МАНУ - Јадро на мозоци или друштво на суети?

Премиерот Никола Груевски на промоцијата на изданијата од едицијата „130 тома македонска книжевност“ на англиски јазик во МАНУ на 8 септември 2011 година.

Пасивна институција под политички капа, наместо установа на најголемите умови. Ова е описот на МАНУ, според дел од експертската јавност.
Во изминатите дваесеттина години, Македонската академија за науки и уметности ја карактеризираше пасивност во донесувањето на клучни одлуки за општеството и во барањето решенија во историски моменти за државата, оценува стручната јавност. Иако оваа академија и оние кои седат во неа треба да бидат синоним за врвно знаење и вистински проценки за одредени состојби, оваа институција во македонски услови функционира поинаку, вели универзитетскиот професор Мустафа Абзим.
Кај нас изгледа се е политизирано или се избираат во таа Академија на најумните луѓе, луѓе кои се склони кон одредени личности односно блиски до власта, до партиите итн.
Мустафа Абзим, универзитетски професор.

„Кај нас изгледа се е политизирано или се избираат во таа Академија на најумните луѓе, луѓе кои се склони кон одредени личности односно блиски до власта, до партиите итн.“

Зградата на МАНУ.


МАНУ е еден остаток од поранешниот систем кој сакаше да го промовира и заштити самата држава, вели професорката Мирјана Најчевска, според која, наместо јадро на мозоците на една држава, оваа установа се претвори во натпревар на суети и достигнување на повисок општествен статус.
Всушност се претвори во место каде што се задоволуваа одредени суети, се задоволуваше одреден престиж кој на друг начин не можеше да биде задоволен и се подвладуваше на сето тоа што претставува политичка структура или моментален владеачки естаблишмент.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

„Всушност се претвори во место каде што се задоволуваа одредени суети, се задоволуваше одреден престиж кој на друг начин не можеше да биде задоволен и се подвладуваше на сето тоа што претставува политичка структура или моментален владеачки естаблишмент.“

Токму затоа, Абзим смета дека е потребно менување на организационата поставеност на академијата, но и промени во изборот на новите членови. Мешањето на науката и политиката во оваа установа е причината за пасивниот однос на МАНУ и нејзиниот сервилен однос кон власта, велат експертите.

„Влегуваат одредени научници кои на некој начин не им даваат шанса на младите да се вклучат за да ја развијат науката.“

За разлика од оние кои сметаат дека академијата даде одреден придонес во заштитата на одредени уметничлки и научни вредности, Најчевска е категорична дека во ниту еден момент оваа институција не ја презеде нејзината вистинска улога.

„Значи на никој начин не го зазеде местото на промотор на науката, на бранител на науката, на структура која ќе го внесе теорискиот елемент во практичното делување.“

Не ретко оваа институција беше мета на дневнополитички превирања. За време на конфликтот во 2001 година, од МАНУ произлезе идејата за размена на територии во западна Македонија како еден од начините за надминување на проблемот, а пред неколку години енциклопедијата што ја објави Академијата ги разбранува меѓуетничките односи во државата.