Достапни линкови

Нема политичка волја за вистинска контрола на „големото уво“


Упатените реагираат дека има многу недоречености во законските решенија за контрола над службите за разузнавање.

Нема политичка волја за да се овозможи вистинска контрола на работата на службите за разузнавање, затоа што со новите законски решенија се отвора можност само за надмудрување на парламентарците, велат пратениците од опозицијата и дел од експертите. Со новите законски измени е предвидено собраниската комисија за надзор на мерките за следење комуникации да може ненајавено и во полн состав да изврши контрола во просториите за прислушување на МВР, на финансиската полиција, на Царинската управа и во Министерството за одбрана.
Треба да сфатиме дека таа комисија е составена од членови-пратеници од власта и од опозицијата. Значи прво дискутабилно прашање е дали таа некогаш ќе се состане во полн состав. Второто прашање е што ако некој од членовите на комисијата им шепне на тие каде што треба да се врши контрола, да каже еве ние доаѓаме, повторно таа контрола е неуспешна. Треба да се знае дека само три секунди се потребни да ги избришете сите нелегални следења на електронските комуникации.
Владимир Пивоваров, поранешен разузнавач и универзитетски професор.

Поранешниот разузнавач и универзитетски професор Владимир Пивоваров вели дека тука е и првата замка.

„Треба да сфатиме дека таа комисија е составена од членови-пратеници од власта и од опозицијата. Значи прво дискутабилно прашање е дали таа некогаш ќе се состане во полн состав. Второто прашање е што ако некој од членовите на комисијата им шепне на тие каде што треба да се врши контрола, да каже еве ние доаѓаме, повторно таа контрола е неуспешна. Треба да се знае дека само три секунди се потребни да ги избришете сите нелегални следења на електронските комуникации.“

Претседателот на собраниската комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите Тито Петковски вели дека дека тој член од законот не смее така да се толкува.
Тоа е изигрување пар екселанс, ако се мисли дека само во полн состав комисијата може да врши контрола. Јас се надевам дека во оваа фаза и тој амандман ќе биде прифатен, да се појасни дека не станува збор само за условот во полн состав, туку дури и во полн состав, значи во состав што ќе го определи самата комисија, а не да зависиме пак од тоа дали ќе бидеме само еден, двајца, тројца или како што се сфаќа директно нормата, само во полн состав.
Тито Петковски, пратеник од НСДП, претседател на собраниската комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите.

„Тоа е изигрување пар екселанс, ако се мисли дека само во полн состав комисијата може да врши контрола. Јас се надевам дека во оваа фаза и тој амандман ќе биде прифатен, да се појасни дека не станува збор само за условот во полн состав, туку дури и во полн состав, значи во состав што ќе го определи самата комисија, а не да зависиме пак од тоа дали ќе бидеме само еден, двајца, тројца или како што се сфаќа директно нормата, само во полн состав.“

Тој додава дека суштинската забелешка, изземањето на министерот за внатрешни работи како главен фактор во следењето на комуникациите е направена во законот, но само технички.

Според законот, контрола над прислушувањето ќе врши и јавниот обвинител. Тој ќе им доставува наредби директно на старешините на организациските единици во МВР, во Управата за финансиска полиција или Царинската управа, кои ќе следат комуникации.

Но кога станува збор за спроведување во пракса постои проблем затоа што се одложува примената на законот односно префрлањето на ингеренциите во Јавното обвинителство коешто треба да им издава наредби директно на старешините во МВР, Финансиска полиција или Царинската управа. Власта го оправдува пролонгирањето со немањето на материјални, технички, кадровски и просторни услови на Јавното обвинителство.

„Тоа свесно е оставено да нема таков капацитет, да нема потенцијал, бидејќи постојано укажуваат јавните обвинители дека немаат елементарни услови, немаат компјутери, дека немаат кадар, 92-93 отсто се партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, значи свесно се одеше на оневозможување Јавното обвинителство да ги преземе тие функции“, вели Петковски.

Со законските измени, според МВР, се надминуваат забелешките на Европската комисија, која побара министерот за внатрешни работи да биде исклучен од процесот на одлучување чии комуникациите би се следеле.

Пивоваров вели дека поради лошо спакуваните измени повторно може да очекуваме забелешки од меѓународната заедница кои и домашната експертска јавност ги посочува, но власта ги игнорира.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG