Одложено судењето за смртта на матурантот Јашари

Активисти на граѓанската иницијатива „Заедно за мир“ се собраа пред Основниот суд Скопје 1 во знак на поддршка на семејството Јашари.

По вторпат беше одложено судењето за смртта на матурантот Мухамед Али Јашари. Семејството бара правично судење во разумен рок.
По вторпат беше одложено судењето за смртта на средношколецот Мухамед Али Јашари, кој почина минатата година по зададените удари во дворот на средното градежно училиште Здравко Цветковски во Скопје. Причина за одложувањето е тоа што не дојде адвокатот на едно од обвинетите момчиња. Пред судот, граѓанската иницијатива „Заедно за мир“ одржа мирен собир во знак на поддршка на семејството Јашари. Иницијативата ги поддржува барањата на семејството на убиеното момче тројцата обвинети, меѓу кои еден малолетник, да одговараат за убиство, наместо за тешки телесни повреди со смртни последици.
Сакаат, душата ги боли буквално, дете изгубиле, брилијантно дете, сакаат да се утврди вистината и да чујат евентуално дали имало некакви посебни мотиви, зошто детето да им биде убиено кога ништо лошо не сторило.
Ефто Спировски, адвокат на семејството Јашари.

Адвокатот на семејството Јашари, Ефто Спировски вели дека ако во судењето се утврди дека постоела намера за убиство, обвинението може и да се промени, но оти се уште е рано за тоа.

Фетие Јашари, мајка на убиениот средношколец Мухамед Али Јашари пред Основниот суд Скопје 1.


„Битно е за нив да се утврди вистината, дали имало некакви мотиви за да се направи убиство или тешка телесна повреда што ќе се утврди во текот на постапката. Така што не им дошло ни до штетата. Сакаат, душата ги боли буквално, дете изгубиле, брилијантно дете, сакаат да се утврди вистината и да чујат евентуално дали имало некакви посебни мотиви, зошто детето да им биде убиено кога ништо лошо не сторило“, вели Спировски.

Адвокатот на еден од обвинетите, Јован Јоанидис, пак, се повикува на извештајот од судска медицина кој покажува дека починатото момче имало природни аномалии на срцето кои допринеле ударот да има смртен исход.
Семејството го разбирам што бара и има право да бара, меѓутоа невладините организации не ги разбирам, затоа што е неспорно, и науката потврдила и судска медицина потврди, дека се работи за природна смрт кај младото момче.
Јован Јоанидис, адвокат на еден од обвинетите. .

„Семејството го разбирам што бара и има право да бара, меѓутоа невладините организации не ги разбирам, затоа што е неспорно, и науката потврдила и судска медицина потврди, дека се работи за природна смрт кај младото момче.“

Неколкуте десетини активисти на граѓанската иницијатива „Заедно за мир“, кои се собраа пред судот, велат дека ги поддржуваат барањата на семејството за правично судење во разумен рок.

Фактот што судењето не започнува, правдата не се задоволува и случајот не се решава во разумен рок, испраќа јасна порака до насилниците во државава дека насилството поминува неказнето, а граѓаните се демотивираат во барањето на правдата и вербата во судскиот систем, велат во движењето „Заедно за мир“.

„Овие случаи и воопшто и други случаи треба да се решаваат брзо за да се прати порака до сите криминалци, до сите насилници дека не може да избегаат од лицето на правдата“, вели Зоран Стојковски од граѓанската иницијатива „Заедно за мир“.

Судскиот процес кој двапати се одложува е презакажан за 4 мај годинава.

Матурантот Мухамед Али Јашари на 8 април минатата година, при тепачка во дворот на градежното училиште Здравко Цветковски, застанал во одбрана на соученик при што бил удрен со тврд предмет во градите по што починал.