанот, тој во судницата се појави видно ослабен, со коса и брада. Многу мал број на очевидци ја потврдија веродостојноста на неговиот исказ. Останатите кои беа значително мнозинство говореа за една сосема поинаква верзија на настаните.
Оние очевидци кои се обиделе да пристапат до Мартин во тоа биле спречени од страна на корпулентен полицаец во цивилна облека кој им се легитимирал. На дел им било речено „бегај и тебе да не те снајде истото“


Според нив, во моментот кога Спасов го достигнал Мартин, му задал удар со тупаница одзади по што тој паднал но се задржал на едната рака. Обидувајќи се да стане извикал „не ме тепај“ но Спасов без задршка продолжил да му нанесува молскавични удари со двете раце по главата, а потоа и со нозете по телото. Дел од очевидците бруталноста на нападот ја опишуваа визуелно, преку гестикулации. Еден изјави дека такво крвничко тепање видел само на филм, додека друг кажа дека по настанот не може мирно да спие. Оние очевидци кои се обиделе да пристапат до Мартин во тоа биле спречени од страна на корпулентен полицаец во цивилна облека кој им се легитимирал. На дел им било речено „бегај и тебе да не те снајде истото“.

Сведочењата на службените лица

Првите униформирани полицајци кои пристигнале на местото на настанот потврдија дека со Мартин разговарале кај бината. По бркотницата биле повикани од толпата луѓе, а кога пристигнале на местото и прашале што се случило, Спасов им кажал дека на Мартин му се слошило. Еден од полицајците изјави дека ниту некого легитимирал, ниту ги прашал насобраните што се случило. Според него, тоа можеби било грешка. Спасов не го легитимирале затоа што им изгледал како лице од обезбедување. Траги на насилство кај Мартин не забележале. Следни на местото пристигнале докторка и медицинска сестра кои констатирале смрт, но не забележале траги на насилство. По кратко време пристигнала и екипата од Крвни деликти чии припадници забележале повреди (и одбранбени рани) по лицето и телото на Мартин. Од неколку очевидци им било предочено дека имало бркотница и физички напад за што го известиле Дежурниот оперативен центар на МВР. Во судот се појавија десетина колеги на Спасов кои вечерта биле на плоштадот. Спасов тврдеше дека и тие како него биле работно ангажирани. Сите, без исклучок, го негираа ваквото тврдење изјавувајќи дека на плоштадот биле како граѓани, а работниот ангажман им завршил пред полноќ. Иако овие сведоци имаа најконтрадикторни изјави, а дел од нив и се соочија со Спасов, останаа на официјалниот став на МВР дека ним и на Спасов работното време им било до 23:30 часот, односно пред почетокот на прославата за изборната победа. На последното рочиште судот се изјасни дека за квалификацијата „убиство“, во овој случај, воопшто не е важно дали тој бил на работа или не. Со тоа завршија напорите на Спасов да докаже дека бил работно ангажиран.

Сведочењата на вештите лица

Последното, исклучително значајно рочиште, требаше да даде одговор на прашањето која е причината за смртта на Мартин. Според невропсихијатарот и психологот, Спасов е екстровертен, амбициозен и упорен, со несигурност на планот на емоционалната контрола. За време на настанот бил целосно пресметлив, а самиот чин на бегање на Мартин претставувало најголема провокација, затоа што Спасов се чувствувал силен и не можел да дозволи некој да му побегне. Вештаците од судска медицина детално ги опишаа надворешните и внатрешните рани од повреди на над 20 делови од телото кои настанале како директна или индиректна последица од удари. Причината за смртта е крвавење во мозокот, предизвикано од директно делување на тапо-тврда, динамична, брза и краткотрајна сила со што се исклучува можноста смртната повреда да настанала од удар со глава во плочник.

Воислав Стојановски – докторант на Универзитетот Масарик во Брно и активист на Движењето Стоп за полициска бруталност.
XS
SM
MD
LG