Наместо помирување, нов раздор

Mинистерот за одбрана Фатмир Бесими и делегација на АРМ положија цвеќе на споменик на загинатите припадници на ОНА во село Слупачане.

Дали случајот Слупчане го оддалечува толку потребното помирување во Македонија?
Претседателот на државата може само на Генералштабот да му наложи да го испита случајот во Слупчане, вели Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност, и додава дека Претседателот не може да им наложува ниту на министерот ниту на владата. Марковски ова го кажа по вчерашното соопштение од кабинетот на Иванов во кое тој вели дека надлежните органи треба да го расветлат случајот со положувањето цвеќе пред споменик на ОНА од министерот за одбрана и делегација на АРМ.
И законот за одбрана и за служба во АРМ покажуваат дека припадниците на АРМ направиле дисциплински престап што учествувале на партиско политички настан. И владата тоа го изјави. Сега не знам колку има тука можности за дополнителни некои испитувања. Веројатно претседателот мислеше да се утврди дали е тоа навистина партиско-политички настан или се работи за државна манифестација. Е тука се тие дилеми што треба се испитаат. Нема што друго. Генералштабот за војниците, кои се тие војници, во кое време присуствувале таму, дали за време на работно време итн.
Благоја Марковски, Балкански форум за безбедност.

„И законот за одбрана и за служба во АРМ покажуваат дека припадниците на АРМ направиле дисциплински престап што учествувале на партиско политички настан. И владата тоа го изјави. Сега не знам колку има тука можности за дополнителни некои испитувања. Веројатно претседателот мислеше да се утврди дали е тоа навистина партиско-политички настан или се работи за државна манифестација. Е тука се тие дилеми што треба се испитаат. Нема што друго. Генералштабот за војниците, кои се тие војници, во кое време присуствувале таму, дали за време на работно време итн.“

Други аналитичари сметаат дека соопштението од Кабинетот е повеќе израз на став отколку усмерување како целиот процес треба да се движи.

Министерот за одбрана Фатмир Бесими и Шефот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котевски положија цвеќиња на споменикот на загинатите бранители во 2001 на 7 август 2012 година.


„Тоа за мене е игра на зборови. Министерствата немаат внатрешни контроли па да проверат како се постапува во тие министерства или евентуално некоја претставка од некоја второстепена комисија“, изјави Алберт Муслиу.

Благоја Марковски вели дека политичките ставови партиите не успеваат и натаму да ги стават настрана од она што значи законитост на институциите. Конфликтот во 2001 година е далеку единаесет години. Можно ли е целосно помирување или постојано ќе има тензии?

„Мислам дека времето досега се уште не ги излечило раните и многу е рано да се зборува за помирување. За тоа може да се зборува доколку се создадат услови за тоа и доколку се работи на поширок план во сите институции на државата. Треба да помине подолг период за таква идеја“, вели Марковски.

Муслиу сугерира дека во мултиетничко општество, меѓуетничките односи постојано треба да се менаџираат, но без исклучивост и тенденциозност и без злоупотребување во дневно-политички цели.

„Предизвикот е токму во тоа да се покаже доблест и да се има позитивен пристап кон менаџирање евентуални инциденти или процеси кои од едната или другата страна може да се видат како провокативни“, вели Муслиу.